Квалификации за Конференциска лига 2023-2024: Хајдук – ПАОК 0:0

Претпладнето ништо не навестуваше дека вечерта Пољуд ќе гори. Погледнат од северната страна на Марјан, стадионот-школка се топеше на летното сонце.

Веќе во првите попладневни часови низ центарот почнаа да се шетаат навивачите во дресови, маички, со шалови, што навестуваше убава сплитска вечер. Во градот гостуваше грчки ПАОК во првиот европски натпревар во новата сезона за Хајдук, по одличниот старт во домашното првенство. Пред само три дена, нивните лути противници Бед блу бојси во Атина направија фрка, и за натпреварот важеше дека е од оние со висок ризик, но и онака УЕФА забрани гостување на гостинските навивачи неколку денови пред немилите настани, за време на кои загина еден навивач на АЕК.

Ги облекуваме белите маици во знак на поддршка на локалниот клуб и се упатуваме од срцето на Диоклецијановата палата кон стадионот. Веќе на плоштадчето кај ХНК наидуваме на првата група навивачи, кои низ пивце и муабет се подготвуваат за спектаклот кој следи за два ипол часа. Се упатуваме по „Зринско-Франкопанска“, улицата која за десетина минути води директно на Пољуд, и наидуваме на „Торцида“. Момците споро се движеа кон стадионот, и низ песна, навивање и неколку бакљи покажаа како се сака клубот. Атмосферата е величенствена!

Клубот даде јавен проглас дека би било добро, поради избегнување на несаканите турканици, да се дојде на Пољуд пар часови порано. Сите го испочитуваа повикот, но по релативно лесниот влез, останува уште многу време до почетокот на натпреварот.

Просторот пред трибините е исполнет со штандови за скара и пијалаци, па чекањето во ред беше неминовност. Сплиќани сакаат добро да се најадат и напијат, па потоа да навиваат од се’ срце.

Половина час пред натпреварот атмосферата на стадионот е прекрасна. Ди-џејот ги реди песните кои сите ги пејат на глас, и некако убаво ти е на душата. „Торцида“ има константно шоу на северната трибина, вклучувајќи ја и бакљадата во 75 минута од натпреварот.

А на зелениот терен, два изедначени тима ќе одлучуваат во реваншот во Солун кој ќе оди понатаму. Хајдук имаше две стативи, и немаше среќа натпреварот да го заврши со позитивен скор. Им посакуваме повеќе среќа на следниот дуел.

Сума сумарум, иако немаше голови, ова беше неколкучасовно прекрасно доживување, кое ме потсети на втората половина од 80-те години од минатиот век, кога шампионската генерација на Вардар правеше Скопје да диши поинаку секој втор викенд, почнувајќи од преполните кафеанчиња во и околу Деабр маало, па се’ до самиот натпревар на „Градски“. Посакувам да се вратат тие времиња што поскоро, затоа што градот добива сосема поинава, поинтимна димензија 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *