„Иванов“ од А.П. Чехов

Во вторникот вечер имавме прекрасна можност да присуствуваме на двоен настан во чест на славниот руски писател Антон Павлович Чехов. Во 19 часот во фоајето на Македонскиот народен театар се одржа промоцијата на книгата „Иванов, две верзии (1887/1889)“, а еден час подоцна ja гледавме и театарската претстава на сцената на МНТ, кој продукциски стои зад обете задоволства.

Пред речиси една година (26 мај 2023) се случи премиерата на претставата „Иванов“ по текст на Чехов, во режија на Зоја Бузалковска. Оттогаш публиката имаше ретка можност да ја види на сцената од оправдани причини. Во вторникот, како увертира на нејзиното повторно реактивирање, присуствувавме на промоцијата на преводот на текстовите на Чехов, зад кој стои почитуваната писателка и преведувачка Драгица Најчевска. Значењето на двата истоимени ракописи, комедијата од 1887 година и драмата која датира две години подоцна, на најдобар начин пред заинтересираните присутни го претставија преведувачката Најчевска, режисерката Бузалковска, промоторот Гоце Смилевски и актерот Ѓорѓи Јолевски.

Најчевска во краткото и ефективно обраќање се осврна на предизвикот да се преведува еден брилијантен раскажувач каков што е Чехов. Бузалковска истакна дека го остварила сонот повторно да се постави „Иванов“ на сцената на МНТ, четири децении по неговата прва изведба, тогаш во режија на Бранко Ставрев. Смилевски не’ запозна со разните аспекти на делото на Чехов, додека Јолевски потенцираше дека преводот на Најчевска е прекрасен, и претставува вистински предизвик на сцената да се игра драма од мајсторот на мајчин јазик.

Книгата содржи превод на двете жанровски верзии на познатиот драмски текст на Чехов и, во извесна смисла, е ексклузивно издание, зашто верзијата од 1887 година за прв пат им станува достапна на читателите на македонски јазик. Оваа верзија од самиот Чехов е дефинирана како „комедија“, и со неа тој дебитирал на сцената како драматург. Во неа доста нешта се разликуваат од втората верзија, која авторот ја редефинирал во жанрот „драма“.

Книгата, која се делеше бесплатно на присутните, е одлично дизајнерски обликувана (Кардула и Драмиќанин), а содржински е вистинска бомба. Покрај преводот на двата текста од Најчевска, таа започнува со предговорот на Бузалковска насловен „Кон феноменот ИВАНОВ 1887/1889“, а тука се и белешките на И. Ј. Твердохлебов, силно потпрени на писмата на Чехов до современиците, но и на реакциите на критиката во најпознатите весници и списанија во Русија во тоа време. „Во нив е содржан сублимат на фазите на создавање на „Иванов“, како прва пиеса на Чехов одиграна во театар и фазите на нејзиното трансформирање до „Иванов“ драмата, две години подоцна“, пишува на корицата од книгата. И на крајот, д-р Ивана Јарчевска не’ информира за поставките на „Иванов“ и другите дела на Чехов на македонската театарска сцена. Вистински бисер во книгата е фото-албумот кој содржи оригинали од премиерата на претставата во Русија во 1887 година, од првата изведба во МНТ во 1984 година, и секако, од актуелната поставка на сцената.

Бузалковска на промоцијата на книгата истакна дека во „новото читање“ на делото на Чехов се обидела рамноправно да ги спои обата ракописа на писателот, така создавајќи сублимат од можности на театарската сцена. Приказната ни раскажува за предвреме остарениот Иванов (често презиме во Русија), „старец“ на 35 години, „преморен од големите планови за животот, од пропаднатите амбиции, од бескорисното школување, од разболената љубов, од презрената потреба да се биде различен и да се избира и одлучува поинаку од стандардите и нормите, да се живее надвор од очекуваното, да се инвестира во пропаст…“

Сите овие животни чувства режисерката низ пароли, во неколку наврати, ги испишува на платното од сцената, кое се растопува со централниот дел каде е сместена една огромна карпа, на која бивствуваат протагонистите во оваа драма. Оваа сценографија навистина бара особена концентрација кај актерите, но таа е предизвик и за публиката, бидејќи погледот од сцена во сцена мораме да го креваме нагоре, кон највисокиот дел, каде се одвива завршниот чин од приказната.

„Подобро да живееш во школка и да го работиш она што го сакаш, отколку да живееш залуден живот во кој се’ губи значење“, е тенката жица по која се движи Иванов, игран од Благој Веселинов. Неговата сопруга Ана Петровна (Драгана Костадиновска), која ја сменила верата заради него, е болна од туберкулоза, и Иванов не може да се помири не само со тоа, туку и со фактот дека веќе не ја сака како порано, дека веќе ништо не го возбудува, дека станал здодевен мрчатор кој ги лови сите неправди и лицемерија околу себе, и дека поради тоа не може веќе нормално да живее.

Останатите ликови во драмата на Чехов, со своето несовршенство, придонесуваат кон создадената перцепција од Иванов, преку озборување, малограѓанство и уживање во ситни задоволства. Ѓорѓи Јолевски како Лебедев, стар пријател на главниот лик, и Оливер Митковски како грофот Матвеј, негов вујко, со својата убедлива игра на моменти ја размрдуваат публиката која, се добива впечаток, како трииполчасовната изведба (со 15-минутна пауза) да е предолга за нивно постојано и активно гледачко искуство.

Вредноста на еден ракопис напишан одамна секогаш добива на значење кога при новото читање, при новата интерпретација на сцената, настаните и случувањата во него, на (не)посреден начин, ќе ги поврзе со актуелните општествени случувања. Тоа во претставата на Бузалковска го имаме на многу нивоа. „На 20 години мислиме и можеме се’, а на 30 веќе сме уморни“, вели Иванов во фразата со која се опишува себеси, и навистина можеме да се поистоветиме со неа, особено доколку знаеме со колку ветерници и ние треба да се бориме во секојдневието денес и овде. „Ајде да избегаме во Америка“, му вели 20-годишната Саша (Дарја Ризова) на Иванов во најубавата сцена во претставата, како референца за бегствата од различна провиниенција со која денес е обремент светот: бегство од војна, бегство од режим, бегство од себе…

Но и покрај се’, како да се чувствува константна репетитивност и неможност за валидна трансформација на карактерите до крај, затоа што средината притиска, тагата тропа на вратата, а душата затупува. Со тоа на најдобар можен начин Бузалковска ја отсликува анксиозноста на светот, таа современа болка која сите нас (ќе) не’ ослепи.

По завршувањето на претставата, искачувачката карпа која доминира на сцената како Кула Вавилонска останува во нашите мисли, како знаковна метафора за тешкотиите во животот и сите оние препреки кои треба да ги мине човек – за да остане човек. Карпата овозможува ефектно заминување на болната Ана горе, кај ангелите, но и ефектен пад на Иванов долу, на подот. Тоа е таа (морална) вертикала на чија делница постојано се движи овоземниот човек уште од дамнешни времиња. Затоа, гледајте ја „Иванов“, која ќе ви ги потврди дилемите со кои се соочувате, а можеби во неа ќе пронајдете и по некое решение за нив 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *