Филип К. Дик, електричните овци и „Блејдранер“

Мојот омилен научно-фантастичен писател е Филип Киндред Дик (1928-1982). Во многу наврати во минатото сум пишувал за неговата поетика и значење, а повторното навраќање на неговите лик и дело е писмото што Дик го испратил до еден од продуцентите на филмот „Блејдранер“, неколку месеци пред неговата смрт. Во него писателот, кој зад себе остави 44 романи и 121 расказ, повеќето објавени во научно-фантастичните списанија, отворено зборува за неговите чувства, и затоа сметав дека е важно повторно, и по четири децении од неговата смрт, да се вратиме на темата “Блејдранер“, особено и поради тоа што најдобриот СФ филм на сите времиња во меѓувреме доби продолжение, а се планира и уште едно во годините пред нас.

Фикцијата на Дик ги истражуваше различните филозофски и социјални прашања како што се природата на реалноста, перцепцијата, човечката природа и идентитетот, и најчесто прикажуваше ликови кои се борат против елементи како што се алтернативната реалност, илузорните средини, монополските корпорации, злоупотребата на дрога (и самиот писател беше зависник!), авторитарните влади и променетите состојби на свеста. Поради сето ова, тој се’ уште се смета за една од најважните личности во научната фантастика од 20 век.

Приказните на Дик обично се фокусираат на кревката природа на она што е реално, како и на изградбата на личниот идентитет. Неговите приказни често стануваат надреални фантазии, бидејќи главните ликови полека откриваат дека нивниот секојдневен свет е всушност илузија составена од моќни надворешни ентитети, како што е суспендираната анимација во романот „Убик“, потоа, огромните политички заговори, како и перипетиите на несигурниот наратор.

„Целата негова работа започнува со основната претпоставка дека не може да има една, единствена, објективна реалност“, пишува неговиот СФ колега Чарлс Плат. „Сè е прашање на перцепција. Земјата може да се преврти под вашите нозе, а протагонистот може да се најде себеси како живее во сонот на друга личност, или може да влезе во состојба предизвикана од дрога која всушност има подобра смисла од реалниот свет. На тој начин, тој може да реши целосно да премине во друг универзум“.

Алтернативните универзуми и симулакрумите се вообичаени нешта зад кои стои заговор, со измислени светови населени со обични, работни луѓе, наместо со галактичките елити. „Нема класични херои во книгите на Дик“, напиша Урсула Легвин, „но сепак постои поинаков тип на херои. Во неговите книги се’ потсетува на Чарлс Дикенс: она што е важно се чесноста, постојаноста, добрината и трпеливоста на обичните луѓе“.

Воопшто не е тајна дека голем дел од неговото размислување и работа биле под големо влијание на книгите и учењето на Карл Јунг. Јунговските конструкции и модели кои најмногу го интересираа Дик се архетиповите на колективното несвесно, групната проекција/халуцинација, синхроницитетот и теоријата на личноста. Многу од протагонистите на Дик отворено ја анализираат реалноста и нивните перцепции во јунговски термини, велат добрите познавачи на неговото дело.

А кога сме веќе кај делата, се разбира дека најпопуларен е романот „Сонуваат ли андроидите електрични овци?“, според кој Ридли Скот го сними култниот филм „Блејдранер“ во 1982 година. Во писмото кое деновиве преку фан групите на филмот стигна и до мене, Дик пишува за чувствата во однос на филмската адаптација, на која работеа сценаристите Хемптон Фанчер и Дејвид Пиплс. Еве го во целост (снимете го .jpg фајлот, зголемете и читнете 😉 ):

За жал, Дик не дочека да ја види премиерата на филмот. Тој почина на 2 март, а премиерата на „Блејдранер“ се случи на 25 јуни 1982 година. Којзнае, можеби немало ни да се појави, со оглед на здравствената ситуација во која се наоѓал во последните години. Но се чини дека едно е сигурно: од денешна перспектива би бил сосема задоволен од статусот на филмот на Ридли Скот, кој иако започна скромно, од деценија во деценија се’ повеќе и повеќе добива на значење, затоа што совршено антиципираше многу работи во иднината која денес ја живееме. Впрочем, Дик тоа совршено го согледал и го пренел во писмото до Џеф Вокер. Затоа, според многумина, ова е најдобрата адаптација на книга од Дик на големото платно, иако во меѓувреме се намножија уште многу. Антологија!

П.С. Повеќе за филмските адаптации на делата на Дик на следниот линк, еден мој дамнешен текст посветен на СФ-фраерот:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *