Краток осврт кон „Шрапнел’

Во конкуренција од 41 пријавени романи, „Шрапнел“ влезе во третиот круг со уште осум други книги. По секоја селекција, најтранспарентниот член на жирито, Живко Гроздановски, на својот блог-сајт „Булевар Ослободување“ објавуваше кратки осврти за книгите кои отпаднаа од конкуренција. Еве ги неговите импресии за „Шрапнел“ по гласањето за петте книги кои влегоа во финалниот круг за „Роман на годината“ на Фондацијата „Славко Јаневски“:

„Шрапнел“ е книга во која глатко се испреплетуваат повеќе теми: пишува-њето (и читањето), бракот (и пријателството), семејството (и тоа не само она хетеронормативното), градот (но и селото), татковината (и сегашната и поранешната)… Сиве теми се умешно наредени во три главни нишки: приказната на нараторот, приказната на Ангел, и кревката нишка со повеќе прашања кои можат да се сведат на изразот „поширока заедница“. Ако воопшто за нешто би можело да му се забележи на ова убаво обмислено дело, според мене тоа би била недоволната „хомогеност“ на третата нишка во однос на првите две, кои се совршено комплементарни.

Носечки ликови на дејствието се нараторот и Ангел, двајца писатели кои на почетокот имаат конкретни замисли за книги, ракописи кои наскоро ќе се покажат како недоволно мотивирани обиди: „Најпосле, единствените вредни ракописи што потоа остануваат се оние што излегуваат од утробата“ (стр.26), вели во еден разговор главниот лик и наратор, а читателот на „Шрапнел“ во рацете го држи токму тоа. Делото, сепак, полека расте и мутира сè додека не дојде до својот финален облик. „Никогаш не треба да си сигурен, уметникот секогаш се преиспитува себеси.“ (стр.28), вели исто така главниот лик во книгата, алтер-его на авторот, пред да се реши да ја пишува книгата во која ќе ги истражи „суптилните релации меѓу историјата, личното сеќавање, односот со најблиските и општествените околности што влијаат врз емотивното и приватното“ (стр.28), книга која најпосле ќе биде умешно спакувана во еден „хибриден, фрагментарен роман“ (стр.96). Имајќи ја предвид ваквата фрагментираност на романот, односот на ликовите кон музиката, и пред сè стожерната тема (семејните односи, со акцент на врската помеѓу средовечниот главен лик/наратор со родителот [и тоа во периодот на неговото заминување], но и врската со новите генерации), не можам а да не помислам на тоа дека „Шрапнел“ формира убав диптих со „Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков, роман кој излезе околу половина година пред „Шрапнел“, и во кој авторката ги третира, помеѓу другите, истите тие теми.

Но, она што мене ми е посебно впечатливо во „Шрапнел“ е кротката и самоуверена одлучност на авторот директно да се посвети на грижата за различни аспекти на заедницата: фокусирајќи се од една страна на колективната свест, а од друга страна на индивидуалната свест на читателот. Поконкретно, од една страна авторот се зафаќа со прашањето „да се замине или да се остане“ (стр.88), но со дозираната родољубивост, не „во онаа, турбофолкерска смисла на зборот“ (стр.74), а од друга страна книгата во најбуквална смисла на зборот се грижи за читателот (поточно, за човекот зад читателот) – ту со смирено укажување на некои сирово профани замки за телото (болести), ту со ука-жување на конкренти замки за духот (малодушноста на хомофобијата, итн).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *