Европски награди: Ексклузивен систем на вредности

Јубилејното, 20-то доделување на европските филмски награди во Берлин на едно место го собра кремот на европската кинематографија. Вообичаено, најголеми фаворити за престижните статуетки беа насловите кои ги понесоа наградите на големите А-фестивали во Берлин, Кан и Венеција. Старо-новите филмски имиња беа фино избалансирани и наградени, како доказ за нивната квалитетна работа и придонес во ценетата кинематографија на Стариот континент.

Најзаслужен за крајниот резултат е претседателот на жирито, култниот германски режисер Вим Вендерс, кому иако веќе декада и кусур живее и работи во САД, му припадна честа да биде домаќин на настанот, давајќи го последниот збор во однос на носителите на наградите. На прашањето што е она што сиве овие години го разликува европскиот од американскиот филм, Вендерс едноставно одговара дека тоа се секогаш посилните приказни на европските филмаџии кои имаат душа, за разлика од оние кои, условно, доаѓаат од холивудскиот систем на вредности. Да речеме дека делумно се согласуваме со оваа изјава, бидејќи токму Вендерс е авторот кој со своите последни остварувања многу „замириса“ на типичен американски режисер, секако, со сета почит кон неговата рана филмографија, кадешто доволно е да се спомене само „Небото над Берлин“.

Но, човекот не е далеку од вистината, иако европскиот филм, барем во однос на посетеноста во кино салите, одамна ја загуби трката со американскиот. Оваа констатација држи вода особено кога ќе го погледнеме примерот на Михаел Ханеке, чии филмови секогаш ги собираат фестивалските награди, а во родната Австрија на редовен репертоар го гледаат не повеќе од две-три илјади посетители. Прашањето се наметнува само по себе: дали европските филмови и понатаму ќе претставуваат само фестивалски ексклузивитет, со оглед на тоа што и употребата на новите технологии налагаат поинакво поимање на филмската уметност? Нормално, времето ќе покаже кон каде се двиќат работите. На крајот само да најавиме дека следната година европските филмски награди ќе се доделуваат во Копенхаген, потоа повторно во Берлин, а во 2010 во Талин, Естонија. Во духот на некои одамна изминати времиња – Да живее европскиот филм!

Кристијан Мунгиу

Лауреати:

Најдобар филм и режисер: „4 месеци, 3 недели и 2 дена“, Кристијан Мунгиу (Романија)

Актер: Сасон Габаи (Израел), „Посета на бендот“

Актерка: Хелен Мирен (Англија), „Кралицата“

Сценарио: „На работ на рајот“, Фатих Акин (Германија)

ФИПРЕСЦИ: „Срца“, Ален Рене (ФРанција)

Животно дело: Жан-Лик Годар (Франција)

Жан-Лик Годар

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 18 декември 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *