Една до главните туристички точки близу Краков е концентрациониот логор Аушвиц-Биркенау. Милиони туристи годишно го посетуваат овој камп на смртта, во кој Нацистите за време на Втората светска војна егзекутирале стотици илјади Евреи. Јас сум еден од оние луѓе на кои совршено им е јасна пораката која посетата на ова место ја остава кај луѓето, „таков злостор врз човештвото никогаш да не се повтори“, но не можете да ме натерате како турист да бидам дел од простор каде се’ уште може да се почувствува големата болка и неправда нанесена врз човечките суштества. Но, Краков изобилува со историја поврзана со еврејското прашање, и беше невозможно таа да се прескокне. Затоа, бидејќи бев дел од ФИПРЕСЦИ жирито на филмскиот фестивал во овој прекрасен полски град, решив да го спојам професионалниот ангажман со туристичкиот момент со посета на фабриката за емајл на Оскар Шиндлер, чија позитивна приказна на спасување на Евреите за време на Втората светска војна го инспирираше американскиот режисер Стивен Спилберг да го сними филмот „Шиндлеровата листа“, подоцна седумкратен Оскаровец.
За да се стигне до фабриката која се наоѓа на улицата „Липова“ бр. 4 од центарот на градот, неминовно е да се помине низ старото краковско гето, во кое биле сместени сите Евреи за време на Втората светска војна. Натписите на дуќаните се’ уште се оние автентичните од тоа време, и претставуваат убава предигра пред крајната цел – посетата на Шиндлеровата фабрика за емајл.
На влезот од некогашната фабрика ве пречекуваат неколку информативни табли. Едната од нив информира дека објектот е изграден во 1936 година за производство на работи од метал, а од 1939 до 1944 година со неа управувал Оскар Шиндлер, кој вработувал Евреи со цел да ја избегнат масовната депортација од градот. Во 1948 година фабриката почнала со производство на телекомуникациски компоненти. На другата табла, пак, на која се истаканти годините на раѓање и умирање на Шиндлер, фигурира и една негова мисла: „Кој ќе спаси само еден живот, го спасува целиот свет“. На билетарата го покажувам мојот „пас“ дека сум гостин на Краковскиот филмски фестивал, и без никаков проблем ми даваат бесплатен билет. И другите два музеја кои ги посетив до крајот од денот го сторија истото. Така се создава добар глас за градот и неговата култура на живеење.
Без претходни истражувања, моите очекувања беа дека водич ќе не прошета низ дворот и разните фабрички хали, притоа раскажувајќи ни за функционирањето на фабриката во периодот од Втората светска војна, секако, надополнувајќи го сето тоа со деталите како биле спасени оние среќници кои не завршиле во концентрационен логор. Но, се излажав. Некогашниот индустриски комплекс денес е претворен во огромен музеј, кој низ различни поставки, инсталации и артефакти ја раскажува приказната за Краков и неговите жители, кои по потпаѓањето под нацистичка власт, морале да се навикнуваат на новите правила на игра. И покрај посетеноста на музејот во тие моменти, сепак, со потресната приказна се соочувате сосема сами, и на крајот таа го остава токму оној ефект врз вас кој го споменав и претходно – „никогаш да не се повтори“.
Најпрво ве пречекуваат две огромни фотографии врз ѕидовите на кои ја гледате прославата по повод ослободувањето на Краков по завршувањето на Првата светска војна во 1918 година, а потоа и градската панорама за тоа како изгледал центарот во 30-те години на 20 век. Потоа следат неколку соби со автентични фотографии од тоа време, каде добиваме впечаток за градскиот живот во овој стар полски град, со сето она што го носат новините во модерниот и напреден дваесетти век.
Најфасцинантна беше поставката која ви дозволува да седнете на едно столче и одблизу да ги погледнете старите фотографии за некогашниот живот на луѓето во овие простор. Не знам како се вика објектот што наликува на циркуски шатор, но приредува прекрасно колективно визуелно искуство!
За оние кои имаа време и желба, во кино салата се прикажуваше краток документарен филм кој ја прикажуваше работата во фабриката на „Липова 4“.
Понатамошната музејска поставка води низ простории каде низ артефакти ви се доближува животот на Краковјани во 30-те години на минатиот век, во предворјето на надоаѓачката нова војна. Па така, убаво беше да се видат старата лотарија, велосипедот, облеката, но и весниците и плакатите од тоа време, кои информирале за културните и спортски случувања во градот крај реката Висла.
И тогаш, кога летото е при крај и сите се прибираат дома, на 31 август низ градот осамнуваат плакатите за мобилизација на населението. Железничката станица врви од резервисти во полна воена опрема, а граѓаните се думаат што да прават. Време е за евакуација!
Следи одлично осмислена просторија, во која на „распуканите“ ѕидови ги следиме историските факти: на 02 септември се бомбардирани железничката станица, аеродромот, радио станицата, воените, но и цивилните објекти во Краков.
Иако населението е подготвено за борба со сите оружја кои ги поседува, за кратко време, Полска е под окупација.
На 11 септември, Нацистите го облепуваат градот со упатствата за „Нов поредок“. Кој нема да го почитува – се знае!!!
Започнува да работи нацистичката пропагандна машинерија, со која се обзнанува дека Евреите добиваат посебен третман.
Започнува нивната јавна бламажа, но и јавна егзекуција на сите кои се спротиставуваат на правилата на Третиот рајх. Градот е во хаос, а во него може да се чита само литература под покровителство на врховното божество – Фирерот!
На 06 ноември се уапсени професорите на еден од најстарите европски универзитети, Јагиелонскиот, а следниот ден новиот гувернер, генералот Ханс Франк, се вселува во средновековниот дворец Вавел и оттаму управува со окупираната територија.
Започнуваат парадирањата низ градот, а на граѓаните им треба посебен „аусвајс“ за да се движат низ него.
Во првите месеци од 1940 година започнува и реализацијата на планот за собирање на Евреите на едно место. За таа цел е оформен цел еден кварт, Кажимјерж, во кој тие биле сместени, заокружени со ѕидини, без можност за бегство. Гетото имало четири капии на четирите страни од светот, и зад нив се случувале едни од најтажните човечки драми во минатиот век. Секако, за непослушните следела затворска или смртна казна на лице место.
Секојдневниот живот во градот, иако со разни рестрикции, продолжувал и понатаму. Мештаните и „дојденците“ оделе на театар, се дружеле во кафеаните, се возеле со трамваите и возовите…
…додека Евреите се обидувале да преживеат како знаат и умеат. Предметите од нивните домови биле конфискувани, а тие живееле во гетото по неколку семејства во тесни соби, со катастрофални услови за живот. Дел од музејската поставка ни ја покажува токму таа ситуација на немање воздух и воопшто, оскудност на основни услови за егзистенција.
Во овој музејски дел трогателни се оригиналните пораки кои ги пишуваат децата на лист хартија, објаснувајќи дека се свесни дека она што им се случува е сосема нехумано. Меѓу нив е и пораката на тогаш 8-годишниот Роман Полански.
Во гетото работат неколку локални „продавници“ кои колку-толку ги снабдуваат луѓето со намирници, како и една аптека, која денес е претворена во музеј поради нејзината херојска улога за време на војната.
Една од најсугестивните и највпечатливи музејски соби е онаа во која во една голема стаклена коцка се сместени садовите кои ги користеле Евреите за време на престојот во гетото. Трогателно!
Од друга страна, прецизната германска администрација работела во одлични услови во канцеларии со модерна опрема, со машини за чукање и водење евиденција за секој детаљ, додека на радиото оди класична музика.
Прекрасен музејски дел е и оној во кој се претставени автентични работи од тоа време, како аптекарскиот излог, порцеланот, облеката која се носела, како во гетото, така и меѓу полските семејства во Краков.
Истовремено, во илегала, почнале да се печатат првите прогласи за придружување на населението кон отпорот, кои потоа тајно биле дистрибуирани меѓу народот.
На 01 август 1944 година на ѕидовите во градот осамнуваат плакати на кои се намирисува ослободувањето. Започнува евакуацијата на Нацистите, кои уништуваат се’ зад себе. 24 декември е последниот Божиќ во окупирана Полска, каде се појавуваат и првите кукли со Хитлер со потсмешлива конотација.
Во 1945 година луѓето конечно се слободни, и по сета голгота, ако сакаме да вметнеме малку хумор во оваа турбулентна историска приказна, тие конечно можат да одат на фризер да си направат модерни фризури и да почнат да живеат нормален, граѓански живот 🙂
И сосема на крајот од музејската поставка, скромно, и делот посветен на Оскар Шиндлер, зачинет со фотографии од луѓето кои успеал да ги спаси, надополнето со книгата за посетители во која ги оставате своите импресии, кои се несомнено големи и незаборавни.
Време е да се здивне во кафе-книжарницата, каде над шанкот ги здогледувам зголемените фотографии од снимањето на „Шиндлеровата листа“, на чело со маестро Спилберг. Понудата се состои од многу производи поврзани со оваа историска вистина, вклучувајќи и книги на неколку јазици.
Пред излезот ме пречекува уште една просторија со музејска поставка, која изобилува со сведоштва на преживеаните Евреи, но ги чувам силите за посета на Музејот на современа уметност, кој се наоѓа позади фабриката. На оваа емоционална турбуленција од историјата која ја доживеав, морав да и’ сопоставам нешто актуелно и современо, насочено кон светлата иднина. Но, за изненадувањата во MOCAK, во друг, засебен текст 😉