Малкумина режисери можат да се пофалат со идеална филмографија во која секој наслов е навистина посебен. Еден меѓу нив дефинитивно е италијанскиот автор Џузепе Торнаторе, кој, според критичарите и филмофилите, нема промашување во својата кариера. Тоа пред се’ се должи на големата доза на носталгија која се провлекува во неговите остварувања, но навистина треба да си мајстор сите тие чувства суптилно да ги дозираш и на крајот да излезеш како победник. Затоа, во следните редови фрламе поглед врз био-филмографијата на еден од најчесто споменуваните и најгледани италијански филмски автори во последниве 20 години – мајсторот Торнаторе!
Италија е филмска земја во вистинска смисла на зборот, филмска школа која постојано дава раритетни бисери во европската и светската кинематографија. Почнувајќи од Неореализмот кој го обележа периодот по Втората светска војна со делата на Виторио де Сика и Роберто Роселини, преку опусот на фантастичниот Фелини, но и на неговите современици, па се’ до новата генерација филмаџии, како Габриеле Салваторес и Матео Гароне, италијанската кинематографија со право постојано е во врвот на интересот на публиката насекаде низ светот. Можеби ситуацијата е таква бидејќи и самите Италијанци се вистински љубители на седмата уметност, па затоа неретко се вели „доколку филмот не помине кај кино-гледачите на Чизмата, кои знаат да препознаат искрен филм со вистински емоции, тогаш тој едноставно треба да се заборави“. А токму емоциите преточени на големото платно најчесто се оние поради кои одредени остварувања вечно остануваат во срцата на гледачите. Еден од мајсторите кој љубоморно ја чува формулата како да се допре до најискрените чувства на филмофилите во затемнетиот кино-храм е Џузепе Торнаторе, кој со своите занаетски остварувања во минатите две и кусур декади испиша нова страница во филмската историја.
Роден во 1956 година во малото гратче Багерија на злогласната Сицилија, Торнаторе околу себе имал мноштво приказни кои подоцна, во својата полна зрелост, од се’ срце ги раскажува и на големиот екран. И за среќа што неговиот животен пат не тргнува во правец на ситните и крупни ујдурми кои Мафијата со години ги прави во неговата матична земја, туку по онаа, креативната линија во која магијата на подвижните слики го зазема централното место. Иако Торнаторе својата кариера ја започнува како успешен фотограф со многу награди, а потоа ја прифаќа професијата на телевизиски режисер, сепак, набргу се заситува и од неа, бидејќи филмот е она што отсекогаш го привлекувало.
Својот првенец Торнаторе го сними во 1986 година, насловен „Камора“. Се работи за двоиполчасовно патување во гнездото на криминалот, преку приказната за најозлогласениот неаполски бос Рафаеле Кутоло. „Професорот“, како што од милост го нарекувале неговите соработници, е маестрално одигран од Бен газара, но филмот е оценет просечно, со предвидување дека режисерот дефинитивно не може да побегне од својата карма, и дека во неговата понатамошна кариера може да се очекуваат уште многу екранизирани приказни за мафијата.
Само две години подоцна стигна демантот. Релативно рано Торнаторе го сними своето ремек-дело, по кое и ден-денес е познат. „Киното Парадизо“ со својата сугестивна приказна од која прштат емоции (па и солзи) на сите страни, едноставно не може да не ве освои. Приказната за малиот Салваторе, чие детство го обележуваат филмските проекции благодарение на активноста на локалното кино, претставува носталгично патување во срцето на филмската уметност и нејзините најславни денови, кога со животот на хероите и хероините на екранот израснале цели генерации низ светот. Кога на крајот ќе се потсетиме и на сцената во која сега веќе возрасниот Салваторе ги гледа цензурираните бакнежи кои „шнајдерот“ Алфредо мајсторски ги отстранил, сликата станува целосна. И секако, „Киното Парадизо“ заслужено го освои Оскарот за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје во 1989 година, како и Гран прио-то на жирито во Кан.
По големиот успех, многу е тешко да се одржиш на врвот. Но оние кои добро го познаваат Торнаторе велат дека човекот пред се’ е вљубеник во занаетот и дека не трча по секоја цена по успехот. Затоа, почетокот на последната декада од 20 век значеше снимање на неколку остварувања кои беа само предигра пред следното негово големо дело. Во „Сите се добро“ (1991) режисерот за прв пат соработува со легендата Марчело Мастројани, повторно во приказна сместена на неизбежната Сицилија, во која главниот протагонист тргнува во посета на своите пет деца, за на крајот да дознае дека со нив, сепак, „не е се’ во ред“. Следната сезона Торнаторе е дел од омнибусот „Неделни приказни“ под кураторство на Бернардо Бертолучи, каде го снима комичниот дел за еден бербер насловен „Синиот пес“.
Средината на 90-те претставуваше пробивање на мразот на италијанскиот режисер на интернационален продукциски план, во кој за само две години (1994 и 1995) сними два филма во кои експериментираше со криминалистичкиот жанр и трилерот. „Чиста формалност“ рамо до рамо ги стави Жерар Депардје и Роман Полански во заедничката истрага со кафкијански елементи од кои застанува здивот. Релативниот успех на филмот на европските кино-благајни го натера филмаџијата да се врати на добро познатата територија, па следниот филм „Создавач на ѕвезди“ повторно не’ враќа (погодувате!) на Сицилија и на добро познатата тема – „влијанието на магијата на филмот врз обичниот човек“.
Дест години по успехот со „Киното Парадизо, Торнаторе конечно повторно брилјира! Со самата одлука неговиот следен проект да биде екранизација на прекрасната книга на Алесандро Барико „Легендата за пијанистот на океанот“, режисерот знаеше дека се движи во вистинска насока. Елегичната приказна за Дени Бодман Т.Д. Лемон 1900, роден на брод среде океанот на 1 јануари 1900 година, човекот кој никогаш не стапнал на копно и кој е најдобриот пијанист на светот, по книжевниот успех ја освои и филмската публика ширум светот. Британскиот актер Тим Рот ја одигра улогата на својата кариера, а Торнаторе со право се враќа на врвот од својата генерација, откако филмот ги собра сите филмски награди во Италија, како и европската награда за најдобар кинематографер (Лајош Колтаи) и наградата на старнските новинари во Холивуд за најдобра филмска музика (Енио Мориконе).
И додека радоста се’ уште трае, следи уште едно touche’ со истата екипа соработници. „Малена“ од 2000 година ги има сите елементи од претходните филмови на Торнаторе: Сицилија, сонце, љубов, војна, носталгија… но со една значајна разлика – Моника Белучи! Раскошната актерка во која се вљубени повеќето од Италијанците на ова ова остварување му дава посебен шмек, правејќи од него неизбежна лектира за секој вљубеник на подвижните слики.
По малку подолга пауза, откако во меѓувреме работеше на новата верзија на „Киното Парадизо“, во 2006 година режисерот се враќа во игра со психолошкиот трилер „Непозната жена“, со кој докажува дека знае да се фати во костец и со сериозни животни теми, во кои класните разлики се прилично чувствителни. И така дојдовме до засега последното целовечерно остварување во плодната кариера на Џузепе, филмот „Барија“ од 2009 година, кој претставува негов одговор на 255-минутниот филм „1900“ од 1976 година на колегата Бертолучи. „Барија“ е епска приказна која 53-годишниот Сицилијанец одамна сонувал да ја сними. Таа раскажува за животот во неговото родно место Багерија, мало селце близу Палермо, во кое животот се менува во зависност од политичките превирања во Италија. Во два ипол часа режисерот прави преглед на случувањата од 30-те години на 20 век до денешен ден. Во филмот публиката присуствува на појавата на комунизмот, развојот и падот на фашизмот, Втората светска војна, како и преземањето на контролата на мафијата по капитулацијата. „Барија“ е претежно сниман на локации во Тунис, а целиот проект чинеше 25 милиони долари, што го прави една од најскапите италијански продукции воопшто.
„Филмот нема намера да зборува само за Сицилија, тој не е само тоа, туку точка на гледање при раскажувањето на приказната која може да ја сместите било каде во светот. Идејата не беше да се сними филм за Сицилија, туку низ плејадата ликови да се влезе во микрокосмосот на животот во селото“, изјави Торнаторе по повод премирата на Венециската Мостра, спонтано сублимирајќи ја целата своја кариера, во која неговите приказни се локални, но истовремено и толку препознатливи и универзални. Затоа, сите со нетрпение го очекуваме неговиот следен филм.
@Текстот е објавен во магазинот „Твој Клуб“ во ноември 2011 година.