Книга на годината во Полска според „Gazeta Wyborcza“, книга на годината во Германија според „SWR“, и уште безброј успешни преводи, промоции и рецензии ширум светот во текот на 2025 година… „Градинарот и смртта“ од Георги Господинов, една од најзабележителните објави која веќе фигурира на листите на најуспешни прозни дела за 2025 година, конечно, и на македонски јазик, во превод на Душко Крстевски. Од денес достапна и за домашните читатели во издание, се рабира, на „Или-Или“.

Новиот роман од Господинов e длабоко лична и трогателна приказна за загубата, сеќавањето и последните денови на неговиот татко, истражувајќи ја тагата и светот што умира низ призмата на нарацијата на синот. Авторот на суптилен начин, како и во неговите претходни прозни дела, ги истражува сеќавањето, отсуството, раскажувањето приказни и трогателната врска помеѓу животот, градинарството и смртноста, истакнувајќи дека „нечие отсуство ја става во движење целата машинерија на сеќавањето“, додека градината е изјава на љубов во култура каде што „не е вообичаено да се кажуваат работи како: те сакам“.

Романот започнува антологиски: „Татко ми беше градинар. Сега е градина“, и сигурен сум дека љубителите на добрата литература ќе уживаат во него со најголемо задоволство. Впрочем, како и во секоја книга на Господинов, било да се работи за роман, збирка раскази или поетска книга.
