Супертехнологијата не го „победи“ филмот

По неколкугодишна макотрпна работа на проектот, конечно пристигна и третото продолжение на „Терминатор“. Филмот треба да ни ја разјасни нашата (читај: човечката) судбина во иднината. Со првите два филма, сценаристот и режисер Џејмс Камерон не само што го редефинираше акциониот жанр, туку постави и нови правила на игра кои од неговото чедо создадоа култ и милиони приврзаници на фантастичната приказна. По 20 години, можеби поради фактот што се’ уште го оспеднуваат духовите од потонатиот Титаник, Камерон отстапи простор за нова екипа на луѓе кои ќе ја продолжат сагата. За негова голема радост, тие ја искористија шансата.

„Т3“ е потемен и поапокалиптичен од „Т2“, но почнува многу слично. „Понекогаш се случуваат работи кои не можеме да ги смениме“, вели Џон Конор (Ник Стал). Два супертерминатора атерираат на Земјата од иднината. Едниот, Те-Икс (Кристана Локен) за да го уништи Џон Конор, идниот лидер на движењето на Отпорот, а другиот, Те-101 (Арнолд Шварценегер) за да го спречи тоа, верификувајќи го следот на настаните на пророштвото од иднината. Причината исто така е надоврзување од претходниот дел: стариот, лош „СкајНет“ и понатаму работи на усовршување на артифициелната интелигенција, создавајќи роботи кои ќе излезат од контрола и ќе почнат да ја остваруваат мисијата за уништување на човечката раса.

Режисерот Џонатан Мостоу го задржува шмекот на првите два дела, истовремено не дозволувајќи и’ на супертехнологијата да го „победи“ филмот и единствено таа да го окупира вниманието на гледачот. Мостоу ја раскажува приказната претежно низ слики, а не низ зборови, со брза и ефектна монтажа која одлично функционира во текот на целиот филм. Тој умно ја користи и Локен, бидејќи е нов и главен адут во филмот, а фантастично ја развива и емоционалната врска меѓу Конор и Кејт, давајќи му дополнителна тежина на научно-фантастичниот еп. Сето тоа не би функционирало доколку сценариото не било добро. За неговиот квалитет се „виновни“ Џон Бранкато, Мајкл Ферис и Теди Сарафиан. Тие, иако е тешко да се создаде нешто ново и интересно во веќе зацртаните рамки, со отворен ум и голема доза на креација од „Т3“ направиле филм полн со тензија и емоции, достоен и доследен наследник кој може да се гледа и независно, регрутирајќи нови поклоници на серијалот.

Најмногу фасцинира хуморот во текот на филмот, кој ја олабавува напнатоста и сериозноста на приказната, па таа лесно се проголтува. Злобниците велат дека доколку Шварценегер помалку зборувал, филмот ќе бил уште поуспешен 🙂 Но, овој пат Терминаторот зборува премногу, најмногу благодарение на виталноста на актерот, кој на 55-годишна возраст покажува кој е шефот. Покрај него, иако за нијанса понехаризматичен од Едвард Фурлонг, Ник Стал е на ниво на задачата играјќи го Избраниот Џон Конор, овој пат како повозрасна, веќе зрела личност. Во улогата на Клер брилјира Клер Дејнс. Нејзините реакции се склучни за дејствието, движејќи се од страв и гнев, до скепса. Нешто слично како мајчинската фигура на Линда Хамилтон во „двојката“, која овде е почината од леукемија.

Сепак, најмногу пофалби одат на адресата на Кристана Локен, која иако е главна ѕвезда во филмот, за разлика од Шварци, не кажува ниту збор. Нејзината убавина, шарм и талент одлично одговараат на предизвикот „Терминатрикс“, чија улога не е да биде лош, туку е програмиран да убива. Денешното современо општество е фасцинирано од машините, роботите и романтичната замисла за патување низ времето. „Т3“ ги обединува сите овие човечки производи создавајќи нов свет, во кој „Судниот ден“ постојано не’ демне. Очекувањето на неговото скоро доаѓање и понатаму сите не’ прогонува. Во мислите. Во соништата.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 6 август 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *