Изминативе денови најактуелна вест беше онаа за реоформувањето на бендот „Oasis“. Се прашувам што уште имаат овие стари англиски к.ротресини да ни понудат? Повеќе меѓусебно пцуење и навредување низ медиумите? Повеќе шампањ и кокаин? Уште некоја песна со „позајмен“ риф од Битлси? Едно е сигурно, на нивното конто следната година ќе има уште многу милиони со кои ќе си го обезбедат сето она од претходните претпоставки. Така си е тоа кога зад себе ја имате моќната британска музичка индустрија. Затоа, да останеме на наша територија, каде всушност се случи она што нам ни е важно и насушно – враќањето на сцена на момците од „Хајка“. Тоа е веста која нас не’ тангира! Домашната музичка сцена никогаш не била повитална, а „Хајка“ мораат да бидат активен составен дел од неа, за квалитетно растење на новите генерации, идните здрави носители на ова парче земјa.
Значи, се работи за прашање на приоритет. Затоа, F.CK OFF OASIS, GO ON HAJKA!!!
Животот, меѓу другото, се состои и од пријатни изненадувања. Едно од нив се случи синоќа во 22 часот во клубот “Лабораториум”. По неочекуваниот распад по објавувањето на вториот албум „Мека машина”, панк-рок четворката „Хајка“ повторно јава. Од нигде-никаде – оп, најава за свирка. Супер! „И како што на секој концерт изненадуваа со нешто непредвидливо, којзнае што ќе се случи вечерва на сцената!? Can’t wait!“, си реков, и се упатив кон старата печатница во некогашна „Нова Македонија“, која претставува потенцијал кој со умно вложување и менаџирање треба да прерасне во нов „Младински културен центар“, кога веќе стариот, добар МКЦ се распаѓа по сите рабови и потоа ќе му треба уште долго време за опоравување.
Како и во последниве неколку години, повторно на едно место ја гледам новата генерација „гумени бонбони“, убави млади дечки и девојки од пе-чеснаесет па нагоре, супер дотерани, за у град, за на свирка, насмеани, во свој филм, заводливи, прекрасни! Енергијата во нив се чувствува уште пред влезот во индустриската хала, во која не’ очекува возбудлива свирка. Камбекот е вообичаена појава во музичкиот свет, а „Хајка“ тоа го сторија фраерски. Без помпа се распаднаа, за повторно да се појават исто така без некоја голема помпа. Но знаат дека она што го носат во себе ќе ја разбуди заспаната младост и кај некој педесетгодишник како мене. Тоа е нивниот (и наш!) добитен адут во ракавот.
„Хајка“ се појави на сцената во најоригиналната постава. На тапани е Александар, оној згодниот со марамата на чело и секси мустаќите, кој, како што ќе се покаже, му дава автентична сила на звукот на бендот, враќајќи го на гаражните корени. По одмерувањето на силите – молкот од бендот и овациите и довикувањата од публиката, шоуто започнува. Се разбира, со темата „Непрекинато движење“.
И покрај паузата од година ипол, момците се наелектризирани, жедни за свирка, тие се во постојано и непрекинато движење, но истовремено оддаваат и зрелост. Ритам секцијата со Филип и Аце е беспрекорна, Тео влегува во нови звучни пејзажи кои можеби не’ воведуваат во новиот материјал на бендот (сакаме трет албум!!!), а Бојан е притаено воздржан. И токму тоа ми пречеше. Дечко, не се „устручавај“, сцената е твоја, годините се тие, не се воздржувај, пенетрирај, експлодирај, тоа го посакуваме сите! Тоа е добро и за тебе и за нас!
Бендот фино-лепо не’ прошета низ нивниот материјал сместен на двата албума, и она што беше фасцинантно е енергијата што доаѓаше од сцената, која совршено се стопуваше со константната шутка што се одвиваше пред неа. Момците и девојките во публиката создадоа фантастична атмосфера како за време на „гранџот“ во деведесеттите: рацете и нозете се во воздухот; „авиноче“ за апострофирање на комплетната слобода овде и сега; оние попалавите често се на подот, но екипата веднаш им помага да станат, сепак овде сите сме поради иста, заедничлка цел; дел од ова славење на животот се и бестрашните девојки, кои оваа вечер ја направија навистина специјална. Тоа е таа млада генерација која ми дава надеж дека ќе не’ биде.
Постоеше еден момент од десетина минути кога сите беа одлепени, кога се случи и врвот на концертот. „Хајка“ одлично музички ја водеа вечерта, и во тие минути како се’ да лебдеше во воздухот – бендот како да свиреше само за себе, шутката како да се одвиваше во некој паралелен свет, единствено светлата од сцената успеваа да не’ потсетат дека сепак сме тука сите, заедно, присутни на овој величествен концерт полн со сирова енергија.
И на крајот, музичкото изненадување! По бисот, „Хајка“ отсвиреа уште пар песни, а последната беше вистинско изненадување. Бојан пееше гласно „Срце!“ „Срце!“, „Срце!“, потоа повлекувајќи се во позадина, за Тео да изненади и да извади нешто ново од својот инструмент, некаков „дилеј“ кој ни понуди нешто неслушнато од него досега, навестувајќи дека следниот материјал на бендот ќе биде повторно пеколен. Песната траеше, и траеше, и траеше, и не сакавме да заврши… „Срце!“ „Срце!“, „Срце!“
Враќајќи се на почетокот на текстот и несоодветната камбек-споредба со „Оејзис“, она што „Хајка“ го направија синоќа на сцената на „Лабораториум“ сигурно следната година нема да го видите на концертите на манчестерскиот бенд, за кои се бара билет повеќе по принципот „брзи прсти“. Капитализам, јбг! Затоа многу повеќе ми е блиска и драга приказната и делувањето на „Хајка“, затоа што кај нив нема фолирање – од сцената доаѓа сирова енергија полна со живот, која се пресликува и во публиката. А тоа е есенцијата на рокенролот.
Всушност, „Хајка“ е слика и прилика на нашето општествено бивствување во изминатите три децении. Вечен панк, вечен премин кон нешто Друго, вечна транзиција, но полни со енергија за нешто ново, автентично, несекојдневно. Овие момци тоа го прават од љубов кон музиката како израз, без издавач и индустрија зад себе, од љубов кон својата генерација на која и’ требаат урбани херои, во град кој одамна не е тоа што беше.
Во очекување на нивниот следен потег, јас сум мека контемплативна машина 😉