Фудбал и политика

Иако за време на светските првенства во фудбал барем за момент забораваме на политиката, несомнено, бракот меѓу фудбалот и политиката отсекогаш одел рака-под-рака, па ме интересираше како се развивале настаните во текот на Мундијалите од 1930 година до денешен ден, што се случувало, какви приказни испаѓале во зависност од контекстот и времето во кое се случувале… и еве што забележале хроничарите, информации кои се надевам дека ќе ви бидат интересни и додатно ќе ги коментирате 😉

УРУГВАЈ, 1930

– На осум стандардни репрезентативци од Хрватска не им било дозволено патување на првото СП, откако во последен момент седиштето на Фудбалскиот сојуз на Кралството СХС било префрлено од Загреб во Белград. Југославија настапила со играчи од три белградски клубови плус тројца странци

– Кралот на Романија, Карол Втори, многу сакал фудбал и направил се’ неговата држава да настапи на историското прво СП. За таа цел им дал тримесечен одмор од редовната работа на селектираните фудбалери, а се верува и дека се мешал во работата на селекторот при составувањето на тимот

– Меѓу Уругвај и Аргентина постоел голем ривалитет и недоверба, па финалето било одиграно со две различни топки, „уругвајска“ и „аргентнинска“ во различни полувремиња

ИТАЛИЈА, 1934

– Официјалниот постер на Мундијалот содржел фигура со италијански дрес кој отпоздравува со фашистички поздрав

– Шампионот Уругвај го бојкотирал настапот на второто СП поради тоа што многу од европските репрезентации не учествувале на првото СП во нивната земја

– На натпреварот меѓу Италија и Шпанија, швајцарскиот судија Мерсет апла навивал за домаќинот, и по првенството, неговата федерација посрамотена од тоа, доживотно го суспендирала од фудбалот

ФРАНЦИЈА, 1938

– Аргентина го бојкотирала првенството откако ФИФА им ветила дека ќе го организираат првенството, но во последен момент им го дала на Французите со образложение дека имаат подобра инфраструктура и ресурси за таков настан

– Во март таа година Германија ја анектирала Австрија, и поради тоа што и двете селекции имале обезбедено настап на СП, тие настапиле со комбиниран тим со играчи од двете репрезентации, па затоа првенството броело 15, а не 16 екипи. Празното место им било понудено на Англичаните, но тие одбиле да учествуваат

– Италијанските фудбалери на натпреварот против Норвешка во Марсеј ја поздравиле публиката со фашистички поздрав, на што негодувала публиката, па дури и италијанските навивачи на трибините, но фудбалерите не ги спуштиле рацете се’ додека не престанале свирежите, па стартот на мечот доцнел добри петнаесетина минути

– Индонезија е репрезентацијата која има забележано, буквално, само еден настап. Во 1938 година, тие играле под името Холандска Источна Индија и одиграле само еден натпревар против Унгарија, кој го загубиле со 6:0. По овој натпревар, владата се има вмешано и ја има повлечено својата репрезентација од понатамошен „блам“

БРАЗИЛ, 1950

– Индија, единствената азиска држава на првото повоено СП во фудбал се откажала од учество поради тоа што не им било дозволено да играат боси на теренот, како во матичната земја

ШВАЈЦАРИЈА, 1954

– Иако многу земји биле заинтересирани, оваа средноевропска држава ја добила организацијата на Мундијалот поради неутралноста во Втората светска војна

ШВЕДСКА, 1958

– За прв и последен пат се случило сите четири земји на Обединетото кралство (Англија, Шкотска, Северна Ирска и Велс) заеднички да настапат на еден ист Мундијал

– СССР за прв пат учествувал на СП во фудбал. Тие биле многу штедливи и не испратиле ниту еден новинар да известува од натпреварите. Интересно, таа улога му припаднала на фудбалерот Салников

ЧИЛЕ, 1962

– Полуфиналето меѓу Чехословачка и Југославија се одиграло во левичарскиот град Виња дел мар затоа што градските власти сакале на едно место да ги видат најдобрите „социјалистички екипи“

– Влатко Марковиќ, долгогодишниот претседател на ФС на Хрватска, пред неколку години даде контроверзна изјава во која вели дека намерно си дал автогол на натпреварот за третото место против Чиле, со цел „да почне поткопувањето на Југославија“. Марковиќ бил избран во идеалната единаесетка на првенството

– Колумбија за 22 минути успеала да го стигне водството на Русија од 4-1 поради помошта од бразилскиот судија Фиљо, кој подоцна признал дека им помогнал на Јужноамериканците поради тоа што по потекло бил Унгарец, и не ги сакал Русите по окупацијата во 1956 година

АНГЛИЈА, 1966

– Почеток на ривалитетот меѓу Англија и Аргентина по грубиот меч во во четвртфиналето и исклучувањето на капитенот на Гаучосите, Ратин. Тој не сакал да замине во соблекувалните и седнал на црвениот тепих наменет за Кралицата, по што бил изнесен од теренот со полиција. Селекторот на Англија забранил размена на дресови на фудбалерите по мечот, со образложение дека неговите играчи не треба да менуваат дресови со животни

– Владата на Северна Кореја изнајмила 12 навивачи да навиваат за нивната репрезентација

– Во една лондонска прошетка, кучето Пиклс на Дејвид Корбет го најде трофејот кој беше украден 6 дена претходно во Лондон.  Токму на ова првенство, домаќинот Англија го освои својот прв и единствен до сега златен медал од светските првенства во фудбал. Многумина се прашувале дали кучето му донесе среќа на „Гордиот Албион и дали овој настан беше „случаен“?

МЕКСИКО, 1970

– Поради квалификацискиот натпревар Салвадор – Хондурас избила кратка, т.н. „Фудбалска војна“, во траење од шест денови, која донела 2000 жртви

– По финалето, по победата на Бразил над Италија со 4-1, еден бразилски навивач се самоубил со образложение дека по третата титула светски прва на неговата земја немал причина понатаму да живее

ЗАПАДНА ГЕРМАНИЈА, 1974

– Политички коректно првенство, на кое во мода била долгата коса. Најдолги „џигерици“ имал Чилеанецот Ајала, дури 43см. Единствениот конкурент Лука Перузовиќ, по директива од југословенските власти, морал да се потстрижи пред самиот шампионат

АРГЕНТИНА, 1978

– Воената хунта на чело со генералот Видела мачела, затворала и убивала политички неистомисленици, а репрезентацијата ја водел декларираниот левичар, поранешниот комунист Сезар Луис Меноти

– Холанѓаните не ги примиле медалите за второто место во знак на протест поради режимот во Аргентина, а поради тие причини и тогаш најдобриот светски фудбалер Јохан Кројф не играл на ова првенство

ШПАНИЈА, 1982

– На натпреварот меѓу Кувајт и Франција се случило нешто неверојатно. Жирес дал гол за 4-1 за Франција, но принцот од Кувајт со својата карактеристична наметка се симнал на теренот и му објаснил на судијата Ступар од СССР дека неговите репрезентативци подзастанале откако слушнале свирче од публиката, и поради тоа бил постигнат голот. Судијата ја прифатил сугестијата на младиот кувајтски принц и го поништил голот

– По Мундијалот и елиминацијата на Бразил во втората фаза, во оваа јужноамериканска држава била забележана низа од самоубиства и срцеви удари со смртни последици

МЕКСИКО, 1986

– Организацијата на ова светско првенство ја добила Колумбија, но поради финансиски причини се откажала, и Мексико е првата држава во која релативно бргу, по втор пат, се одржува Мундијалот

– Продолжува ривалитетот на Аргентина и Англија, Марадона ни ја подарува „Божјата рака“, како вселенска одмазда за Фолкландската војна неколку години пред тоа

– Прв пат публиката го прави подоцна насекаде познатиот и применуваниот „мексикански бран“ на трибините

ИТАЛИЈА, 1990

– Пред полуфиналниот натпревар со Италија, Марадона, актуелен член на Наполи, ја повикува домашната, италијанска публика, да навива за Аргентина: „Сетете се како ве третира северот на Италија, затоа изберете ја вистинската страна“

– За последен пат на Мундијалите настапи југословенската репрезентација во комплетен состав. Загуби во четртфиналето на пенали од Аргентина, откако во осминафиналето ја елиминираше Шпанија со 2-0. Панчев го заврши првенството со два постигнати гола. На следното европско по две години Југославија, иако обезбеди учество, ќе биде дисквалификувана, а Данска како накнадно поканета ќе ја искористи шансата и ќе се искачи на европскиот трон

САД, 1994

– Марадона е избркан од Мундијалот поради допинг

– Рајмон Доменек, идниот селектор на Франција, е уапсен поради препродавање на билети за натпреварот Јужна Кореја – Боливија, но тоа не го спречи по четири години да ја освои светската титула со својата селекција

ФРАНЦИЈА, 1998

– Мароканецот Саид Белкола е првиот африкански судија во финалето на еден Мундијал


ЈАПОНИЈА и ЈУЖНА КОРЕЈА, 2002

– Јужнокореанскиот фудбалер Ан Џунг Хван, кој со „златен гол“ ја исфрли Италија, утредента добил отказ од газдата на матичниот клуб Перуџа, со образложение дека овој не сакал да плаќа фудбалер кој го уништил италијанскиот фудбал

ГЕРМАНИЈА, 2006

– Граѓанската војна во Брегот на слоновата коска била прекината за кратко поради пласманот на репрезентацијата на СП. Двете завојувани страни заеднички го прославувале успехот на фудбалерите

– На натпреварот Аргентина-Холандија англиските навивачи скандирале „Кој не скока, тој е Англичанец“. Еден од тројцата аргентински навивачи во инвалидски колички крај теренот станал и почнал да скока, а публиката била шокирана

– статистиката потврди дека 9 месеци по завршувањето на првенството, во земјата-домаќин за 10 % е зголемен бројот на новороденчиња во споредба со претходната година. Веројатно пивото и возбудата си го направија своето

ЈУЖНА АФРИКА, 2010

– Прво СП на територијата на Африка, во земјата во која по ослободувањето на Мандела не смеело да се дозволи да има политички турбуленции за време на Мундијалот

– Првенството го одбележува иритантниот звук на Вувузелите поради кои и може да се започне војна, па затоа на следното првенство се забранети на стадионите

БРАЗИЛ, 2014

– Големи немири во Бразил до самиот почеток на шампионатот, но и во текот на неговото одржување, иако контролирани, поради енормното трошење народни пари на Владата за изградба на стадионите

– За релативно вадење од ситуацијата, Владата го менува законот за забрана за пиење пиво на стадионите, што ќе донесе голема заработувачка

РУСИЈА, 2018

– откако ги организираа најскапите Зимски олимписки игри во Сочи четири години претходно, Русија беше домаќин и на Светското фудбалско првенство, во кое исто така вложи големи средства, за што беше обвинувана од опозицијата дека се „украле“ многу пари за време на доградбата на стадионите и инфраструктурата до и околу нив

– Светскиот куп беше шанса за Русија да го поправи имиџот во светот на долги стази по обвинувањата за нејзините нескротливи хулигани на трибините и рушењето на човековите права на многу нивоа

Катар 2022

– Долго време се шпекулираше дека првенството му е доделено на Катар со поткуп, за што настрада Претседателот на ФИФА, Сеп Блатер

– Светот реагира на кршењето на човековите права при изградбата на стадионите, каде фигурира и бројка од неколку илјади загинати работници

(Продолжува)