Лидија Димковска и Алеш Мустар, поезија

Во овој поетски прилог, по една ангажирана песна од македонската поетеса и романсиерка Лидија Димковска и словенечкиот поет и преведувач Алеш Мустар, од нивните збирки „Црно на бело“ и „Средни години“, дел од едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ.

Сириско утро

Во 7 и 40 часот
чистачот со метла ги поминува
решетките на оградата
пред сириската амбасада.
Паѓаат ноќните пеперутки
низ ситото на јавето,
мушичките се одлепуваат нагло
истргнати од своето јаство.
Чистачот ја водени метлата во сина кофа
и држејќи ја со двете раце
ги брише решетките една по една.
Се ронат и последните комарци.
Само капките размачкана крв
никако да се измијат,
длабоко навлегле под кожата на железото
и молкома трпнат.
Чистачот со нокти струга дамка по дамка.
Но крвта на Сирија се засирила,
секоја нова капка тече навнатре, не надвор од раната.
Како може во 8 часот да е сѐ уште ноќ,
си вели чистачот,
ја подистура кофата во канализацијата
и со метлата што му капе врз рамето
трга кон задниот дел на амбасадата.
А таму – недоброј буба-мари, големи, средни и мали,
го прекриле плочникот, додека од горниот прозорец
едно дете придушено им вика: „Летајте, бегајте оттука!“
Буба-марите божем во бунило
не знаат дека иронијата може секогаш да биде
поголема од животот,
и дека нив, бегалци од Сирија,
криумчарот ги исфрлил од камионот
токму зад сириската амбасада,
како во мртва природа стојат затечени
пред чистачот кој знае дека светот ќе ги згази
дури и кога тој сите би ги спасил.
А сепак, ги турка со метлата удолу, кон пругата,
преку уште една граница.
Се ретчи животот, се збива смртта.
Во овој кварт, си вели, никогаш нема да се раздени.
Од историјата со внатрешно крвавење
секогаш се излегува со помодрени раце
и колку и да се тресе метлата зад себе
потешка е и од иднината на новородено бебе.

Реквием за Ајлан Курди

Со мозокот пренатрупан
со училишна материја
наместо со етика,
во мојата безбедна прегратка
Ема и ноќва ги затвори очињата.
И ти, драг Ајлан, ги затвори,
но засекогаш,
во прегратката на студената вода.
Сам самичок засекогаш заспа
на брегот на Егејското Море,
во кое секое лето се капат
и премногу европски туристи
кои до враќањето дома
зад себе двапати ја заклучуваат вратата
пред натрапниците.
Лесен да ти е песокот, Ајлан,
сега можеш мирно да градиш замоци во облаците.
Нека те чуваат Бог, Алах,
Кришна, Вишну, Шива.
Веста за твојата смрт го преплави светот,
социјалните мрежи,
жолтиот, црвениот и црниот печат.
Милион луѓе ја лајкнуваа твојата смрт на Фејсбук.
Ајлан, граничните чувари не читаат
ни свети книги ни белетристика,
ни басни од Езоп ни приказни од Андерсен,
само закони, постудени од водата што те исфрли на брегот.
Затоа ангелот чувар нека те придружува во вечноста.
Спиј мирно, драг Ајлан.
Твојата смрт нека им ги исуши рацете на оние
кои врз твоите врсници користат солзавец,
нека им се заглави во грлата на политичарите
среде деловните вечери
и нека чука врз совеста на крутите бирократи!

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *