Пријатно изненадување беше прошетката низ паркот во Сарај, кој многу одамна не сум го посетил. Излетничкото место каде вообичаено не’ носеа на екскурзија во основно училиште и понатаму е вистински бисер за опуштена прошетка.
Иако на почетокот ве дочекува руинираниот ресторан во кој во 80-те често теравме семејни викенди, а од спротивната страна наидувате на некогашните кајак-ентузијасти кои ги користеа Треска и Вардар за рекреација на вода, ова рекреативно место со мостот е поврзано со населбата и преку него Ѓорчевци и останатите добронамерници си прават фини кружни прошетки околу среденото зеленило облагородено со сенките на старите дрвја.
Секако, убавото време беше искористено од ветераните за мал фудбал, кои влегоа во жестока препирка околу регуларноста на еден гол, пред да седнат на софра и се’ да заборават
Ме израдува постоењето на ниските трибини и објектот кој, иако во распаѓање, на времето беше вистинско здание во кое уживаа нисколигашите при гостувањето на фудбалски натпревар на теренот, кој исто така е добро одржуван. Околу него свој личен тренинг си одржуваше и едно момче истрчувајќи неколку кругови за краток период, во кое можеби лежи идниот Елмас. Оваа викенд-идила за момент ја нарушија само рафалите од автоматско оружје за време на свадбата во куќите недалеку оттука.
На крајот, по речиси четири децении, ми беше кеиф што направив слична фотографија како онаа со Стариот, овој пат јас во „неговите чевли“, седнат долу на тревникот, а подмладокот со гушка околу мојот врат.