Со изложбата насловена „Добредојдовте“, градот Пазин минатата година ја одбележал 75-годишнината од посетата на Меѓународната комисија за разграничување на Јулијската краина, односно Истра, меѓу Италија и Југославија. Изложбата се отворила на 18 мај и било најавено дека ќе трае до 31 декември 2021 година, но поради големиот интерес и посетеноста, како и поради важната тема која ја обработува, таа може да се посети во средновенковниот „каштел“ и во текот на оваа, 2022 година.
По завршувањето на Втората светска војна во 1945 година, се’ уште не била дефинирана границата меѓу двете земји, па „спорната“ територија е поделена на Зона А и Зона Б. Притоа во март 1946 година е основана комисија која го посетила теренот, при тоа собирајќи податоци за етничката, економската и општествената структура на населението, со цел подготовка на предлогот за идните граници.
Југословенската страна веднаш организирано тргнала во докажување на словенскиот карактер на ова подрачје. Во склоп на подготовките за доаѓањето на комисијата масовно се испишуваат ѕидни пароли, се организираат различни манифестации, а основан е и Јадранскиот институт кој спровел попис на населението. Истовремено, на проиталијанската страна манифестациите се малку на број и тие се одржувале само во Зоната А, а главното лобирање се вршело преку печатот.
Изложбата се простира во три изложбени простори на првиот спрат во средновековната тврдина во Пазин. Првите две простории го следат хронолошкиот тек на настаните, а во средната се прикажани масовните подготовки на пројугословенската страна за дочек на комисијата. Низ сеќавања на учесниците и пишувањето на тогашните медиуми се создава сликата кај посетителот за случувањата во таа клучна 1946 година, кога се решавала судбината на Истра, но и последиците од тој процес, како егзодусот на најголемиот дел од италијанското население на полуостровот.
Изложбата ја збогатуваат и сведоштвата на учесниците во ова историско случување, фотографиите снимени во тој период, интерактивната мапа која го покажува движењето на комисијата, како и вредните предмети од фундусот на Музејот на град Пазин и Историскиот и морски музеј на Истра.
Последниот сегмент од оваа изложба е посветен на масовното испишување на ѕидните пароли во очи на доаѓањето на Меѓународната комисија, со што луѓето сакале да ја искажат својата волја, но и да ја обележат територијата, така праќајќи им порака на членовите на комисијата која требало да ја донесе финалната одлука. Освен фотографиите, во овој дел на еден екран се прикажува и краток документарен филм за овој период, чија основна музичка тема во позадина, очекувано, е химната „Bella ciao“.
https://www.youtube.com/watch?v=fh-SMt-UQhY
За полуостровот постоел интерес кај големите сили кои ја добиле војната, но не смее да се заборави и волјата на обичниот народ, чија желба била што побрзо ослободување од немилосрдниот фашизам. Авторот на изложбата Иван Смољан нагласува дека оваа тема, и покрај толкавата историска дистанца, досега не е детално обработувана. „Темата е чувствителна, но истовремено и многу значајна“, вели Смољан во текстот од каталогот, „бидејќи една од главните цели на изложбата е на широката публика, а особено на помладата генерација, да им ги приближи случувањата и процесите кои на Истра се случувале во овој период“.