„Чуден начин на додавање, силно и никому.“
Звонко Михајловски, спортски коментатор
Времето е облачно, со овде-онде понекој сончев зрак. Рана пролет, 13 април 1983 година. Градскиот стадион во Скопје е подготвен да ги прими сите љубители на фудбалот, кои дојдоа да го проследат натпреварот од 24 коло на Првата југословенска фудбалска лига помеѓу Вардар и Осиек. Иако навивавме за белградски Партизан, го сакавме и го поддржувавме и Вардар како наш, локален клуб, кој таа година, според дотогашниот развој на настаните, гледаше да заврши таму некаде, на средината од табелата, без амбиции за европските купови, но и без страв од испаѓање, бидејќи од претходната година на повидок беше една нова, интересна генерација, која во комбинација со „старите волци“, не би требало да има проблем со послабите од себе. А со подобрите, оние од големата четворка: Црвена звезда, Динамо, Хајдук, Партизан? Па, во Скопје секогаш беа можни изненадувања. Ќе видиме.
Ова ми е прво доаѓање на стадион со татко ми. Дома следевме фудбал на малиот екран, всушност, ги сакавме и ги гледавме сите спортови во кои Југославија на екипен и на репрезентативен план имаше одлични резултати, и конечно, на осум и пол години стариот сметаше дека веќе е време да ја доживеам магијата на еден спортски, фудбалски натпревар во живо, на вистински начин, со публика околу себе. Го избра токму овој небитен натпревар и за обете екипи, во сезоната која е речиси при крај, бидејќи знаеше дека нема да има многу публика, па така би можел без особена грижа за мојата сигурност да поминеме едно убаво заедничко попладне на популарната трибина со „единици“ или „седмици“ на сводот (Јужната трибина долго време се планираше да добие покрив, да биде покриена, како на другите угледни стадиони низ Југославија, но тоа никако не доаѓаше на дневен ред, па затоа оние бетонски столбови, кои изгледаа како споменатите бројки, уште долго време потоа останаа во колективното сеќавање на навивачите).
Доцниме на натпреварот, немаме билети, веќе се слуша џагорот од трибините, а пред билетарницата со само еден шалтер чекаат еден куп љубители на фудбалот. Веројатно сите сметале дека за овој натпревар ќе нема поголем интерес и дека на раат ќе си извадат билет во последен момент, но кога сите така размислуваат, многу е веројатно на крајот и сите да настрадаат. Татко ми ме остава настрана и влегува во толпата. Се слушаат свирежи и негодувања од стадионот. „Веќе е нула-еден“, соопшти некој. „Како бе“, се зачудија неколкумина. Осиек водеше на наш терен, тимот што минатата сезона се врати во Првата југословенска лига по подолго време и кој наесен му го зема скалпот на Вардар со лесна победа од три спрема нула во „Градски врт“.
Ги знаев сите овие податоци, ги голтав од весниците и си имав направено своја фудбалска шема во главата, за тимовите, за играчите, па дури ги знаев и имињата на судиите. Кога моите ја градеа куќата кон крајот на 70-тите, не знам од каде, добив една топка на која беа претставени играчите на Хајдук, онаа славна шампионска генерација со Шурјак, Жунгул, Перузовиќ, Чоп, Приморац, Мужиниќ од 1978/1979 година, кога беа шампиони на поранешната држава. Ги знаев наизуст, а мајсторите се смееја, се чудеа и ме фалеа колку сум интелигентен. И потоа повторно ја вртеа топката, небаре ќе ме збунат, а јас повторно им ги кажував презимињата на фудбалерите. Интересно, како здрав семеен ривалитет, мајка ми и сестра ми, за да ни контрираат, решија да навиваат токму за Хајдук, бидејќи им беше преку глава од Партизан.
Татко ми е близу до фамозното прозорче на билетарницата, насобраните сè повеќе гласно негодуваат дека веќе паднал гол, а тие сè уште се надвор, и тогаш слушнавме ерупција од воодушевување. „Еден-еден“, соопшти едно типче, кое беше потпрено на споредниот ѕид и во раката држеше транзистор, слушаше пренос од натпреварот додека чекаше пријателот да му купи билети. Ова неретко се случуваше и на трибините, луѓето доаѓаа да гледаат натпревар во живо, но им требаше некој да ги води. Гласот на радиокоментаторот им беше навлезен под кожата и не можеа без него, па си носеа и транзистор на стадионот.
Тогаш еден нестрплив навивач се качи на покривот од билетарницата, пооде неколку метри, и ни две ни три, се спушти директно пред прозорчето каде што се купуваа билети. Луѓето малку се поттргнаа за да не ги поклопи со телото одозгора, но откако тој се позиционираше втор или трет до целта, сите почнаа да негодуваат и да викаат дека не може преку леб погача. Дури имаше и мала турканица, се обидоа да го извлечат оттаму и да го вратат каде што му е местото, на опашката од редот, но очигледно овој не се даваше и успеа пред другите чесни чекачи да земе билет и да се упати накај трибините. Искрено, ме фати малку страв од настанатата ситуација, но ја гледав главата на татко ми таму некаде, пред целта, целиот стиснат во толпата, и се надевав дека сето ова набргу ќе заврши како што треба.
На натпреварот влеговме во 25. минута од првото полувреме, резултатот, секако, беше еден спрема еден. „Е, она малоно од Осиек, го гледаш, десното крило, им влезе од страна и шутираше во спротивниот агол, а нашиов ништо не можеше да направи. Слепци овие во одбранава“, ни објаснуваше едно чиче со очила како паднал првиот гол. „А изедначувањето?“ се интересираше татко ми. „Случаен гол, на среќа“, констатираше старчето. Единствено на што се сеќавам од остатокот на натпреварот е радоста околу вториот гол на Вардар. Којзнае каде бев загледан и замислен, кога сите околу мене скокнаа и го прославија водството на Вардар, а потоа се претпостави дека тоа беше и клучниот, победоносен гол. Татко ми ме зема в раце и малку поскока во воздух со мене, во знак на радост. Значи, мојот стадионски живот, кој ќе се одвива и во подоцнежните години и без татко ми, почна со победа.
Вардар на крајот од сезоната заврши на осмото место, изненадувачки, со само два бода заостанување зад Црвена звезда, која беше петта и обезбеди излез во Купот на УЕФА. Осиек се спаси од испаѓање за само еден бод, заврши шеснаесетти со 29 бода, еден повеќе од ОФК Белград. Судбината на ОФК претходната сезона ја доживеа тетовски Тетекс, кој, за жал, само што влезе таа сезона во најквалитетното друштво, мораше веднаш да го напушти.
Шампион во сезоната кога за првпат гледав фудбалски натпревар во живо беше нашиот Партизан од Белград, со 45 бода, два повеќе од хрватските конкуренти Хајдук и Динамо. Во последното, напнато коло, сите три клуба имаа шанси за шампионската титула, но Хајдук загуби на „Пољуд“ со 1-0 од Слобода Тузла, Динамо одигра само нерешено на гостувањето на „Кантрида“ кај Риека, а на Партизан во таква ситуација му беше доволен и бод на гостувањето во Мостар кај Вележ, со што ја завери новата титула. Сето ова будно и со жар го проследивме низ комбиниран радиопренос на нашето старо радио во дневната соба. Во таа генерација на Партизан бранеше Раде Залад (правеше одлични паради во воздухот), а позабележителни играчи беа Миодраг Јешиќ (моќна четворка во последниот одбранбен ред), Никица Клинчарски (ми се чини дека имаше македонско потекло, го викаа „девојка за сè“), Ненад Стојковиќ и Драган Вукотиќ (легенди на клубот), Звонко Варга (напаѓачот што во следните години ќе ги доживее своите најдобри денови) и секако, голгетерот Драган Манце (таа сезона заврши на второто место на листата на стрелците со 15 гола, зад првиот стрелец, Сулејман Халиловиќ од Динамо Винковци). Манце беше познат по тоа што веројатно беше прв кој головите ги прославуваше со едно долго лизгање на колената од работ на шеснаесетникот до корнер знаменцето. Потоа почнаа да го копираат и многу други домашни фудбалери и набргу се рашири и на другите терени низ Европа и светот. За жал, некоја година потоа, Манце загина во сообраќајна несреќа кај Земун, додека одел на тренинг кон стадионот „ЈНА“.
Следните сезони татко ми веќе не дозволуваше да ни се повтори ситуацијата со билетите, па уште налето, пред да почне сезоната, набавуваше сезонски билет за на „Јужна“. За среќа, столчето до нас беше празно, па можев да седам на него речиси на сите натпревари, освен на дербијата со големата четворка, кога стадионот беше распродаден. Пуканки, семки, сончоглед и сокче со цевка и ден-денес е понудата на занимации за време на гледањето на натпреварот од страна на ситните препродавачи, кои гласно нѐ запознаваа со својот асортиман додека поминуваа меѓу редовите на трибината.
Следната сезона 1983/1984 година Вардар заврши на 15. место, само три бода над зоната на испаѓање, но радуваше тоа што на небото се појави нова фудбалска ѕвезда и тоа токму од лабораторијата на скопскиот клуб. Младиот Дарко Панчев таа сезона заврши како прв стрелец во лигата со 19 гола (три повеќе од Снијешко Церин од Динамо Загреб, а четири од минатогодишниот прв стрелец Халиловиќ). Љубителот на сенката на „Јужна“, пак, Васил Рингов, сезоната ја заврши со тринаесет гола на петтото место, но дел од нив постигна за Динамо, бидејќи на полусезоната отиде да си ја проба среќата на „Максимир“. Сезоната потоа Вардар е веќе петти (обезбедува натпревар во Купот на УЕФА најпрво со Динамо Букурешт, пораз 2-1 на гости и победа 1-0 во Скопје, а потоа следуваше елиминација од шкотски Данди јунајтед, 3-0 на првиот натпревар, а во реваншот нерешено, еден спрема еден). За жал, не бев на вториот натпревар, многу врнеше дожд во Скопје. Панчев е втор на листата на стрелците со 20 гола (пет помалку од Златко Вујовиќ од Хајдук). Таа сезона, интересно, титулата ја освои Сараево, што беше исклучок од правилото шампион на Југославија да станува екипа од големата четворка, благодарение на голгетерските способности на робусниот Хусреф Мусемиќ, кој веќе следната сезона ќе го купи Звезда.
Но, Вардар ќе го стори токму тоа по две сезони, 1986/1987, откако во контроверзната сезона 1985/1986 година Партизан и Црвена звезда со наместени натпревари до последната минута се бореа за шампионатот, и откако колото се преигра, Партизан беше прв (горчлива титула), а повеќето од тимовите беа казнети со минусни бодови. Така му се отвори патот на Вардар до првото шампионско одличје (по Купот на Маршалот од сезоната 1961/1962 година), сезона што лесно ја помина со сјајната генерација на која ѝ припаѓаа Момчило Грошев („шеќерашот“), Ѓоре Јовановски и Вујадин Станојковиќ (убиствени крила, предвесници на Роберто Карлос), столбовите на одбраната Драги Канатларовски и Бобан Бабунски, крилото Гордан Здравков (го даде победничкиот гол на реваншот против Динамо Букурешт), „работниците“ на средината од теренот Милко Симовски, Венцо Симоновски, Петар Георгиевски, како и Тони Савевски (подоцна направи завидна кариера во атински АЕК), секако, Дарко Панчев и Илија Најдовски (европски шампиони со Црвена звезда во 1992 година, Панчев го даде победоносниот гол од пенал во Бари) и ветеранот Васил Рингов (повратникот од Загреб, „на Максимир нема толку дебели сенки како на Градски“ беше главната зафрканција на стадионот упатена кон него). Тренер – легендарниот Андон Дончевски.
Таа шампионска сезона на Градски паднаа Динамо (2-0), Звезда и Хајдук (по 1-0), а со Партизан беше нерешено (2-2). Иако подоцна бодовите им беа вратени на клубовите на зелена маса и Партизан стана првак (уште еден горчлив залак), сепак сите сметаа дека таа сезона Вардар заслужено ја освои титулата во првенството на Југославија. За жал, ждрепката во првото коло на Купот на европските шампиони беше немилосрдна. Вардар беше експресно прегазен од актуелниот европски шампион Порто на двапати со три спрема нула, со три гола на легендарниот Рабах Маџер (два во Порто и еден во Скопје), фудбалерот што во европското мајско финале го даде антологискиот гол со пета против тимот на Баерн од Минхен.
Татко ми неретко знаеше да избувне на „Јужна“ и гласно да ги коментира настаните, особено на дербито Вардар-Партизан, но не доби опомена од жестоките навивачи, веројатно поради моето присуство до него. Подоцна едни мои роднини, кои со капчиња од Црвена звезда навиваа за својот омилен клуб токму од Јужната трибина, по натпреварот беа прописно искапени во едно од езерцата во Градскиот парк.
Љубовта кон „најважната споредна работа на светот“ кај мене остана до ден-денес, во свет во кој сè е претворено во индустрија на пари и во кој сосема е загубена смислата и натпреварувачкиот дух. Можеби токму контроверзниот Славко Шајбер со одлуките од средината на 80-тите години на минатиот век ја почна таа зараза, која трае и во овие нови времиња, каде што неретко слушаме за наместени натпревари и борба кој повеќе ќе заработи во обложувалниците, кои ги има на секое ќоше во државава. Чувството на победа, на радост, но и чувството на тага и пораз преку спортот, се драгоцени искуства низ кои еден млад човек созрева во текот на годините, знаејќи потоа правилно да се постави кон различните животни предизвици.
@Извадок од романот „Шрапнел“ (ИЛИ-ИЛИ, 2020)