„Четирите пердуви“ е адаптација на истоимениот роман на Мејсон, четиво што ја доживува петтата филмувана верзија на големото платно, по двата неми филма (1915 и 1928), верзијата на Золтан Корда од 1939-та и ТВ филмот од 1977 година. Напишана во 1902 година, приказната нуди универзална тема, во која се испреплетени воениот еп, романсата и англофилството, истакнувајќи ги, пред се’, индивидуалниот дух, љубовта и пријателството.
Во 1884 година, Хари Фивершем (Хит Леџер) млад офицер во биртанската армија, по дипломирањето, заедно со своите неразделни другари, треба да замине во Судан, кадешто Кралот сака да ја наметне својата волја врз нативното население. Увидувајќи ја апсурдноста на мисијата, истовремено сакајќи да води нормален живот со саканата Етни Бероуз (Кејт Хадсон) на која и’ предлага брак, Хари се откажува од неговиот позив. Таквата одлука наидува на одбивност кај неговите другари, семејството, па и кај неговата свршеница. Хари во меѓувреме добива „четири пердуви“, три од другарите и еден од саканата, симболичен гест дека неговиот чин претставува кукавичлук. Сакајќи да ги одбрани својата гордост и чест, тој тајно заминува во Судан, кадешто под заштита на пустинскиот Арапин (Џимон Хунсу) успева да спаси дел од другарите, потег што го враќа во прегратките на Етни, откако неговиот најдобар пријател Џек Даренс (Вес Бентли), кој се враќа од војната како херој, но со загубен вид, ќе сфати дека таа, всушност, отсекогаш била вљубена само во Хари.
И покрај неинвентивната и клишеизирана прва третина, останатиот дел од филмот изобилува со масовни и грандиозни сцени на борби во Суданската пустина, како и со сцени од тамошниот воен затвор, во кој илјадниците затвореници сочинуваат маса од тела како дупка преполна со стаорци. Визуелноста во сцените, која е постигната со позиционирање на камерата на неколку клучни места, филмот на Капур го ставаат рамо до рамо со неколку современи филмови, исто така успешни во доловувањето на „филмската вистина“ при снимањето на вакви масовни сцени. Поради инсистирањето на режисерот на ваквата филмска естетика, кастингот во филмот е на задоволително ниво, нудејќи ни мноштво од ликови и карактери кои солидните актери ги одигруваат во рамките на своите можности.
Но филмот, и покрај епската појдовна точка, прави обид да го стави под ист покрив модерниот сензибилитет низ мултикултурализмот. Таквата концепција си противречи самата себеси, бидејќи сценаристот Мајкл Шифер играл на две фундаментално различни полиња: од една страна, филмот на еден старомоден начин не’ тера да ја проголтаме романтичната приказна преполна со жртвувања, а од друга страна, амбициозно, но некако со половина здив, се обидува демократски да го критикува злото на британскиот колонијализам, истовремено претставувајќи ни ги главните протагонисти како херои и хероини.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 9 октомври 2003 година.