Британски совет за филмска класификација: Дами и господа, ЦЕНЗУРА!

Какви филмови гледаме во нашите кина? Какви филмови се гледале во нашите кина? Цензурирани или не? Се грижи ли некој за експлицитните сцени на секс и насилство? Го почитува ли некој кодексот на слобода на изразување на режисерот? За кого гласате: Сител или Амазон? Сите овие прашања се ирелевантни во земја кадешто кината се на работ на егзистенцијата (со чест на пар исклучоци), а телевизиите го прикажуваат „Лошиот поручник“ на Ферара во четири попладне. Затоа, дами и господа, ви го претставуваме Британскиот совет за филмска класификација (БСФК), кој се грижи за своите граѓани

Покрај одличното сценарио и easy-going приказната во прекрасниот филм „Киното Парадизо“ (1988) на Џузепе Торнаторе, она што буквално ги освои филмските мекушави срца е последната сцена од филмот кога главниот лик, како подарок од починатиот пријател, екс кино-оператор, ги добива измонтирани, еден по друг, сите исфрлени кадри со бакнежи од филмовите што го одбележаа неговото детство. Иако започнуваме со италијански филмски пример, во следните пасуси ќе пишуваме за најозлогласената институција во светската кинематографија, Британскиот совет за филмска класификација – БСФК.

Се’ започнало во зората на појавата на подвижните слики. Некој веднаш сфатил дека тие се силно оружје и почнал практично да ја шири тезата за „валканите игри“ на филмското платно, а Британија беше напредно и плодно тло за вкоренување на таа идеја. Првата заштитна мерка на филмската политика било донесувањето на „Кинематографскиот акт“ во 1909 година, кој им дал моќ на локалните авторитети да влијаат врз условите на филмското прикажување, со цел да ја заштитат јавноста од хазардерскиот оган, но набргу почнале да го „злоупотребуваат“ тоа право за да го изгасат огнот на целулоидната страст. Локалните авторитети почнале да ги одбиваат прикажувачките лиценци на кината кои проектирале филмови со класификација „несоодветен“, и така, во 1912 година, соочени со хаотичниот одред на локалните цензорски практичари, „Киноприкажувачката асоцијација на Британија“ го оформила БСФЦензура, независно и непристрасно тело, чија должност била поттикнување на доверба во умовите на своеволните авторитети.

Во 1924 година Советот добил судско одобрување со кое Divisional court ги налага условите во кои „ниту еден филм што не е одобрен од БСФЦ нема да се прикажува без претходна дозвола од Советот“. Со ваквата одлука, во рацете на БСФЦ паднале сите сопственици на кина, кои морале прво да добијат дозвола, а потоа да ги прикажуваат филмовите што ги купиле. Во меѓувреме, играта, методите и доминацијата останаа исти, а се промени само името на институцијата – БСФЦ стана БСФК. Неколку децении подоцна, во 1976 година, Лорд Денинг рекол: „Мислам дека, на крајот од краиштата, државните советници не мораат веќе, буквално се’ што прават, да му рапортираат на Советот, туку треба да го третираат како надгледувачко тело чиишто погледи слободно можат д ги прифатат или отфрлат“. Истата година на местото директор е поставен Џејмс Ферман, кој се нашол на постојан удар на филмските критичари и таблоидите поради серијата цензорски кастрирања на многубројни наслови значајни за филмската историја.

И конечно, по 20-годишно владеење, династијата на „страшни цензори“ ја продолжи Андреас Витам Смит во 1996 година, кој на својот прв прес веднаш најави промена на стратегијата на БСФК со класификацијата „18“ и без цензура на новиот филм „Лолита“ на Адријан Лин, а ист третман добија и видео-изданијата на филмовите „Crash“ и „Kissed“. Витам Смит, кој дојде на директорската позиција на Советот пред, за многумина, фаворитот Лорд Брикет, откри многу работи околу тоа зошто британските цензурирани филмови и видеа слободно се набавуваат насекаде низ Европа. Сепак, „18“ е малку полиберално решение отколку директното сечење на одредени сцени, со што дефинитивно задуваа нови ветришта во седиштето на „британската цензорска машинерија“.

Ова беше краток преглед на оваа британска филмска институција, а нејзината практична работа и влијание во деветте карактеристични примери на британската цензура, кои предизвикаа и се’ уште предизвикуваат незадоволство кај публиката и критичарите, и секако, кај филмаџиите и дистрибутерите на нивните дела. И на самиот крај, и најсвежиот пример: култниот „Пеколен портокал“ (1971) на Кјубрик, по триесет години, премиерно беше прикажан на Би-Би-Си токму во јули оваа година. На здравје!

Ознаките и нивното значење

Uc – Universal (Особено препорачливо за мали деца)
U – Universal (Препорачливо за сите возрасти)
PG – Parental guidance (Генерално гледлив, но некои сцени не се препорачливи за мали деца)
12 (Достапно само за лица над 12 години)
15 (Достапно за лица над 15 години)
18 (Достапно за лица над 18 години)
E – Exempt (Овој филм е исклучок од класификацијата)

Инетерсни случаи на цензура во филмската историја

The Exorcist (1973), William Friedkin

Warner Bros го реализираа филмот на Фридкин како еден од своите први видео наслови во 1980 година. Во октомври 1986 година филмот беше отстранет од дистрибуција како жртва на „Видео актот“ од 1984 година. Но, актот во 1988 падна во речиси сите европски држави, освен, секако, во Британија. БСФК тоа го образложија со неможноста 12-годишно дете (Реган) да биде главен лик во паранормални сцени, кадешто виси над својот кревет, оформувајќи распетие со положбата на своето тело.

The Texas ChainSaw Massacre (1974), Tobe Hooper

Откако не помина кај БСФК во 1975 година, филмот, искасапен, се прикажуваше во лондонските кина со озлогласената ознака „Х“. Дистрибутерите, надевајќи се на поширок пазар, во 1977 година повторно се обратија до БСФК, но добиле одговор со образложение дека „сцените што имплицираат насилство и ментален терор мора да бидат исечени, а со тоа би летнале и клучните сцени од филмот, па тој на ништо не би изгледал“, при што насловот остана нереализиран. Сепак, се појави како видео издание во 1982 година, но како и во претходниот случај, набргу исчезна од полиците со донесување на „актот“.

Ai no corrida (1976), Nagisa Oshima

Филмот веќе имаше предизвикано контроверзи во Јапонија и САД кога се прикажа на Лондонскиот филмски фестивал во 1976 година, кадешто ја доби наградата од филмските критичари. Набргу беше откупен од лондонски „Gate cinema“, за да се прикажува исклучиво во клубови. Прв пат БСФК го чепна во 1989 година, кога ја доби ознаката „18“, поради еротските сцени со момчето од претшколска возраст. „Connoiseur video“, кои ги имаат правата над „Во царството на чулата“, до ден-денес немаат право да реагираат на ваквата одлука.

The Driller Killer (1979), Abel Ferrara

Ставен во пакетот „Video nasty“ во кампањата по донесувањето на „Видео актот“ во 1984 година, изгледаше дека во овој случај БСФК навистина немаа никаква причина ова маестрално дело да го стават во непосакуваниот кош за отпадоци. Опишан од филмскиот критичар Ким Њумен како „единствен филм што автентишно го претвора насилството во уметност“, се’ уште ниту еден дистрибутер не ја загризал јадицата да го издаде ова фантастично деби на њујоршкиот режисер.

Henry, portrait of a serial killer (1986), John McNaughton

Прв пат исечен во 1990 година, на филмот му требаа 16 месеци пауза за конечно да добие дозвола за кино-дистрибуција во Британија, со резови од само една минута. Уште минута плус му беше одземена кога беше издаден на видео-касета, односно, проблематичната сцена беше премонтирана со образложение дека „предизвикувала несакани психички последици, бидејќи ликот отворено покажувал несакано психопатско однесување, проследено со вознемирувачка онанија“.

Visions of ecstasy (1989), Nigel Vingrowe

Само 18 минути долг, ова бее прв случај на контрола-со-ножички на недозволената циркулација на бласфемија на филмското платно. А за примената на „Видео актот“ и да не зборуваме, тој царуваше врз секоја секунда од филмот. Но режисерот крена голема врева околу своето дело, одејќи дури до Европската комисија за човекови права, која, повикувајќи се на некои свои универзални начела, го осуди БСФК за некоректност и тоталитаризам, односно, за непочитување на слободата на изразување на режисерот. Случајот, по неколкугодишно влечкање, падна пред Евроспкиот суд.

Child’s play 3 (1991), Jack Bender

Насилсвото на малиот херој Чаки не беше под лупата на цензорите се’ додека во 1994 година две 11-годишни деца не извршија убиство над своето другарче, откако го гледале токму овој филм. Кампањата се засили по текстот на новинарката Елизабет Њусан, „Видео насилството и заштитата на децата“, особено алудирајќи на овој филм, со што Јуниверзал и Парамаунт беа принудени повторно да ги прегледаат своите поранешни наслови, а некои од нив и засекогаш да ги тргнат од видео-продукцијата.

Crash (1996), David Cronenbergh

Откако ја доби Специјалната награда на жирито во Кан, филмот, нецензуриран, со голем успех се прикажуваше во Франција и низ 20 други држави, заработувајќи одлично. Во Британија, „Судир“ повторно стана жртва на кампања, која овој пат ја водеа весниците „Daily mail“ и „Evening standard“, коментирајќи дека филмот се појавил на 18 март 1997 година, само неколку дена по донесувањето на одлуката на БСФК за бележење на контроверзните филмови со ознаката „18“, со што на филмот на канадскиот режисер, сепак, му беа одземени неколку експлицитни сцени на секс и насилство. Со тоа ја загуби вредноста што Кроненберг и Балард (писателот на истоименото дело) ја обмислија и му ја дадоа на филмот.

@Текстот е објавен во септемврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *