На 27 март имавме исклучителна можност во иста вечер да присуствуваме на проекциите на двата нови документарни филмови од македонските автори Роберт Јанкулоски и Владимир Блажевски, од 19 и 21 часот, секако, во омилената сала на Кинотеката. И ако „Манаки – Приказна во слики“ на Јанкулоски својата официјална скопска премиера ја доживеа на почетокот од месецот, па ова беше репризно прикажување за сите оние кои беа спречени да дојдат, тогаш за „Театарот во Скупи“ на Владимир Блажевски ова беше официјалната премиера токму во оваа специјална вечер, кога на едно место се собраа луѓето од филмската фела, но и оние, секогаш љубопитните проследувачи на квалитетните остварувања во Седмата уметност.
Документарниот филм „Манаки – Приказна во слики“ има појдовна точка при раскажувањето на животната приказна за браќата Манаки исклучиво низ фотографии. Сосема разбирливо, кога се работи за човекот кој авторски стои зад овој проект: Роберт Јанкулоски е пред сè фотограф, и јазикот кој совршено го познава фантастично го претопил во едночасовно филмско доживување кое ни дава фасцинантни податоци за животот и делото на легендарните балкански сниматели – првенци. На тој начин Јанкулоски ги оживеал фотографиите од монографијата за Манаки издадена од него кон крајот на 2017 година, уште еден одлично финализиран продукт, во кој на дигитализираните репродукции на оригиналните фотографски стаклени плочи на браќата уште им фалеше вдахнување на духот од она време кога сè изгледало повозбудливо, бидејќи новите времиња носеле и нови предизвици.
„Манаки – Приказна во слики“ фактографски ни раскажува за националноста, карактерите и контекстот/времето во кое живееле славните браќа кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Јанкулоски со ко-сценаристката Илинденка Петрушевска го обработуваат периодот од нивното раѓање, првото фото студио во младоста во Јанина (1898), доселувањето во Битола, заминувањето во Романија и прогласувањето за официјални фотографи на тамошниот крал (подоцна истата титула ја добиле и од турскиот султан и од српскиот крал Караѓорѓевиќ), преку голготата на постариот Јанаки и неговиот тригодишен престој во Пловдив, па се’ до смртта на обајцата на средината од минатиот век. Со тоа тие ги рушат сите илузии на балканските националисти кои се тепаат да го присвојат ликот и делото на Манакиевци, културолошки прогласувајќи ги за „граѓани на светот“, мудро избегнувајќи ја стапицата која грчкиот режисер Тео Ангелопулос ја направи во 1995 година во канскиот Палмоносец „Погледот на Одисеј“ (Ulysses’ gaze).
Најзначаен и најинтересн дел од филмот е оној од нивната „битолска фаза“, кога се случил и најголемиот дел од нивното творештво. Со отворањето на битолското фото студио на 08 декември 1905 година, браќата Манаки, само десет години по првата филмска проекција во Париз на браќата Лимиер (28 декември 1895), со својата пионерска работа на овие простори влегуваат во аналите на светското културно наследство. Својата претежно фотографска дејност ја надополнуваат со легендарните снимки со биоскопската „Камера 300“, за подоцна, во 1923 година, на Широк сокак, да ги забавуваат битолчани и патниците-намерници со кино-проекции сè до затворањето на киното во предвечерјето на Втората светска војна, во 1939 година. Јанкулоски сето ова ни го доловува преку антологиски фотографии, кои претставуваат вистински учебник за сите вљубеници, бидејќи фотографиите на браќата Манаки се како фото лексикон за сите можни жарнови кои постојат: воена фотографија, свадбена, урбана, пејзажна… а најкарактеристични се нивните фотки со масовни сцени и оние, симпатичните студиски фотографии на разни ликови од тоа време, кои зад погледот кријат илјадници приказни.
Врв на шлагот од понудената филмска сторија се изјавите на новинарот Таки Димитровски, долгогодишен дописник на Нова Македонија од Битола, кој бил близок пријател на помладиот, Милтон, сè до неговата смрт во 60-те години. Неговите прецизни сеќавања на времето поминато со господинот Манаки се вистински печат на едно време кое никогаш нема да се врати, но мудро е запечатено зад фотографиите кои се сведоштво за еден бурен Балкан, кој истрпел пар балкански војни и две светски соочувања преку нишанот. Авторот на филмот умешно ја заокружува приказната со сеќавањето на Такец на изјавата на помладиот Манаки, кој во една прилика му рекол дека еден ден неговата работа ќе ја слават следните генерации, иако во моментот (можеби) не биле свесни за големината и значењето на неговата заоставштина. Со тоа на сребрената лента Јанкулоски забележа уште една, прецизна трага поткрепена со истражувани факти за големината на кинематограферските браќа, надвор од шпекулациите и обидите истите да се кренат на ниво на мит во децениите наназад, што секако, е беспотребен обид да се зголеми нивната важност, која е несомнена.
Малкумина знаеја дека паралелно со снимањето на неговото последно долгометражно играно остварување „Година на мајмунот“, режисерот Владимир Блажевски работеше и на документарниот проект насловен „Театарот во Скупи“. Резултатите од тој неколкугодишен ангажман, започнат во 2014 година, конечно ги видовме на големото платно спакувани во педесет и кусур минутен научно-образовен филм кој го документира комплетниот процес на обнова на римскиот театар во Скупи, чие (ре)откривање се случува со децении наназад, но, очигледно, овој пат со прилично сериозни резултати, кои Блажевски и филмската екипа ни ги подаруваат одблизу на нам, гледачите. Иако фокусот, како што кажува и самиот наслов, е театарот во Скупи како најголемиот од ваков вид кај нас, дури и од попознатите Стоби, Лихнидос и Хераклеја, документарниот филм сепак ја контекстуализира приказната и истовремено ни раскажува за историјата на Скупи низ вековите, и уште поважно, не’ запознава со основите на археологијата и тајните на конзерваторството.
Блажевски, без многу мудрување, ни дава класичен училиштен пример како треба да се реализира ваков тип на наменски документарец, кој ги содржи сите класични елементи кои треба да се застапени во научно-документарниот тип на филм: нараторот ни сервира строго научни сознанија, соговорниците се стручни лица (археолози, историчари, архитекти…) кои си ја познаваат својата дејност, а дејствието си има свој вовед, развој и заклучок. За целите на овој проект се користени архивски филмски материјали кои за момент го доловуваат можниот раскош на Скупи пред многу векови, и секако, 3-Д анимациите за изгледот на театарот во неговиот врв и процут. Постојаното навраќање и користење на овие лајт-мотиви го принудуваат гледачот за момент да заборави на нивната намена и да помисли дека токму тие материјали се ископани од долните слоеви на старото Скупи и конечно и’ се прикажуваат на јавноста, така збогатувајќи ја филмската историја со уште 15-20 векови наназад. Со оваа постапка Блажевски како да се обидел да влезе во археолошки филм и следејќи ги каноните во оваа наука, сакал истите да ги примени и во филмското милје. И секако, успеал во тоа.
Но, за сето ова да изгледа уверливо придонесува и останатиот дел од екипата. Кинематограферот Димо Попов поетично ги слика луѓето на теренот додека внимателно со метличките ги тргаат вековните слоеви од земјата кои кријат возбудливи тајни, секогаш на крајот враќајќи нè на мотивот на зајдисонцето, а потоа неговиот суптилен швенк со камерата нè втурнува во светлата лабораторија на конзерваторите, кои скршените парчиња внимателно ги обновуваат, за потоа со гордост да и’ ги претстават на јавноста. Монтажата на Благоја Неделковски е школска, а зачинот го дава сугестивната музика на Александар Пејовски, кој секогаш знае да се прилагоди на темата и да погоди во центарот.