По „ФИЛМ.МКД“ (2015) и „Филмски град“ (2018), природно се наметна излегувањето и на третата книга со филмска есеистика, која ја пишував и објавував на мојот блог-сајт „herojnaedenden.mk“. Со „Филмотопија“ на најдобар можен начин ја заокружувам трилогијата посветена на филмот, тој термин толку типичен во поновата историја на седмата уметност. Со трите книги ја покривам речиси целата македонска продукција, но и она што како новина и тенденција се случуваше на светски план во новиот милениум, со што се надевам дека овие изданија претставуваат драгоцен издавачки придонес кај нас, особено ако знаеме дека вакви книги што на особен начин ја третираат филмската уметност се вистинска издавачка реткост.
„Филмотопија“ е поделена на неколку поглавја, во кои преку осврти и рецензии давам увид во она што во изминатите неколку години (практично, од мојата втора
книга па наваму) се случуваше на филмски план кај нас и во светот. Во првиот дел продолжувам онаму каде што застанав со текстовите за актуелната македонска продукција во 2018 година и ги покривам речиси сите домашни филмови што излегоа во меѓувреме. Тука се освртите кон новите остварувања на Милчо Манчевски, Теона Митевска, Игор Иванов, Марија Џиџева и другите филмови на македонските режисери, сето тоа заокружувајќи го со најголемиот успех во историјата на македонската кинематографија, приказната за двојната номинација за Оскар на документарниот филм „Медена земја“, кој освои безброј фестивалски награди низ светот. Во овој дел не ги заборавам и другите домашни жанровски остварувања кои оставија печат во изминатиот период, како и еден осврт кон антологиски наслов во македонската кинематографија.
Во следните две поглавја се осврнувам на внимателно избраните филмови од европската и од светската продукција, кои во изминатите неколку години ги освоија срцата на филмофилите. Секако, не е сè розово, па во дел од рецензиите пишувам и за слабостите на одредени проекти, создавајќи баланс за она што е добро и што треба да се види, со она што навистина не е добро, но е вредно за гледање токму од тој аспект. Со тоа на помладите читатели им посочувам како се пристапува кон пишување една професионална филмска рецензија, жанр што кај нас, за жал, е сè помалку присутен во медиумите.
Мојот ангажман во филмот веќе неколку години е крунисан со членство во најстарата меѓународна организација на филмски критичари, и пред крајот од „Филмотопија“ го пренесувам искуството од гостувањата на неколку фестивали како член на ФИПРЕСЦИ-жирито. Сметав дека е добро во книгата да се овековечат репортажните осврти на филмските фестивали во Драма (Грција), и во Загреб и Сплит (Хрватска), каде што заедно со колегите и со фестивалската публика присуствував на славењето на седмата уметност на најдобар можен начин. Ова поглавје го завршувам со текстот за гостувањето на рускиот документарист Витали Мански на Фестивалот на дебитантски филм „КинеНова“, каде што во последниве пет години ја извршувам „слатката“ задача „селектор на фестивалската програма“, што ми е особено драга обврска, бидејќи сметам дека иднината на седмата уметност лежи во првите остварувања на новите филмски гласови, а тоа „КинеНова“ како фестивал со автентична идеја и реализација, во годиниве наназад знае да го препознае и да го вреднува.
И на крајот, за вистинско заокружување на една ваква книга за филмски сладокусци, се одлучив за завршно ретро-поглавје во кое се слави работата на, според многумина, најдобриот филмски автор во 20 век, Алфред Хичкок. Пред десет години во кус период се појавија два филма, кои од различен аспект го третираа филмскиот гениј. Една деценија претходно и американскиот инди режисер Гас ван Сент сними римејк на култниот „Психо“, кој се покажа како копи-пејст варијанта, но сепак вредна за одбележување. И сосема на крајот, за сè да биде во знакот на филмскиот термин „трилогија“, ова Хичкок поглавје го заокружувам со истражувачко третирање на интригантната тема: Хичкоковите појавувања во неговите остварувања, т.н. „камео“ улоги, принцип што по него почнаа да го користат многу режисери низ светот.
Со тоа финишира и ова филмско патување насловено „Филмотопија“, во кое филмот е слатка утопија што нè води на некои други, поинакви, поубави и повозбудливи места, далеку од реалноста, која, за жал, станува сè посурова.
Ви посакувам пријатно читање.