Синоќа, на затворањето на 28 издание на Интернационалниот филмски фестивал за деца и млади „Шлингел“ беа доделени наградите за најдобрите. На фестивалот во Кемиц од 23 до 30 септември беше прикажан 171 филм, а за најдобрите одлучуваа десетина жирија во разни секции. Беше прекрасно да се присуствува на фестивалот полн со детска радост и младешка енергија, и затоа „Шлингел“ се смета за еден од најзначајните фестивали за младите во Европа.
Ова е образложението за наградата од здружението „Фипресци“, која ја доделивме заедно со колегите Холгер Твеле (Германија) и Хозе Солис (Хондурас/Шпанија).
„Дали постои вонземски живот? Дали вонземските цивилизации му помогнале на човештвото да еволуира? Инспирирани од приказните на нивниот татко, двајца браќа бараат одговори на овие и други големи прашања, додека не се случи трагедија која се заканува да го уништи животот каков што го знаеле дотогаш.
Во филм каде фантазијата и реалноста суптилно се испреплетуваат, и во кој човечката загуба и вина се вешто „разголени“, учиме дека само неколку човечки искуства се универзални како тагата. Воодушевени од чувствителната актерска изведба на Ајзак Гињар Бат, со автентична употреба на камерата, стоп-моушн, оригами и музика, наградата на Меѓународната организација на филмски критичари ФИПРЕСЦИ се доделува на канадскиот филм „Echo á Delta“ на режисерот Патрик Боавен“.
Топла препорака да го погледнете филмот кога ќе имате можност за тоа, се работи за вистинско ремек-дело!
Дел од фотографиите, оние професионалните, се на Даниела Шлајх, а останатите се од мојот мобилен Момчето на фотографиите е носителот на главната ролја во победничкиот филм, Ајзак Гињар Бат, кој беше присутен цело време на фестивалот и подели многу автограми на врсниците.