Може ли тој да ти биде претседател?

Еве една книжевно-претседателска приказна, по повод претстојните претседателски избори во Македонија 😉

Извадок од  романот „Нашиот човек на теренот“ на Роберт Перишиќ (Награда на „Јутарњи лист“ за најдобро прозно дело во Хрватска во 2007 година)

„Еве што ми раскажа Олениќ:
„…И кога веќе бев долу, си реков, да му се јавам на Киро, ете, си мислам, кога ќе појдеш во некоја држава и го знаше претседателот, штета е да не го посетиш… Киро таман беше при крај на вториот мандат, па сметав дека нема многу работа… И седиме ние во неговиот кабинет, мобилниот нон-стоп му ѕвони, тој само што го добил, па не знаеше да го исклучи. А не знаев ниту јас.

И така… Мобилниот му ѕвони, јас му се жалам за нашите пензии… и во еден момент тој ме прашува за мислење – кој би можел да го замени на претседателското место?
(…) И јас му велам: „Па не знам, не следам доволно, можеби Васил Тупурковски“… Оној Тупурковски, знаете кој? Оној мешлестиот мустаклија, оној што секогаш носи некои џемпери. А не беше глупав. И имаше искуство, политичко, уште од Југославија, и социјалист е, па сметав дека би можел да биде добар…

И тогаш Киро ми вели: „Да, Васил, и јас размислував за него… Не дека има подобри, но не знам ни самиот…“

Се замисли Киро, гледа пред себе…

И овде Киро ме прашува: „Се сеќаваш ли ти, Оле, кога се распаѓаше Југославија?“
„Се сеќавам“, велам јас.

И Киро започна: „Се одржуваше тој последен Конгрес на партијата…“
Разбирате, Киро почна да ми раскажува за таа последна седница на која се’отиде по ѓаволите, зашто најпрво излегоа Словенците, па потоа Рачан ги поведе и Хрватите… Но пред тие да излезат, кажува Киро, а тоа траеше цел божји ден, зашто се редеа дискусии, кавги и нон-стоп имаше некаква драма, напнатоста траеше со часови, падна и ноќ, а седницата никако да заврши, па Васил, кој седел до него, како што кажуваше Киро, постојано му шепотел на уво дека прегладнел, дека не можел веќе да издржи, дека ќе излезел…

А Киро му велел, чекај, гледаш дека сите сакаат да си одат, и Словенците, и Хрватите, па ако заминеш сега и ти, ќе испадне дека ние Македонците први сме излегле… Не смееш да излезеш, му рекол Киро, и овој едвај некако го послушал…
И потоа, кога Словенците излегле, Васил пак му шепнал на Киро: “Е сега отидов и јас“.
Но Киро не му дозволил.

„Ама јас умирам од глад“, велел Васил. А Киро го смирувал, му велел да се стрпи, гледаш дека државата се распаѓа, да го ебеш… Не сакам да испадне дека ние сме ја срушиле Југославија зашто ти си прегладнел, велел Киро, чекај ја паузата, инаку ќе ти суди историјата…

И добро, вели Киро, за среќа и овие другите огладнеа, направија некаква шведска маса и таму Васил се наполни, а јас зедов само две канапеа, вели Киро, немав волја за ништо, разбираш, не ми беше дојдено до ништо зашто знаев што следува… Можев веќе и мртвите да ги бројам, верувај ми, имав искуство… Ова јас сега ви го раскажувам како на мене Киро што ми го раскажуваше, сфаќате…

И, се вративме ние на седницата после таа шведска маса, вели Киро, но набргу таа заврши, зашто во салата не се вратија ниту Словенците, ниту Хрватите… И сега јас во детали не можам да се сетам што се’ ми раскажа Киро, но, ја разбирате ситуацијата… И потоа, Киро вели: му велам јас на Васил, ајде, си одиме во Скопје, нема што друго, овде веќе нема ништо.

(…) И, продолжува Киро, се спакувавме ние така, отидовме до автомобилот, и му велам јас на возачот да вози на аеродром. И цело време си размислувам, еве, Југославија се распадна, една историска епоха е готова, сега сум овде и којзнае кога пак, можеби никогаш нема да се вратам во ваков Белград, човек не знае што да прави со себе…
Но тогаш се уфрла Васил и вели: „Киро, овде на Карабурма има една многу убава гостилница, работи цела ноќ и секогаш има свежо печено месо“. А Киро го погледнал и рекол:„Па зарем не јадеше сега? Не можам јас, Василе, да јадам, немам апетит, ми се смачи од се’… Ти ако сакаш, оди слободно, јас ќе те чекам во автомобилот и малку ќе дремнам, раскажува Киро. И вели, одиме ние таму и Васил оди во ресторанот, но веројатно му беше непријатно јас да го чекам, па за десет минути се врати и донесе печено месо во најлон ќесе. И така, тргнуваме ние на аеродром, јас ја потпрев главата на прозорецот, сакам да ги смирам нервите, да задремам, но постојано во главата ми допира звукот на целофанот зашто Васил само буричка во ќесето…

И влегуваме во авионот, и се креваме над Белград, а јас гледам долу, во ноќта… И сакам да заспијам, па ги затворам очите, но во главата постојано ми се врти прашањето: што ќе биде сега? И го вртам јас сиот мој живот и размислувам: пропадна Југославија, не можам да поверувам… И што ќе биде сега со Македонија кога ќе почне да кој што ќе стигне… И така, под нас амбис, јас не можам да заспијам зашто постојано го слушам тој звук на целофанот, го слушам Васила како превртува во ќесето, и ми пречи тој звук, и се изнервирав, брате, па ги отворам очите и погледнувам во него за да му речам да престане… Па подзастанувам, и не можам да поверувам, го гледам како го тамани тоа месото.

А тој, кога виде дека го гледам, вели: „Киро, нема ништо подобро од студена кременадла!“

Ми го раскажува тоа Киро, а мобилниот цело време му ѕвони на масата и јас веќе не знаев дали тој е изнервиран поради него или поради приказната. И тогаш Киро ги рашири рацете и рече: „И кажи ми ти сега, Оле, може ли тој да ти биде претседател?“