Градски парк, Природонаучен музеј, д-р Станко Караман – Скопје, есен 2019

Лудило! Веќе е 19 октомври, а дневната температура никако да падне под 25 степени. Вака ќе тера и следната недела. И додека ЕУ и „современиот Наполеон“  не’ зезаат по којзнае кој пат, повторно внесувајќи немир во нашите животи кои се обидуваме на ваков или онаков начин достоинствено да ги „издржиме“, околу нас си трае таканареченото „индијанско лето“, или по нашки, „ѓупско лето“, баш на средина од есента. Овој период од годината отсекогаш бил фасцинантен доколку се одлучите за безгрижна прошетка низ градскиот парк, бидејќи вакви нијанси на бои никогаш нема да сретнете во друг период од годината во центарот на метрополата.

И додека поминуваме покрај добро познатите пунктови со ксилофонот,трупот-куќичка, летната дискотека на поранешното ракометно игралиште на чии ѕидови секогаш има интересни графити, се упатуваме кон езерцето во централниот дел од паркот.

Го избегнуваме локалот од кој доаѓа врева и се сместуваме од другата страна за да играме одбојка, да фрламе камчиња во езерцето, да видиме дали рибарот ќе извади нешто со трската скриен зад дрвото наведнато над водата како мудар старец, и секако, да уловиме со фото апаратот некоја верверичка додека скока од гранка на гранка собирајќи ги последните резерви со храна за претстојната зима (иако денес немавме среќа!).

На враќање кон другиот дел од паркот, каде што има најголема фреквенција, после споменикот на Гоце Делчев, попат ги сретнуваме старите скулптури кои ја изгубија битката со барокот, но се’ уште стојат гордо исправени на тревниците, кутијата претставува интересен нов детал на концептуална уметност, хамакот-лежалка меѓу дрвјата го чека својот пријател подготвен за попладневен хедонизам, а летањето на рачно изработени летала не се остварува во целост поради слабиот ветер денеска. Најголема заинтересираност има околу новопоставената улична кутија-библиотека за размена на книги (една од неколкуте низ градов), каде мајките ги земаат сликовниците и им читаат на своите дечиња некоја кратка приказна токму тука, на лице место.

Во тој момент паѓа неминовното прашање „како и кога е создаден градскиот парк“, според многумина, еден од најубавите на Балканот. Фаќаме сенка под едно од дрвјата и се вклучуваме во мрежата. Секако, одговорот го знаев, но сакав попрецизно да ја доловам приказната за д-р Станко Караман, творецот на просторот кој денес го знаеме како „Градски парк“, но и на скопската Зоолошка градина, како и на Природонаучниот музеј во нејзини рамки. За животот и делото на д-р Карамн прв пат прочитав во книгата „Скопски легенди“ (Дирекција за култура и уметност, 2016) на Данило Коцевски. Еве што вели тој за еден од заслужните граѓани на овој град:

„Док­тор Стан­ко Ка­ра­ман има из­вон­ред­но ин­те­рес­на жи­вот­на суд­би­на и бо­га­та на­уч­на ка­ри­е­ра. Иа­ко е ро­ден во Са­ра­е­во во 1889 го­ди­на, тој по­тек­ну­ва од ин­те­лек­ту­ал­но сплит­ско се­меј­ство. Тој за прв пат за крат­ко вре­ме прес­то­ју­вал во Скоп­је во 1922, а пов­тор­но му се вра­тил во 1923 г. и ос­та­нал во не­го сe до по­че­то­кот на вој­на­та во 1941 го­ди­на. Нај­пр­вин бил по­ка­нет ка­ко па­ра­зи­то­лог да ја спречува ма­ла­ри­ја­та, а по­доц­на со го­лем ус­пех ја ис­тра­жу­вал фа­у­на­та во Ма­ке­до­ни­ја. Во 1926 го­ди­на тој ја под­не­л ини­ци­ја­ти­ва­та за ос­но­ва­ње зо­о­лош­ки му­зеј ка­ко за­че­ток на скоп­ски­от При­ро­до­на­у­чен му­зеј и Зо­о­лош­ка­та гра­ди­на, онак­ви как­ви што де­нес ги поз­на­ва­ме. Сво­ја­та соп­ру­га, ко­ја би­ла Сло­вен­ка, ја за­поз­нал во Скоп­је и со неа ста­пил во брак во 1934 го­ди­на. Се­мејс­тво­то (си­но­ви­те Мла­ден и Гор­дан и ќер­ка­та Бил­ја­на) се се­ле­ло во те­кот на вој­на­та низ не­кол­ку гра­до­ви на по­ра­неш­на Ју­гос­ла­ви­ја и, ко­неч­но, пов­тор­но му се вра­тило на Скоп­је во 1952 го­ди­на. Жи­ве­е­ле во згра­да­та на При­ро­до­на­уч­ни­от му­зеј, ко­ја пред зем­јот­ре­сот се на­о­ѓа­ше до по­пу­лар­но­то ки­но “Мла­ди­на”, во цен­та­рот на гра­дот.

Доктор Караман се за­ни­ма­вал со ис­тра­жу­ва­ње на ри­би­те, но и на под­зем­на­та фа­у­на. Ја имал опи­ша­но пас­трм­ка­та-сал­мо­лет­ни­ца на ко­ја и‘ го дал и ла­тин­ско­то име. При ос­но­ва­ње­то на Зо­о­лош­ка­та гра­ди­на и на Му­зе­јот, д-р Караман ко­му­ни­ци­рал со мно­гу­ми­на лов­џии, кои му но­се­ле при­ме­ро­ци од жи­вот­ни. Не­кои од нив би­ле спе­ци­јал­но пре­па­ри­ра­ни и тие би­ле вис­тин­ска ат­рак­ци­ја. Чу­ва­ње­то на жи­вот­ни­те во Зо­о­лош­ка­та би­ло спо­ред си­те сов­ре­ме­ни стан­дар­ди за тоа вре­ме. Тој бил ини­ци­ја­тор и за садење на вто­ри­от и тре­ти­от дел од Град­ски­от парк и не слу­чај­но во тој дел се на­о­ѓа Зо­о­лош­ка­та гра­ди­на. Тој, ис­то та­ка, бил ини­ци­ја­то­рот за основање на пр­ви­те при­ро­до­на­уч­ни спи­са­ни­ја кај нас“.

Некои други текстови на мрежата, меѓу кои и оној на Википедија, основањето на Природно-научниот музеј и облагородувањето на неговата околина го опишува на следниот начин:

„Како страствен колекционер и проучувач на животинскиот свет во Македонија, д-р Станко Караман е основач на Природонаучниот музеј, на Зоолошката градина и Скопскиот парк. Во есента 1926 година донесен е закон за основање на Зоолошки музеј во Скопје, кој подоцна ќе прерасне во Природонаучен музеј. Во истата година, од страна на тричлена комисија со која раководи д-р Станко Караман, на денешната локација била формирана Зоолошката градина во Скопје, која располагала со скромен број животни кои претежно биле добиени како подарок.

Природонаучниот музеј на Македонија (Зоолошкиот музеј) го започнува својот живот во павиљон во сегашниот градски парк, а потоа се сели во потрага по подобри услови за работа. Д-р Караман бил на чело на оваа институција се` до почетокот на Втората Светска Војна. Тој е единстениот научен работник, кој работи заедно со еден препаратор и едно техничко лице. Сам колекционирал материјали, ги обработувал или ги праќал на обработка на познати и признати стручњаци од цела Европа, со кои е во постојана коресподенција. Набргу по формирањето на Музејот, д-р Караман се сели во зграда во Дебар Маало. Потоа во 1934 година повторно го преселува во градскиот парк, во зградата на кафеаната „Кермес“, а во 1939 година, поради недостаток на простор, Музејот повторно се сели во поголема зграда на бул. „Илинден“ каде имале соодветни услови за интензивирање на музејската дејност, особено на колекционерската и научноистражувачката активност“.

„Во овој период, д-р Караман превзема уште една иницијатива. Одземајки дел по дел од неплодната и мочурлива површина, која Вардар постојано ја плавел, на површина од над стотина хектари тој ќе го изгради вториот Градски парк во кој ќе насади автохтона флора. Со почетокот на Втората Светска Војна во 1941 година, Музејот привремено ги запира своите активности, а д-р Станко Караман со семејството ја напушта Македонија. Оди во Србија и живее во Крагуевац и Смедерево. По војната прво работи во Биолошкиот институт во Дубровник, а во Македонија се враќа дури во 1952 година и се вклучува во сите активности на Музејот. Продолжува со истражувањата, а новите биолози ги воведува во светот на науката.

Во 1957 година, на негово барање бил пензиониран. Но, неговата активност, продолжила се` додека болеста не го спречи. По долготрајно боледување почина на 17 мај 1959 година во Скопје. Еден од најголемите ихтиолози на Балканот остави зад себе над стотина научни трудови и колекционерски материјал кој се чува во депоата или е изложен во Музејот“.

После сите овие информации, нормално беше да се упатиме кон Природонаучниот музеј, кој не сме го посетиле одамна. Секако, поставката со децении е истата, и навистина ми е жал зошто тоа се’ уште е така (се надевам дека во иднина некоја европска фондација ќе одвои средства за обновување и освежување на понуденото!), но секогаш е возбудливо да се видат грижливо подготвените излози за флората и фауната, и воопшто, за настанувањето и функционирањето на живиот свет, кој секогаш е атрактивен за помладите генерации кои навлегуваат во светот на науката преку наставните предмети. Впрочем, училишните посети на музејот и понатаму одлично функционираат.

Интересно е да се видат примероците од минералите на почетокот од поставката, фосилните остатоци од животните од македонските археолошки наоѓалишта, огромните габи и останатите примероци од нашата богата флора, па преку прекрасните примероци на пеперутки и страшните влекачи, попатно гледајќи во не баш пријаните пресеци на одредени животни со внатрешните органи, за на крајот да дојдеме до препарираните примероци на различни видови на големи птици и животни од нашата (и пошироката) околина.

 

Да, сето ова изгледа ретро, но има некоја магична привлечност во експонатите, особено во оние тематските, каде зад стаклото ги гледаме природните живеалишта на мршојадците (во акција), на колибрите, дивите кози, и секако, на безбројните змии на нашиот единствен остров „Голем град“ или т.н. „змиски остров“ во Преспанското езеро.

Во тек во музејот беше и изложбата на накит насловена „Белези од природата“ отворена неодамна, на 16 октомври, и на која се изложени фини примероци на накит „прошаран“ со примероци од природата. Посетете ја, можеби ќе пронајдете нешто и за себе.

И на крајот, повторно навраќање на господинот Караман. Летово, при посетата на прекрасниот Сплит, забележав дека едно од се’ уште активните градски кина во центарот на градот, близу до славниот „Прокураториј“, го носи името „Караман“. На репертоарот ги имаше актуелните летни хитови, и баш се прашувам дали киното се’ уште е дел од семејниот бизнис на Караманови, или името е задржано по инерција, поради традицијата на просторот кој датира уште од почетокот на 20 век, како едно од првите кина во Далмација, со редовна кино програма. Како и да е, убаво е да се види дека традицијата која трае речиси еден век и понатаму се одржува во истиот простор, со истата страст.

Јас се надевам дека Град Скопје во перспектива ќе именува барем една улица според Станко Караман, бидејќи овој научник со својата работа и заоставштина во најмала рака  го заслужува тоа.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *