„Филм.мкд“ и „Филмски град“ на Игор Анѓелков, исклучително книжевно-филмско доживување

пишува: Мерсиха Исмајлоска

Пријатен предизвик. Можност да пишувам за книгите на Игор Анѓелков „Филм.мкд“ и „Филмски град“. Ми стигнаа по пошта, ги разгледував и уште првиот впечаток беше дека ќе понудат читателско искуство што се граничи со визуелно. Одеднаш добиваш и текст, и филм, како текстот да се конвертира во филмот за кој пишува Анѓелков.

Се возам во такси. Таксистот раскажува за летниот проток на патници и летните сообраќајни гужви во Охрид. Раскажува и за својот внук, кој во ова време-невреме на пандемија треба да почне прво одделение. Одличен мотив за филм. Можеби за еден од оние за кои пишува Анѓелков. Филмот „Насоки“ на Стефан Командарев. „И на крајот, жал ми е што, иако врнуцкаше, бев со велосипед на проекцијата во кино „Милениум“, со чадор, светилки, ПМ-маска и други придружни вело-тракатанци, но веројатно требаше да одам со такси за да го засилам чувството пред и по филмот, слушајќи некоја приказна и од нашите скопски таксисти, можеби за исконската предодреденост на македонскиот пред другите народи, можеби за европската криза на секаков план и зошто да не, за (не)мудроста на бога, како во последната приказна од филмот. Ум за следниот пат“ (страна 69). Со таква едноставност Анѓелков раскажува за филмовите, за секој со огромна љубов и огромно разбирање.

Првата од книгите, „Филм.мкд“, обединува околу триесетина рецензии и интервјуа за продукцијата на македонскиот филм од периодот меѓу 2004 и 2015 година. Тука се сместени оригинални увиди во делата: „Илузија“ на Светозар Ристовски, „Бал-кан-кан“ на Дарко Митревски, „Големата вода’ на Иво Трајков, „Како лош сон“ на Антонио Митриќески, „Како убив светец“ на Теона Митевска, „Контакт“ на Сергеј Станојковски, „Тајната книга“ на Владо Цветановски, „Боли ли?“ на Анета Лешниковска, „Филм“ на Иво Трајков, „Превртено“ на Игор Иванов Изи, „Сенки“ на Милчо Манчевски, „Јас сум од Титов Велес“ на Теона Митевска, „Созерцание“ на Иво Трајков, „Војната заврши“ на Митко Панов, „Мајки“ на Милчо Манчевски, „Некои поинакви приказни“ на Марија Џиџева, „Ова не е американски филм“ на Сашо Павловски, „Панкот не е мртов“ на Владимир Блажевски, омнибусот „Скопје ремикс“, „Жената што си ги избриша солзите“ на Теона Митевска, „Трето полувреме“ на Дарко Митревски, „Соба со пијано“ на Игор Иванов Изи, „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, „До балчак“ на Столе Попов, „Деца на сонцето“ на Антонио Митриќески, „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски; интервјуа, меѓу другите, со Ѓорче Ставревски, Вардан Тозија, Кристијан Даниловски од „FX3X“. Со вклучување на „FX3X“, Анѓелков не’ воведува и во чудесниот свет на филмските ефекти и интервенции за кои од оваа компанија се мајстори.

Богатство од информации, подредени на еден шармантен начин, пленат со својата длабочина. Нијанси на еден префинет книжевно-филмски јазик, кој не’ запознава од поблиску со поновата македонска филмографија. Со тоа книгата „Филм.мкд“ на Игор Анѓелков е нужно четиво за филмофилите. Четиво што беше и повеќе од потребно да се појави, а потребни се и уште. Четиво што радува со својата деталност, давајќи комплетен преглед на филмот, вклучувајќи ги сите учесници во него. Тука лесно ќе најдете малку познати информации за вашиот омилен македонски филм. Читајќи ги текстовите, ќе посакате некој повторно да го изгледате. Самиот наслов на книгата прави алузија и на еден друг медиум, интернетот, а дополнето со поднасловот „касни-порасни“, од игра прави и критика на начинот на финансирање на делата. Анѓелков не поштедува никого, неговите коментари се директни, и одат во суштината на проблемот со филмот денес.

Втората книга, „Филмски град“, објавена 2018, три години по првата од истиот издавач „Или-Или“, обединува текстови групирани во неколку поглавја: „Македонски филмски град“, „Ин мемориам“, „Балкански филмски град“, Глобален филмски град“, „Поглед кон современиот израелски филм“, „Тематски филмски град“, „Жанровски филмски град“ и „Посветен филмски град“, тоа што впрочем беше „Филмополис“, филмскиот град на ТВ Телма, авторската емисија на Анѓелков. Емисијата има директна врска и со двете книги, а имајќи ја привилегијата да ги имаме книгите денес, читајќи ги, стануваме дел од една историја која барем вака останува забележана.

Со дозирана нота емотивност, Анѓелков се осврнува и на проблемот со медиумите кои неретко го премолчуваат филмот, а терминот „филмска рецензија“ им е речиси непознат. Но при читањето на книгите сепак преовладува онаа благородна нота, од која се чувствува неизмерната љубов и страст на Анѓелков кон филмот. Тој преку своите рецензии, зборувајќи за филмовите и нивните проекции како што вели на „сребреното платно“, дава увид и во најзначајните филмски фестивали кај нас, како „Браќа Манаки“ или „Скопскиот филмски фестивал“. Тој е како хроничар на филмските времиња кај нас. Можеби следното негово дело би можело да се вика „Филмохронис“. Во секој случај, се надевам на уште дела на Анѓелков. Љубителите на филмот се жедни за ваков тип на книги, а овие две се само капка вода, од цел еден извор кој останува неисцрпен.

(Текстот е објавен во „Културен живот“ 3-4/2020)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *