За разлика од рецензиите во изминатиот период каде фигурираа филмови претежно од 2016 година, овој пат одиме со топ актуелен наслов. Имено, на покана на пријателите од компанијата за визуелни ефекти „FX3X“, присуствував на светската премиера на филмот „Дух во школка“ во Синеплекс, која паралелно се случуваше и во останатите градови од светот. По малку сушниот период и чекањето да завршат Оскарите, ова е новиот проект на кој работеа компањоните од студиото во Аеродром, и тие го имаат ексклузивното право кога работат на некој филм, премиерата на истиот да се случи во исто време со неговата светска премиера. Не се информирав на кој дел од специјалните ефекти работеле момците и девојките од „FX3X“, но сè ми се чини дека ова е можеби досега најкомплексниот филмски проект во кој учествувале, поради густината на сликата и деталите во истата, и еден куп леери и леери кои треба да се исцинцелираат до перфекција. Уште едно големо браво за нив!
Судејќи според режисерското име на Британецот Руперт Сандерс, кој зад себе има само едно долгометражно остварување и пар кратки филмови, филмот не ветуваше многу. Но, токму поради тој еден филм, „Снежана и ловецот“ од 2012 година, претпоставувам дека Сандерс и добил шанса да го сними овој ес-еф проект, бидејќи деби филмот веднаш лапнал и две номинации за Оскар, додуша за костимографија и визуелни ефекти, но токму тоа и се важните парчиња од мозаикот на неговото ново остварување.„Дух во школка“ е екранизација на истоимената манга приказна, територија која за мене е комплетно непозната, освен анимираниот дел во „Убиј го Бил“ на Квентин Тарантино, за кој од интервјуата паметам дека мангупот го направил според сите мастрафи на оваа јапонска естетичка лабораторија. Но, затоа добро сум запознаен со жанрот „научна фантастика“ во целина, и можам слободно да заклучам дека ова остварување претставува комплетно рециклирање на неколку филмови од изминатите декади, како „Блејдранер“ (создавање на совршен репликант, но без недоумиците околу неговото траење, потоа, рекламите кои фрчат додека шетате по улиците, итн), „Петтиот елемент“ (сличностите на главните хероини играни од Мила Јовович и Скарлет Јохансон), „Вонземјанинот“ (во една од завршните сцени ликот игран од Мајкл Пит е обвиткан во структура која многу наликува на славниот Гајгер, или Гигер, како сакате), па и нискобуџетниот „Џони Мнемоник“ според приказната на сајбер гуруто Вилијам Гибсон (создавањето на мрежа во мрежата, во случајов од човечки мозоци, а во „Џони“ им помагаше еден сирот делфин). И во однос на филозофијата во самиот филм, и таа претставува фрагменти од веќе видени и култни остварувања: Мајорката е комбиниран организам од човек и робот, земена директно од андерграундот каде единствено може слободно да се живее. И како и во реалниот живот, кога светските Влади неретко ги земаат најдобрите хакери да работат за нив, и овде таа претставува совршено оружје на Компанијата, како врвен ентитет и контролор на сè што мрда на планетата, во комбинација со семоќната светска Влада. И сето ова спакувано во мотото на филмот, кое мора да звучи моќно: „Човечките суштества не ги дефинираат сеќавањата, туку делата“. Има неколку сјајни сцени, како создавањето на супер моделот 2751 (на моменти наликува како на крајот од чаурата да излегува фамозната Бјорк), или пак левитирањето во водата заедно со медузите, единственото место каде не се чувствува пуцкањето на преносот на информации низ воздухот.
И покрај рециклирањето, сепак, мора да му се признае на Сандерс и на неговиот кастинг директор дека на едно место собрале фантастична актерска екипа. Скарлет Јохансон и Мајкл Пит се предводници на новата генерација американски актери која созреваше во првата декада на 21 век, а во оваа, актуелната, веќе ги достигнуваат посакуваниоте височини. Кога на хемијата меѓу нив ќе им се придодадат искусните Жилиет Бинош и Такеши Китано, тогаш привлечноста да се изгледа филмот е зголемена двојно повеќе.
Но… и покрај нивните солидни перформанси, сепак, овој тип на филмови не е типичен за нивната актерска раскошност. Скарлет ЏонХенсон (како што упорно ја нарекуваше една новинарка на МТВ), и покрај тоа што пред неколку години ја видовме во едно интересно хорор/ес-еф остварување насловено „Под кожата“, а подоцна и со главна улога во фалениот „Луси“ на Лик Бесон, сепак, во овој филм е страшно згрчена, со неприроден фацијалис, и за жал, освен нејзината несомнена убавина која само се наѕира во пар сцени, останатото може лесно да го заборавиме. Мајкл Пит, пак, иако се појавува во помалку сцени во филмот, делува поубедливо од неа. Сепак, и за двајцата важи констатацијата дека треба да работат со режисери кои од нив ќе извлечат многу повеќе, како Софија Копола во „Изгубени во преводот“ со Јохансон и Бил мареј како нејзин партнер, односно, Гас ван Сент во „Последни денови“ (Мајкл Пит како Курт Кобеин), или нешто порано, Бернардо Бертолучи во „Сонувачи“, кога Пит сè уште беше голобрад и непознат. За Жилиет Бинош ова е сигурно филм кој од неа не бара ниту половина актерски ангажман за разлика од речиси цела нејзина претходна филмографија, а мајсторот Такеши Китано можеби е најсоодветниот избор за улогата, бидејќи дејствието и онака се случува во Токио, каде тој царува со своето филмко педигре, небаре е филмски Јакуза, илити јапонскиот Кум, како парирање на антологиската улога на Брандо во истоимениот филм од 70-те години.Сè на сè, „Дух во школка“ е максимално гледливо остварување кое на крајот можеби не ги исполнува до крај очекувањата на филмските сладокусци, особено не на фановите на научната фантастика, но во недостиг на поквалитетни жанровски остварувања, останува да уживаме во неговата сложена естетика и игривост. Јас едвај чекам да дојде 6 октомври, за кога е најавена светската премиера на продолжението на „Блејдранер“, чисто да видам дали ќе се потврди непишаното правило дека „секвелот“ никогаш не е подобар од оригиналот (освен, според мене, во случајот со „Терминатор 2“), или пак Ридли Скот и компанија ќе го поместат жанрот еден чекор понатаму, нешто што со години сите ние нетрпеливо го очекуваме.
(Текстот е објавен на kritika.mk)