Интервју со Иво Трајков, „ФИЛМ“ (MOVIE, 2007)

Овој филм иако е комплетно снимен во Чешка, сепак, претставува македонска копродукција, која соодветно беше промовирана и во нашата држава. Она што Трајков претходно го спомена во интервјуто за „Големата вода“, релативно набргу и се оствари. Недовршениот проект што беше тргнат настрана токму поради екранизацијата на романот на Живко Чинго, конечно ја виде светлината на сребрениот екран. „Movie e  експеримент пар екселанс, при чие гледање, без исклучок, треба да се вклучат сите сетила, бидејќи станува збор за филозофско промислување на филмската уметност преку концепт зад кој целосно стои Трајков, и како автор и како лик во филмот во кој (наводно) се игра себеси (режисерот). Поради специфичноста на овој едноиполчасовен филм, тој играше во терминот од 22.30 во киното „Милениум“, или во превод: исклучиво за филмофили, иако, ќе прочитате, Трајков не мисли баш така за своето интимно чедо. – Иво, по неполни три години, повторно двобој очи в очи?  

Иво Трајков: И за време на промоцијата на „Големата вода“ седев во оваа фотелја пред тебе и таа е исто така комотна како и тогаш. Или исто некомотна. Главно има фотелја, тоа е најважно.

– Ајде да почнеме некомотно. Долго време се провлекуваше приказната за неисплатени хонорари по снимањето на „Големата вода“, поради што се одолжи и неговата регуларна промоција. Еве, од оваа дистанца, како се заокружи таа непријатна приказна?

И.Т. Непријатниот дел околу приказната за „Големата вода“ се разреши многу бргу, со влегување на приватни копродуценти, и целата финансиска конструкција беше затворена и филмот почна да си живее. Тој ја постигна целта за која беше направен, да стане еден вид амбасадор на Македонија пред светот. Филмот беше присутен на голем број фестивали, каде што отвори пријатни муабети за Македонија, каде што се пишуваше на позитивен начин за нашата држава во влијателни списанија како „Њујорк тајмс“, „Скрин интернешнл“, „Холивуд рипортер“ итн. Ако знаеме дека во Америка речиси и да не знаат каде е Македонија, а камоли дека овде постои и кинематографија, и камоли дека филмот личи на нивните но со поинаква приказна, сметам дека на крајот сè се заврши какo што требаше.

– Во интервјуто пред три години спомена, но еве можност да ја комплетираме и сликата за новиот филм, „Movie“.

И.Т. Една од главните причини зошто „Филм“ не беше довршен пред „Големата вода“ е токму „Големата вода“. Материјалот е сниман во 1999 година, но не ја завршив монтажата и објаснувањето е едноставно – луѓето ми велат дека не сум имал пари и не сум го завршил, но овој филм воопшто не е прашање на пари. Јас се сметам за филмски мистичар и мислам дека филмот е битие, суштество, кое во некоја реалност егзистира само за себе и прави одлуки што не се сродни со авторот на филмот. Овој филм е токму таков, „Филм“ е прилично тврдоглав и тешко беше да се излезе на крај со него и тој сам донесуваше некои одлуки. Главниот проблем лежи во тоа што готовото дело ќе седнеш, ќе го гледаш и ќе ти одземе 84 минути од твојот живот, без разлика дали ќе ти се допадне или не. Но тој мене ми одзема три или четири години од мојот живот, што е огромна разлика. Значи, јас живеам нешто сосема друго за разлика од гледачите.

– Кој беше основен критериум при влез во една ваква филмска експериментална авантура? Ги држевте ли конците цело време во рацете, или тие одвреме-навреме ви бегаа од рацете, особено поради фактот што материјалот сте почнале да го снимате пред шест-седум години, а на монтажа сте седнале многу подоцна откако можеби сте се оладиле и сте го заборавиле неговото значење?

И.Т. Еден од основните критериуми што зацртав дека сакам да го постигнам е да направам искрен филм, а тоа е комплицирано зашто употребуваш супститути наместо живи луѓе што се филмски ликови, кои во исто време мора да бидат исто така квалитетни и богати како и живите луѓе. Е сега, кого навистина познаваш? За кого можеш да го кажеш тоа, освен за себе? И јас посегнав по тоа да имам лик – филмски автор, кој проаѓа низ некаква одисеја во својот живот, и секако, најлесно ми беше да се земам себеси, да се искористам како лик. Но тоа на платното е само лик, тоа не е Иво Трајков.

– Колку психоанализата одигра улога при пишувањето на сценариото за филмот? Колку вие излеговте почист и потрезен во однос на себеси по неговото завршување?

 И.Т. Основната идеја беше споредба на два вида драматургија – структура на игран филм, каде што постојат одредени зададени координати, и структурата на животот сам по себе, кој понекогаш си прави работи што се сосема неочекувани. Мојата интерпретација вели дека во филмот не постојат три, туку еден лик, тоа се проекции на неговиот внатрешен свет, кои застапуваат одредени симболи и знаци, а во исто време тој патува низ некаков пејзаж, кој е внатрешен, а не надворешен.

– Колку еден ваков експериментален, личен филм очекувате да наиде на прием кај пошироката публика? Или можеби однапред сметате дека тој им припаѓа исклучиво на филмофилите?

И.Т. Животот е полн со приказни, а правењето филмови е избор на една од нив, која треба да застапува една или неколку идеи и теми за кои сакаме да раскажуваме. Ако ги отфрлиме клишеата, мислам дека филмот може да функционира кај секој човек, бидејќи не се работи за интелектуалштина. Филмов не е само за интелектуалци и дека само тие ќе го разберат, тоа нема врска.

– И долгогодишната сага околу „Филм“ заврши. На што најверојатно веќе работи Иво Трајков?

И.Т. Мојот следен филм се вика „Патот на Јозеф“, кој ќе го снимам во мај-јуни во Чешка. Сценариото е направено според истоимената книга и во него гледам фантастичен потенцијал за добар филм. Ако сè испадне како што треба, тоа минимално ќе биде моето животно дело.

(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 149, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)   

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *