„Филм.мкд“, рецензија

Во време кога во Македонија конечно се стави ред во филмската индустрија со носење на Законот за филмска дејност и регулирање на сите финеси во која насока треба да се движи домашната кинематографија, во време кога токму македонската кинематографија како никогаш досега продуцира по неколку целовечерни филмови годишно, давајќи им шанса и на младите автори кои претставуваат иднина на македонскиот филм, сепак се чувствува недостаток во еден сегмент од целата оваа приказна поврзана со Седмата уметност, а тоа е малиот број на филмолошки изданија на годишно ниво. Токму затоа радува фактот што на издавачката сцена имаме ново филмолошко издание, за кое апсолутно ја прифаќам синтагмата на авторот, филмско патување. Патување за кое сум сигурна дека за секој читател ќе биде вистински предизвик.

Игор Анѓелков е еден од оние кои десетина години наназад го следи и проследува сето она што се случува во филмската уметност кај нас. Неговиот ангажман силно придонесува за развој на филмската свест особено кај помладите генерации, кои подоцна инспирирани од светот на највлијателната уметност во минатиот и овој век, неретко се одлучуваат да студираат токму филм. Преку емисијата “Филмополис”, која се емитуваше 11 сезони на ТВ Телма, но и преку ангажманите во дневните и неделните весници и магазини, Анѓелков успеа да напише и објави многубројни рецензии, притоа покривајќи ги сите домашни филмови кои беа снимени, и секако, во неговата авторска емисија да ги интервјуира режисерите, актерите, и воопшто, луѓето поврзани со домашните филмови, притоа обелоденувајќи ги приказните за тоа како се снимени проектите, со какви проблеми се соочувале, и секако, зборувајќи за убавата страна на приказната, успехот на фестивалите и нивниот понатамошен живот.

Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин.

Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија.

Најпосле, во време кога кај  нас и во светот во тек е обидот не само да се сочуваат кинестетските вредности, туку истите да се надградат и промовираат, една ваква филмолошка публикација, што ни нуди своевиден приказ на современата македонска филмска продукција, може да биде показател и битен предуслов за надградба и посериозно оформување на сите сегменти неопходни за достоинството на филмската уметност во пошироки рамки.

Секако, во иднина, посакувам и се надевам на што повеќе и поразновидни филмолошки изданија,  кои ќе бидат релевантен поглед не само кон филмот, туку и кон состојбата со филмот кај нас и во пошироки рамки.

м-р Мими Ѓоргоска Илиевска

(Рецензијата е објавена во книгата „Филм.мкд“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *