Ако од мал си слушал музика, ако од мал си стекнал навика да купуваш носачи на звук (се разбира, касети, бидејќи зборуваме за 80-те години), ако од мали нозе си сфатил дека музиката е важна во животот, тогаш потајно си сонувал дека еден ден ќе добиеш музички систем на кој соодветно ќе ја пушташ и слушаш сета таа нотна убавина на овој свет. По редицата касетофони со сомнителен квалитет, најпосле го добиваш музичкиот систем како од германските каталози што си ги гледал кај тетка ти, и на радоста и’ нема крај. Во втората половина на деветтата декада од минатиот век саунд-системот „Kamacrown“, колку и да беше чкарт гледано од денешна перспектива, во тоа време беше остварување на детскиот сон, особено поради тоа што покрај касетите, се отвори можноста за слушање на музика и на грамофонски плочи. Така скромно започна ЛП-пасијата која трае и ден-денес.

Не знам дали сте ја прочитале анегдотата за Синтија, првата жена на Џон Ленон. Оди вака: Ленон ја запознава Јоко Оно и ја откачува првата љубов од младоста, Синтија. Вдовицата по некое време запаѓа во финансиска криза и решава на аукција да ги продаде љубовните писма и цртежите што Џон и’ ги праќал додека биле дечко и девојка. Ги купил анонимен купувач за солидна сума на пари. По некое време ѕвони поштарот на вратата и и’ дава пакетче на Син во кое се наоѓаат сите цртежи и писма од Џон. Пораката гласи: „Никогаш не ги продавај своите сеќавања. Со љубов, Пол Макартни“. Да, драги луѓе, факин Пол Макартни ги купил „сеќавањата“ на Синтија и ги вратил назад, на вистинската адреса, во нејзиниот дом. Бај д веј, приказната си најде соодветно место и во мојот актуелен роман “Ветрилиште” 😉

Кога се обидов да најдам некакви информации за тоа кој ги произведувал овие музички системи и како стигнаа на југословенскиот пазар, наидов на ѕид. Никакво инфо, што е разбирливо, бидејќи тогаш не постоеше Интернет. Ми се појавија неколку огласи од Македонија и регионот во кои сопствениците, за дополнување на домашниот буџет, се решаваат да ги продадат овие скапоцени „сувенири“ од минатиот живот. Бидејќи стариот не е веќе меѓу живите за да ги потврди моите сеќавања, ми се чини дека прекрасниот „Камакраун“ е британска “направија” која се појави во оглас во некој од тогашните Ју-весници, и која на големо почна да се продава, а набргу потоа, и да ги краси повеќето домаќинства на работничката класа во поранешната држава.


Јас го добив ова „парче злато“ поради континуираниот одличен успех и поведение на училиште некаде на средината од втората половина на 80-те, спакувано во еден огромен, висок пакет. На радоста и’ немаше крај. Бев на прагот од тинејџерските години, и собата во која самував веќе одредено време, си доби нов, посебен сјај. Се воодушевував на прекрасниот распоред на нештата: најгоре грамофон со капак, под него ФМ скалата на радиото (ох, колку многу слушав радио: со „Диско селектор“ на Драган Б. Костиќ долго бевме во љубов), па делот со еквилајзерите (еквилајзери, брат, како добро звучи, светски, си местиш високи да ти прават цс-цс-цс…, па басови…), следи двојниот дек (ќе можам да преснимувам касети, жива радост!), и уште неколку детали кои музичкиот систем од соништата го правеа огниште во собата околу кој се движеше сиот мој свет.


Десно од еквилајзерите се наоѓаше „сајанс-фикшн“ делот во кој ракуваш дали сакаш да слушаш моно или стерео звук (се разбира, стерео!), „хај“ или „нормал“ (се разбира, го заглавуваш копчето на „хај“), следи делот со избор кој носач на звук сакаш да го конзумираш, па делот за касетите, „нормалка“ или легендарната „хромка“ (наводно, подобри снимки вадеше), изборот на радио-брановите, и на крајот, „оф-он“ делот, што и да значеше тоа.

Убави детали содржи стариот, добар „Камакраун“. Дизајниран во практичен стил, нудеше можност за приклучок на микрофон со кој, одредено време, снимав гласовни содржини на кутрите касети, кои ја добиваа веќе сто-дваесет-и-четвртата-снимка на лентата. И на крајот, двата звучника, кои не беа којзнае колку моќни (2x20W), но сосема доволни за задоволување на потребите на еден тинејџер вљубен во музката. Дупката на десниот звучник е нем сведок на почетоците на моите први дружби на тутунот за време на музичките сеанси пред саунд-системот.

Мојата младешка соба претпре многу трансформации. Последната инкарнација се’ уште е во неизменет облик веќе пар децении. Гордо на шкафот горе се’ уште фигурира стариот, добар „Камакраун“. Ја избришав прашината од него, го вклучив во струја и се обидов да извадам звук од него. Најпрво се откажав од идејата некоја од плочите да ја пуштам на оваа стара, дотраена игла, од страв да не ја оштетам. Земам касета и ја пуштам на еден од дековите, и сфаќам дека почнува да ја гужва лентата. Ја вадам и ја враќам во првичната состојба со помош на моливче. Се сеќавате на таа занимација? 🙂
На крајот пуштам радио, и слушам дека звучниците се комплетно во аут. Но и покрај тоа, не се решавам ова парче богатство да го продадам на оглас, како некои од сограѓаните. Затоа што никогаш, по никоја цена, „не треба да ги продадеш своите сеќавања“. Па не сме репликанти, мајку му 😉
Long live Kamacrown!!!