Пиварница „Einsiedler“ во Кемниц

Деновиве во Минхен е актуелен традиционалниот „Oktoberfest“, на кој посетителите ќе испијат милиони литри пиво. Јас не сум во Минхен, но и онака не сакам такви големи комерцијални собиранки, туку преферирам „мали“ приказни кои функционираат успешно со децении. Една од нив е пиварницата „Einsiedler“ близу Кемниц, која има долга традиција зад себе и во која домаќините не’ послужија со навистина одлични пива. Отворете шише со драгоцената течност, читнете и ѕирнете зад сцената 😉

Долгогодишна традиција на организаторите на Интернационалниот фестивал „Шлингел“ во Кемниц е гостите една вечер да ги шетнат до пиварницата која со децении се наоѓа на истото место, на работ од градот, и која претставува една од најуспешните приказни во областа Саксонија повеќе од еден век. Двата полни автобуси за дваесетина минути не’ донесоа на „местото на злостроството“, и дружбата можеше да почне.

Масата со храна веќе е подготвена, и двајцата момци зад шанкот веднаш почнаа да точат кригли со светло и темно пиво за гостите кои повеќемината прв пат ја посетуваат оваа пиварница. Ѕидовите на големата просторија за дружба се исполнети со ретро-цртежи, а долгите маси не’ потсетуваат на германската пабска култура на живеење.

По пар тури и многу сув вурст за мезе, еден од момците зад шанкот се понуди да не’ однесе во халите каде се произведува пивото. Повеќето се одлучија за турата од триесетина минути, а другите си нарачаа нови полни кригли. Најпрво минавме низ огромните хали кои беа полни со ѕидови од гајби со пиво. Човекот во вилушкарот веќе правеше распоред за ноќната достава.     

Момакот не’ собра на купче и накратко ни ја раскажа приказната за пиварницата со традиција. Сепак, сите беа нетрпеливи да влеземе внатре и да го видиме производниот процес, односно, неговата финализација.

И, конечно влез внатре, во срцето!

Овде е многу бучно, илјадници шишиња си се нишаат на прозводната лента, најпрво празни, потоа полни, и се’ изгледа толку фино и идилично 😊

Внатре нема можност за говоранција, туку само за уживање во она што го гледате. Сепак, не се влегува секој ден во пиварница 😉

Имаше неколку момци кои го набљудуваа процесот, и баш се прашував дали пијат пивце на работа!? 😊 Секако дека не, но после капењето, полнењето и складирањето во гајби, тие последни им велат „чао-чао“ на шишињата-близнаци на патувањето до нивната крајна дестинација – илјадниците среќни конзументи.

Секако, жедта во меѓувреме стана се’ понеподнослива поради глетката, но пред да се вратиме назад на шанкот, палиме цигара во дворот кој исто така изобилува со ѕидови гајби, понекоја реклама за најпопуларните пива и етикетите подготвени за брендирање на квалитетниот производ.

Качувајќи се по скалите, наидувам на знакот „Музеј“ и решавам накратко да се шмугнам во просторијата.

На ѕидот е закачена фотографијата на гордиот основач Емил Швалбе (1848-1910). Десно од него е нацрт-планот за изградба на пиварницата од 1895 година. Лево е веќе изградената пиварница од 1909 година, кога на големо функционира, а тука се и првите рекламни материјали за производот преку изложените ретро плакати од 1911 година.

Ништо особено, но интересно да се забележи. Сепак, главната дешаванка е горе кадешто се фестивалските колеги. Гарсон, точи ново пиво! Чекај бе, во Германија сум, не во Франција!? Ма што има врска, одиме понатаму 🙂

Се’ на се’, пријатно и автентично пивско искуство. Се надевам дека ви се допадна. Ве поздравува Вашиот благо наѕуѕан известувач од Кемниц. Наздраје 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *