Интервју со Билјана Гарванлиева, драматург и режисер

Македонската документаристика во минатото ги испиша своите ѕвездени моменти во домашната кинематографија, неретко освојувајќи многу награди на светските фестивали. По долгогодишно затишје, се појавија неколку интересни млади автори на документарци, кои ветуваат дека малку подзаборавениот жанр повторно ќе се врати на старите патеки. Најсветла точка меѓу нив е драматургот-режисер Билјана Гарванлиева, која, соочувајќи се со неможноста авторски да се реализира во сопствената држава, замина во Германија. Таа со прекрасниот документарен филм „Девојчето со хармоника“ покажа и докажа дека Македонија е плодна почва за изнедрување на одлични филмски раскажувачи во најспецифичниот филмски жанр. Престижната германска награда „Златна Лола“ е вистински доказ за тоа Фотографија: Самир Љума

Бидејќи Вашиот успех на филмските фестивали сиромашно одекна во медиумите во Македонија, би сакал на почетокот да им се претставите на поширокиот круг читатели со една мала лична карта за вас.
– Среќна мајка. Вљубена сопруга. Невработен драматург.

Колку сте задоволни од добиеното знаење на Факултетот за драмски уметности во Скопје? Колку тоа искуство ви помогна во понатамошната борба при туркањето на одредени проект докрај?
– Многу сум среќна што мојот професор Горан Стефановски несебично ми го пренесе сето свое знаење. И тоа првокласно знаење во драматургијата ми помогна со „Девојчето со хармоника“ да ги освојам моите германски продуценти и уредници. Тие ги ставија двете раце во оган за автор кој знае драматургија, а никогаш во животот не снимил филм. Ме поддржаа со искусен и познат документаристички тим. И не се каеја. Тој спој се покажа како успешен рецепт. Многу жалам што ФДУ испушти еден таков професор како Стефановски. Тоа е голем хендикеп, пред сè за студентите.

Дали заминувањето на младите талентирани луѓе од Македонија е морален чин за спасување на сопствениот уметнички дигнитет или, едноставно, се работи за егзистенцијален момент?
– Се работи и за двата момента. Јас заминав зашто Македонија ми беше претесна, почна да ме задушува и да ми ја загадува креативната слобода. А и страшно се нервирав кога морав да молам за сопствените хонорари. Не сакав да бидам тезгаџија, сакав да бидам професионален драматург. Таа моја внатрешна драма беше и моја лична мотивација да го направам „Девојчето со хармоника“. Тоа е филм за мојата роднина Емилија, голем талент за хармоника, која сака да замине во странство зашто не сака да биде кафеџиски свирач, туку концертен музичар.

„Девојчето со хармоника“ постигна голем успех на фестивалите ширум светот. Што сè може да се наброи како придобивка од овој филм? Колку награди освои и колку врати отвори?
– Да. И тоа како германски филм, а раскажува една македонска приказна. Освои пет награди и ги отвори вратите на најпрестижната филмска асоцијација „Герман филмс“, која се погрижи за негова германска промоција на Берлиналето и во Кан. Таа организираше и
шестмесечна кино-турнеја низ цела Германија со цел кратката документарна форма да го добие истиот третман како и играниот филм. Жалам само што македонското Министерство за култура никогаш не ја поддржа неговата промоција. Во Македонија дојдов на покана од германската амбасада.

Вие сте единствената странска уметница која беше застапена на сајтот на германската канцеларка Ангела Меркел. За што, всушност, се работеше? Ми се чини дека тоа се случи веднаш по добивањето на наградата за најдобар млад филмски уметник?
– Германското министерство за култура го прогласи мојот филм за најдобар краток документарен филм во Германија. „Златна Лола“ е највисоко донираната национална награда во Германија, која ја добиле автори како Вим Вендерс, Вернер Херцог, Том Тиквер… Германската влада, која е мецена на оваа награда повеќе од 50 години, практично влезе како копродуцент во мојот нов документарен проект. Мислам дека и Владата на Македонија, по углед на германската, треба во својот концепт конечно да ја вклучи грижата за културната политика. Тоа е најдобрата реклама за една земја.

Драматургијата во документарниот филм е една од темите на предавањето што минатата есен го одржавте во Скопје. Кога ќе се спомене жанрот „документарец“, на прва топка се мисли дека само треба да се најде интересна животна приказна, да се вклучи камерата и филмот ќе се случи сам по себе. Колку има вистина, а колку лага во ова поимање на нештата?
– Тоа зборува само за еден потценувачки однос кон документарниот филм, кој преовладува во Македонија, за жал, поради незнаење. Затоа ние имаме толку многу
интересни животни приказни, а никаква продукција на авторски документарци. Македонските телевизиите немаат ниту финансиска моќ ниту храброст да влезат во
продукција на авторски документарен филм. Филмскиот фонд како единствен извор на финансирање филмови располага со многу мал буџет и тоа еднаш во две години. На студентите сакав да им ја пренесам технологијата на аплицирање во европските фондови. Тоа значи прецизна структура и јасна слика за тоа како ќе се сними филмот, а притоа да не се изгуби личниот и спонтан однос кон својата приказна. Па, на крајот филмот да изгледа како сè да се случува самo по себе. Тоа се вика среќата на документаристот.

Копродукциите за мали држави како нашата веројатно се една од можните иднини за домашната документарна и играна кинематографија. Колку Гарванлиева успешно се снаоѓа во таа игра и колку наградуваниот филм помогна да се подотворат вратите на одредени фондови за продолжување на успешната приказна?
– Копродукциите се единствената иднина за македонскиот документарен филм. Големо олеснување за мене како автор е што зад мене стојат успешен германски и македонски продуцент, кои им даваат гаранција на фондовите. Инаку, во Германија со секој нов проект стартувам од почеток. Само квалитетно спакуван проект раѓа успешна приказна.

Кој е Вашиот следен проект? Ми се чини дека добивте пари од Филмскиот фонд и дека ќе снимате документарец? Повторно копродукција?
– Тоа е една документарна студија за односите во фамилијата меѓу вработените жени и невработените мажи во Македонија. Филмскиот фонд влезе со одредена сума пари како копродуцент во оваа германска продукција. Жал ми е само што јас сум единствената жена-режисер која доби поддршка оваа година. Мислам дека во Македонија треба порамноправно да се третираат женските теми.

За што се работи во новото сценарио? Колку време го пишувавте (подготвувавте) и кога филмот ќе се реализира? Планови? Фестивали? Конкретна кинопромоција кај нас?
– Ова е еден нежен опсервирачки филм што следи три шивачки од Штип низ четири годишни времиња, на –20 и +40 Целзиусови степени. Во развојот на сценариото што трае веќе цела година голема поддршка добив од Фондацијата „Робер Бош“, германската продукција „Гебрудер Бец“, како и од мојот македонски продуцент Огнен Антов. И дај боже да не куртулиме од фестивали и кино-промоции.

Ви посакувам успех!!!
– Благодарам, па и на ваша глава!!!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *