Наградата од ФИПРЕСЦИ за „Април“ на Деа Кулумбегашвили

Денес завршува 35. издание на филмскиот фестивал во Љубљана, а синоќа на свеченоста во „Цанкарјевиот дом“ беа доделени годинашните награди. Жирито на најстарата организација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ, во која членував заедно со Маруша Курет (Словенија) и Хамед Солајманзадех (Иран/Германија), во селекцијата „Перспективи“ составена од десет филмови на режисери во подем, наградата му ја додели на грузискиот филм „Април“ на филмаџиката Деа Кулумбегашвили.

На шестото издание на фестивалот „КинеНова“ (2021) имав можност да се запознаам со филмскиот ракопис на младата грузиска режисерка, тогаш селектирајќи го за главната селекција филмот „Почеток“ (Beginning, 2020), исто така моќно остварување за една секта, каде централниот лик е една силна жена. И во актуелниот лауреат „Април“ сценаристката и режисерка продолжува да ги слика жените во едно поинакво светло од вообичаеното, овој пат тематски соочувајќи се со загубата и справувањето со последиците од неа. Впрочем, еве го образложението на нашето жири за победникот:

photo by Kristina Bursać 

„Наградата ФИПРЕСЦИ на 35. Меѓународен филмски фестивал во Љубљана ја доделуваме на режисерката Деа Кулумбегашвили за филмот „Април“, кое претставува смело и експериментално истражување на руралниот живот во Грузија. Фокусиран врз длабоко личната и универзална тема за абортусот, филмот маестрално ги испитува општествените и културните ограничувања во непознатиот амбиент. Неговата паметна употреба на семиологијата, поврзана со волшебната кинематографија, го збогатува раскажувањето со слоеви со различно значење. „Април“ се издвои со својот иновативен пристап, нудејќи нова перспектива за сложените човечки искуства“.

Филмот на годинашната венециска „Мостра“, каде ја доживеа светската премиера, ја освои „Специјалната награда“ од фестивалското жири. Топла препорака 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *