Интервју со Светозар Ристовски, „ИЛУЗИЈА“

Шанса да сними дебитантски долгометражен филм, Светозар Ристовски (1972) доби релативно рано во својата штотуку започната кариера. Тој шансата добро ја искористи снимајќи интересен филм, кој на не толку познатиот, но ценетиот „Anchorage film festival“ во 2005 година беше прогласен за најдобар филм, а декада подоцна имавме можност да го гледаме и на филмски канали како „ТВ 1000“, заедно со редица други квалитетни авторски остварувања. „Илузија“ својата премиера ја доживеа на Филмскиот фестивал во Торонто во 2004 година, каде што денес режисерот живее и работи. Авторот најави дека македонската премиера ќе се случи на фестивалот Браќа Манаки, но тоа не се случи.

Потоа следуваа три проекции на Филмскиот фестивал во Солун во ноември, каде што филмот доби позитивни критики. Сепак, интервјуто со Ристовски го правевме една година порано, во октомври 2003-та, кога „Илузија“ сè уште беше „Година на надеж“ и кога ниту еден датум од неговиот фестивалски и кино живот не беше прецизно зацртан. Меѓутоа, ова интервју беше значајно да се направи за да му се даде поддршка на дебитантот, кој до денес успеа да сними уште неколку филмови, „Драг г. Гејси“ (Dear Mr. Gacy, 2010) со канадски пари, и секако, актуелниот „Лазар“ финансиран од Агенцијата за филм, но, за жал, како и во случајот со „Илузија“, и овој филм чека некои подобри времиња за претставување пред македонската публика, како последна, но не помалку вредна проверка на неговиот квалитет.

– Документарецот за првиот концерт на балканската филхармонија „Радоста на животот“ од 2002 година ви донесе неколку награди на меѓународните филмски фестивали. Вашата нова преокупација се вика „Година на надеж“, долгометражен игран филм што се снимаше од почетокот на мај до средината на јуни годинава, во вашиот роден град Велес. Кои се вашите очекувањата и надежи од првиот целовечерен филм?  

Светозар Ристовски: „Година на надеж“ е во третата фаза од својата реализација, позната како постпродукција, значи монтирање, обработка на тон итн. Ако зборуваме со филмска терминологија, ова е сценарио со централен карактер, или приказна за еден лик околу чијшто живот се плете заплетот. Ова е тип на сценарио какво што најмногу почитувам да работам. На сценариото работевме заедно со Грејс Леа Троjе, писателка од Канада, со која работевме неколку месеци на еден тритмент што јас го работев и го зададов, и по одредено време дојдовме до верзија од која јас, лично, бев инспириран да ја филмувам.

– „Година на надеж“ е наслов кој „на прва“ ја лепи публиката на коментар на она што нам ни се случува денес, овде и сега. Странската публика секогаш очекува нешто егзотично од балканските простори, каде што ништо не е сигурно во однос на самиот живот како таков?

С.Р. За мене нешто друго е поинтересно за публиката надвор од Македонија, а тоа е дека во филмот станува збор за момче на возраст од 13 години, тоа се наоѓа во неговите преломни години, во годините на надеж, она што е пред матура. Сосема случајно тоа се преклопува со состојбата во која ние живееме овде, и тоа е еден интересен фолклорен момент што му дава друг слој на филмот, кој е социолошки, но можеби и политички.

– Колку сакате да калкулирате со очекуваното во приказната? Можеби главниот детски лик е основа за привлекување на што поголем број публика да го види филмот. Желбата за идентификација и можноста да се види од другата страна на огледалото отсекогаш била провокација плус…

С.Р. Основа за добар филм е добра приказна. Ако тоа правило го земеме како број еден, тогаш правило број два е – основа за добра режија е добар кастинг. Кастинг-директорот е многу битна работа и многу ценета професија. Во овој случај кастинг-директор беше Микола Хејко, а му асистираше Маја Младеновска. По неколку пробни снимања, интуитивно, како режисер, се одлучуваш кој е тој лик што е твој. Изборот падна на Марко Ковачевиќ, прекрасно талентирано момче, надарено, кое не само што го издржа филмот во физичка смисла, туку на филмот му подари и квалитет кој е единствен. Затоа сум пресреќен поради изборот.

– Имате ли некоја одредена формула како дебитант која би била основа за добар и успешен филм?

С.Р. Она што е тешко кога се прави прв филм е како да се добие актерски ансамбл што ќе му верува некому кој првпат влегува во ваква авантура. Имав среќа да работам со исклучителни актери, какви што се Мустафа Надаревиќ, Владо Јовановски, Никола Ѓуричко, Елена Моше…

– Како успеавте да го добиете големиот Мустафа Надаревиќ, легендата на југословенскиот филм?

С.Р. Интересно, ни мене не ми е јасно како Мустафа дојде да снима овде. Со него се видов во Загреб. Тој досега има одбиено многу филмови, особено од Македонија. Дојде со скепса, но мислам дека си отиде пресреќен. Сега сме многу добри пријатели и одлично комуницираме. Но, сите позитивно го прифатија проектот и тоа се гледа и од крајниот резултат.

– Какви планови се коваат околу филмот? Вообичаена македонска практика е прво да се обидеш на фестивалите, кои и онака бараат премиерно прикажување, а потоа да се случи и домашната кинопремиера…

С.Р. Постојат интересни најави од англиски дистрибутери што се заинтересирани да го преземат филмот, веќе го побараа од Филмскиот фестивал во Ротердам, но мислам дека нема да стигнеме за Ротердам и Берлин, можеби ќе конкурираме за Венеција, па Торонто, можеби и Кан… Во Македонија филмот ќе се прикаже по светската премиера, но зависи кога филмот ќе биде готов, кој ќе застане зад него, кој ќе биде дистрибутер и кои се неговите планови.

(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 2, а транскриптот и воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *