Социопатски карактери и вандализам како недефиниран гнев на сиромаштијата

Дури и на Мартин Скорсезе, режисер со силен бекграунд, му требаа 25 години за да го развие сценариото, да ги убеди продуцентите и да го сними филмот „Бандите на Њујорк“ според истоимената книга на Херберт Ешбери од 1927 година. Филмот е е епско дело какво што режисерот не снимил од „Години на невиност“ (1993). Токму затоа фановите на овој филмаџија ќе уживаат во новиот филм бидејќи ги содржи сите елементи што тој милуваше да ги употреби во „Добри момци“, „Таксист“ и „Њујорк, Њујорк“.

Скорсезе го отвора филмот со гигантска генг-сцена во која нативните антикатолици на чело со Бил Касапот (Даниел Деј Луис) и ирските католици-доселеници на чело со Отецот Валон (Лајам Нисон), во 1846 година на плоштадот во Лоуер-Ист Менхетн симболично наречен „Пет точки“ решаваат кој ќе биде господар на тоа контроверзно парче земја. Во директен дуел во кој низ воздухот летаат глави, ножеви, нозе, мачеви, раце, секири… Бил го убива Отецот пред очите на неговиот малечок син.

По 16 години, њујоршкиот лонец за топење е уште поврел. Емигранти доаѓаат од сите страни, лешевите се се’ поприсутни на улиците и доковите, а пред вратата тропа и граѓанската војна за ослободување од ропството. Во таква ситуација, Амстердам (Леонардо ди Каприо) се враќа во градот со една цел – да го одмазди својот татко, инволвирајќи се во бандата на умниот лидер и политички манипулант Бил Касапот. Оттука, филмот влегува во рамките на гангстер-ноар жанрот.

Снимен во легендарното Чинечита студио во Рим за повеќе од 100 милиони долари, „Бандите на Њујорк“ е уште една голема посвета на Скорсезе на родниот град. Тој се обидува од денешниот апокалиптичен мултиетнички простор да направи своевиден мит, со тоа што овој пат не се занимава со бурните десетлетија од 20 век, туку се враќа во анархичниот 19 век, во кој владеат одмаздата, жедта за крв, етничкиот анимозитет и капиталистичката нехуманост. По гледањето на филмот во сеќавање остануваат социопатските карактери, линчуваните Афроамериканци и еден куп вандализам на улиците на градот, сето тоа низ недефиниран гнев на сиромашната класа во однос на богатата елита. Сите филмови на Скорсезе имаат неколку поттеткстови и пораки, но „Бандите на Њујорк“ е далеку пошизофрен послоевит.

Кастингот е интересен момент бидејќи во него доминираат британско-ирските актери (Џим Броудбент, Гери Луис, Алек МекКоуен), кои ја носат автентичноста на дејството, задржувајќи го оригиналниот ирски акцент во изговорот. Главниот носител на приказната е харизматичниот, социопатски карактер на Бил Касапот, улога во која по подолга пауза брилјира Даниел Деј Луис. Неговата демонска привлечност едноставно ги засенува немоќните ди Каприо и Дијаз, не се ни потрудиле барем изговорот на репликите да им биде малку поразличен од нивните претходни остварувања. Најголеми забелешки доби сценариото на филмот во однос на вистинитоста на историските факти. Но доколку не постоеше овој филм, никој немаше да знае за клучните борби во Њујорк за време на граѓанската војна. Сепак филмот е фикција, и не мора докрај слепо да се држи до историските факти.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 13 август 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *