Стари билети од фудбалски натпревари

Со серијалот „Стари концертни билети“ во пет продолженија, во изминатиот период се потсетивме на некои убави времиња кога одењето на свирки беше нормална работа. Овој пат еуфоријата околу пласманот на Европското првенство на нашата фудбалска репрезентација наложи повторно да ги отворам архивите, и низ сочуваните билети од фудбалските натпревари, да направам една мала реминисценција на патот на нашите репрезентативци до фамозниот шампионат на Стариот континент следната година.

Фудбал следам уште од мали нозе благодарение на стариот. Тоа е љубов кон играта која ви се вовлекува под кожата и потоа нема враќање назад. По осамостојувањето на Македонија клупскиот фудбал се соочи со ситуација во која клубовите мораа едни на други да си бидат критериум на ова парче земја, но немаше некој повидлив напредок. Инцидентните успеси на европска сцена траеја кратко, коло-две-три, па одлуката да се следи репрезентацијата на секој натпревар во Скопје, на „Градски“, си дојде како неминовност.

Така е тоа во држава во која порано секое маало си имаше игралишта на кои децата се челичеа и играа фудбал, па талентираните се запишуваа во јуниорските школи на клубовите од каде потоа заминуваа и во странство. Денес доколку сакате детето да ви заигра во првиот тим треба да е ултра талентирано, па дури и тогаш е прашање дали ќе добие место, бидејќи предност секогаш има „нечие дете“, „на тој и тој“, колку и да е неталентирано. Притоа треба да вложите и еден куп финансии за поддршка, преку приватните школи во балоните со сосема нехумани услови за тренинг, од кои газдите си ги тријат рацете. Немањето на систем и во оваа област веројатно си го стори своето, па затоа чекавме дури 26 години за да ни се случи учество на едно Европско првенство.

Бидејќи се пласиравме на ЕП, првите сеќавања се за оној легендарен, прв натпревар од квалификациите за Европското првенство 1996 во Англија со тогаш актуелниот првак Данска, која, интересно, не се квалификуваше за ЕП 1992 година, туку ја замени Југославија која беше дисквалификувана поради војната, и Данците мртви-ладни дојдоа, одиграа и победија. Во Скопје очекувањата беа големи, прв квалификациски натпревар за ЕП со шампионската генерација на Вардар која се’ уште беше активна. Митко Стојковски уште во петтата минута не’ доведе во водство, потоа Панчев доби црвен картон, и се држевме дури до 87 минута, кога се случи сценариото кое не’ следеше и во 90% од мечевите подоцна, да примиме гол во последните минути и да го расипеме впечатокот. Но, да го е..м, твоја е репрезентацијата, каква е – таква е, и ја бодриш до крај. За жал, го немам зачувано билетот од тој натпревар, но затоа имам еден куп други кои будат убави, но и тажни сеќавања.

Интересни натпревари одигравме и со секогаш силните Шпанци. Во далечната 1994 година освен со Данска, бевме во група и со Шпанија. Одигравме стандрадно добри 60-тина минути, и потоа, кога темпото опаѓа, противникот врши замена, во случајов голгетерот Хуго Салинас, кој беше пред крајот од кариерата, но на репрезентации како нашата редовно им даваше голови. Погоди два пати, од кои едниот гол беше со лоб над истрчаниот, а низок голман Трајчев. Јбг. Со Шпанците, и тоа со Чави, Иниеста и останатите ѕвезди во составот повторно се сретнавме пред 4 години, и за чудо, не не’ ставија во џеб, но доволен им беше само еден гол со повторна грешка на нашиот голман (глупав лоб од далечина) за минимално да не’ добијат.

Крајот на 20 и почетокот на 21 век го обележаа неколку интересни двобои на нашите со силни европски репрезентации. Во 1999 на „Градски“ дојдоа Шукер и бандата откако претходната година беа трети во светот на првенството во Франција. Во еден цврст натпревар успеавме да изиграме 1-1, на што бевме особено горди. Со Турците, пак, имавме неколку интересни натпревари каде секогаш до крајот не се знаеше победникот. Се сеќавам на натпреварот во гости кога беше 3-3, лудило натпревар! Секако, да не го заборавиме и гостувањето на Англичаните во 2003 година, кога налутени по историската победа од 2-2 кај нив (Шаќири од корнер!!!), дојдоа да ни се одмаздат. Не беа нешто особено доминантни, но не’ добија на искуство, за да си го измијат образот.

Со Турција игравме квалификации и за светско првенство. Интересно беше на стадион затоа што имаше и многу навивачи кои ја бодреа Турција, онаа генерација на Емре, Хакан Шукур и останатите кои пак во 2002 година беа трети во Јапонија и Јужна Кореја. Таа година во силната група за светско бевме и со Шведска, која горе-долу е редовен учесник на големите натпреварувања, а со скандинавските екипи обично не поминуваме лошо.

Интересно е што Македонија во квалификациите и за ЕП и за СП вообичаено, со години, завршуваше на четвртото место. Толку ни беа силите и можностите, и покрај тоа што се сменија еден куп селектори. Во чаршијата бруеше зошто на селекторите им се даваат толку високи плати (10.000 евра месечно), а имаат обврска само 4-5 натпревари годишно. На тоа Словенецот Катанец не паѓаше, и со работа успеа да не’ искачи највисоко на ФИФА ранг листата, и покрај неатрактивната игра, игра на резултат. Сепак, и тој на крајот го напушти кормилото.

Споменувам промена на селектори, но тука како фактор треба да се земат и претседателите на Фудбалскиот сојуз, кои исто така се менуваа, но не донесоа ништо ново, туку само скандали, затоа и работата каскаше во место. Но нашите фудбалери секогаш наоѓаа сили со фаворитите да изиграат супер. Така беше во двата натпревара со Холандија во Скопје, кога трибините беа обоени со црвена и портокалова боја. Прекрасна глетка. Празник!

Од поинтересните репрезентативни натпревари на кои сум присуствувал би ги издвоил оние со Ирците (еднаш ги зафркнавме со гол на Ставревски во последните моменти и тие не се квалификуваа на првенството следната година), како и оние со Шкотите. Натпреварите не беа којзнае што, но присуството на островските навивачи низ Скопје и на стадион секогаш биле празник за сите. Ечат песни, се пијат стотици пива, сите се среќни и задоволни, а резултатот – nevermind, и онака сме труби и тие и ние 🙂

Ја бодрев фудбалската репрезентација и на пријателските натпревари. Бидејќи не се квалификувавме на првенствата, вообичаено напролет ни доаѓаа репрезентации кои ја темпираа својата форма за во јуни, па во Скопје ги гледавме и Јужнокорејците на нивната европска турнеја, Хрватска (повторно), Украинците со тогаш супер популарниот Шевченко, како и нашите соседи, Бугарите, кои имаа смена на генерација.

Ова е текст по повод успехот на македонската фудбалска репрезентација, но таа не би била она што е доколку не постои и клупскиот фудбал, особено кога нашите екипи играат квалификациски натпревари кои горе-долу претпоставуваме како ќе завршат, но знаејќи дека тоа ќе биде единствената можност за таа година да се гледаат одредени европски клубови на наш терен, присуството на стадион беше задолжително. Секако, нашиот најуспешен клуб Вардар одигра интересни натпревари во изминатите две децении, меѓу кои оние со Легија од Варшава и Бате Борисов од Белорусија ми се во фино сеќавање, можеби не поради играта, туку поради атмосферата која ја направија Комитите.

Во Скопје, меѓу другите, ги гледавме и една Рома со Тоти, белгиски Стандард од Лиеж и еден куп други европски екипи. Вардар стигна и на чекор од квалификации во Лигата на Шампионите, и му фалеше само еден гол, но затоа пред две години тоа му успеа со Лига Европа, откако во последниот квалификациски меч го елиминираше силниот Фенербахче. Блок билетот со три натпрвеари од Лига Европа во Скопје зазема посебно место во мојата колекција.

Покрај Вардар, и Работнички имаше неколку многу успешни квалификациски сезони на европската сцена, кога исто така беше на чекор до остварување на сонот, влез во групите наесен. За жал, не успеаја во тоа, но убаво беше да се види речиси полн стадион, особено Јужната трибина, во поддршка на секогаш симпатичниот Работнички.

И на крајот, претурајќи по билетите, наидувам на неколку на кои воопшто не се сеќавам, но ете, во моментот сум сметал дека треба да присуствувам на стадион и да им дадам поддршка од трибините на нашите екипи Македонија ЃП, Силекс и Победа. Сонцето пече на „Градски“, средина на јули е, а ти дремеш на трибини гледајќи тотално неатрактивни мечеви. За момент се почувствував како Ник Хорнби во романот „Стадионска треска“ кога одел на сите натпревари на Арсенал, дури и во Лига купот во некои англиски села, но тој барем знаел зошто го прави тоа, навивајќи за омилениот клуб 🙂

Јас се надевам дека нашите момци следната година ќе не’ израдуваат со добар резултат на ЕП, но за едно сум сигурен – отсега репрезентациите кои ќе доаѓаат на нашиот стадион ќе стрепат од противникот, бидејќи докажавме дека имаме квалитет. Исто така, сигурен сум дека екс „Градски“ отсега па натаму ќе биде полн до последното место, без разлика дали играме со Гибралтар или со некоја од силните европски селекции. Бидејќи Пандев и другарите го заслужуваат тоа!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *