По речиси една ипол година, едно од последните остварувања во македонската кинематографија овие денови можеме да го гледаме и на редовниот кино репертоар во „Синеплекс“. „Ефектот на среќа“ својата премиера ја доживеа одамна, на отворањето на „Синедејс“ во ноември 2019 година, за во меѓувреме, планот за кино прикажување драстично да се смени по појавувањето на светската пандемија. Така, сакал-нејќел, дебитантскиот филм на Борјан Зафировски стана „најдобро чуваната тајна“ на новиот македонски филм, која беше потхранувана со позитивни зборови и импресии од оние малкумина кои во меѓувреме успеаја да го видат на тие пар проекции во „Милениум“, МКЦ и Кинотека. Конечно, филмот се појавува и пред судот на пошироката публика токму овие денови, која исто така не е голема на број, со оглед на протоколите за одржување на јавни настани, вклучувајќи и кино-претстави. Проекцијата на која јас и уште триесетина филмофили го проследивме филмот беше посветена на штотуку починатиот монтажер, легендарниот Андрија Зафрановиќ, кој е „виновник“ и за квалитетната монтажа на филмот на Зафировски, чие дело неодамна го доби и првото фестивалско признание на SEE Film Festival Online.
Пред девет години Зафировски беше еден од луѓето кој продуцентски застана зад проектот „Скопје ремикс“, филмски излет на десетина млади македонски режисери, како обид генерациски да се создаде манифест со фокус врз Скопје низ засебни приказни кои, секоја на свој начин, остави впечаток кај гледачите. Неговиот краток филм со најдолга минутажа во омнибусот, „Боите на љубовта“, го заокружува ова остварување. Tокму на трагата на таа естетика која авторот ја постави во тоа љубовно-музичко парче, тој се надоврзува и во својот прв целовечерен филм, кој претставува екстензивна верзија на неговото поимање на филмската уметност, преполно со квалитетна музика (Огнен Анастасовски и Галатеја), огромни летачки балони и розеви очила низ кои треба да гледаме на реалноста околу нас.
Најгенералнатa поделба на нештата околу едно филмско дело се приказната на која треба да се „фати“ гледачот, и техничката (занаетската) реализација на истата. Сценариото, освен режисерот, го потпишуваат уште и Огнен Георгиевски и Дејан Дуковски, кои веројатно идејата на авторот ја надополниле со оние занаетски финеси за истата да делува по „кечи“ и позаводливо на филмското платно, сето тоа зачинето со неизбежниот скопски сленг. Сепак, за подобар краен резултат, можеби потписниците би можеле повеќе да се потпрат на квалитетната проза за позаокружено градење на ликовите, а не на популарната психологија како материја, иако сценариото и интересот на главната хероина го налагаат тоа.
Да, Леа (Дејана Поповска) е студентка од дисхармонично семејство на која докторите и’ даваат уште максимум три месеци живот. И таа не се одлучува за поглед низ црнилата на ова наше општество, туку за превртеното огледало – сака да види што има од другата страна, онаму кадешто владее убавото како општа естетска и животна одредница. Сосема легитимна одлука со оглед на нејзината возраст, што е голем плус за приказната. И тогаш почнува нејзиниот проект кој секојдневно го снима, создавајќи едно големо тримесечно видео насловено како и самиот наслов на филмот кој го гледаме. „Човекот се качи на Месечината, а не научи да биде среќен“, вели професорот-ментор (Петар Арсовски) на Леа, кој ‘неподносливата леснотија на постоењето’ во градот во кој навидум ништо не се случува, академски ја обликува низ цитати од познати светски психолози. Низ мноштвото психо-филозофии кои на моменти и ни бегаат низ прстите се провлекува приказната од реалноста, онаа во која родителите (Јовица Михајловски и Мими Таневска) се немоќни пред здравствениот систем во распад, најдобрата другарка (Ана Стојановска) како врзивно ткиво и спојувач на светови, и братот Игор (Сашко Коцев), кој по долгогодишното отсуство се обидува да биде „петтиот елемент“ кој ќе ја разбуди сестра му од кома.
Ваквата поставеност на нештата Зафировски ја слика со спротиставена поетика, во која во еден момент ја следиме тажната приказна на нашето секојдневие, а веќе во следниот сме бомбардирани со спотовски решенија, надополнети со графити, дружби на кров од зграда, и воопшто, фасцинација од градското и брут-урбаното. На крајот распонот на нештата се протега од Бога до Сајберспејс просторот, како сеопфатна животна филозофија во која секој детал навидум е битен. Наспроти ваквата расплинатост, филмот можеби би добил поинаков тек на нештата доколку приказната се обидела да се фокусира, да речеме, на односот брат-сестра, кој само е начнат, но не и доработен. „Едно од убавите нешта на кои се сеќавам се летата поминати со брат ми“, вели Леа, и тие реминисценции не’ внесуваат во еден друг, поинаков, сонлив свет, кој има многу подлабоко значење од оној секојдневниот и ефемерниот. Ми се чини дека авторот тука требало подлабоко да се нурне во суштината.
Она што е недостаток на многу деби остварувања на македонските режисери се покажува како слабост и во овој филм. Имено, добивајќи шанса да го реализираат своето прво долгометражно дело, нашите филмаџии не можат да и’ одолеат на фасцинацијата во него да стават се’ што може да се стави, за на крајот да се добијат само помешани чувства и дозирана какофонија. Зафировски во „Ефектот на среќа“ тинејџерските и адолесцентски фасцинации преточени во филмските ликови ги претставува повикувајќи се на референци од разни филмски херои, па така, за момент во двојничката на Леа го препознаваме „Булеварот Малхоланд“ на Дејвид Линч, психоделичното искуство со ЛСД е повикување на „Голи во седло“, практикувањето на тантрата е варијација на тема со случувањата во „Мистерије орга(ни)зма“ на Душан Макавеев, сексот со автомобилот е омаж на „Судир“ на Дејвид Кроненберг, додека инсистирањето на дронот при прикажување на градот е она познатото Божјо око на Хичкок кое сме го сретнале во многу негови филмови. Потоа, на монтажниот стол, споменатиот Зафрановиќ заедно со авторот си поиграле со филмското време и направиле одличен тек во кој како гледачи сведочиме на динамичен внатрешен филмски ритам, со вообичаени здодевни пасажи како вовед во нова сцена, надополнувајќи ги дупките во филмското сиже, но така паралелно градејќи ги и ликовите кои се носители на дејствието. Ова претставува најквалитетно сработен и обмислен дел при финализацијата на проектот.
Се’ на се’, Борјан Зафировски преку продуктите од неговата продукциска куќа „Ново македонско видео“, кратките остварувања и еве, првото долгометражно остварување, докажува дека хедонизмот на филмскиот екран е неговиот ултимативен „филм“, отворено поддржувајќи го, доколку си во позиција да го правиш тоа, слоганот „Живеј го моментот!“, кој е носечка идеја и во самиот филм. Инспирирани од ваквиот светоглед, можеме само да претпоставиме какви дела ќе снимаат идните овдешни филмски генерации.