Кераца Висулчева – спојувач на уметнички светови

Една од постојаните сликарски поставки која треба да се посети доколку патот ве води кон југот од земјава е онаа на сликарката Кераца Висулчева, изложена во импозантниот Сарај на Нијази бег во Ресен. Во денешниот Дом на културата „Драги Тозија“ се наоѓа спомен собата во која се изложени дел од цртежите и сликите од творештвото на Висулчева, како и фотографии, предмети, медали и одликувања и други признанија кои уметницата ги добила во разни европски држави. Тука е, секако, и последната нејзина слика, недовршениот портрет на Киро Глигоров, кој сесрдно и’ помогна да се пресели во Скопје и последните години од својот живот да ги помине во Македонија. Висулчева, пред својата смрт, шетајќи низ Македонија, изразила желба нејзините слики како постојана поставка да бидат изложени токму во оваа зграда во Ресен, бидејќи зградата ја потсетувала на годините и спомените од нејзините долги престои во Франција.

На вториот кат од прекрасното здание од почетокот на 20 век се наоѓа галерискиот простор во кој се изложени делата на Кераца Висулчева. Не’ пречека прекрасно љубезната историчарка на уметност Милица Бојчевска, која во следните половина час ни ја раскажа приказната за уметницата која пред крајот од својот живот решила сето нејзино творештво да и’ го подари на македонската држава, без можност делата да се продаваат, туку да останат како дел од националното богатство на Македонија, и истовремено да бидат изложени и во Ресен и  во Скопје.

“Кераца Висулчева заедно со Лена Стефанова и Катја Ефтимова ја сочинуваат првата академски образувана, еманципирана и ликовно зрела генерација авторки во модерното македонско сликарство која оди во ритмички чекор со основоположничката генерација на современото македонско сликарство ­ Димитар Пандилов, Лазар Личеноски и Никола Мартиноски и со право се приклучува кон таа плејада значајни ликовни творци. Овој благороден чин на презентирање на спомен музејската поставка со најзначајниот творечки опус е истовремено и обид за нејзино вклучување и вградување во тековите на нашата современа ликовна уметност“, ­ изјави во 2006 година министерот за култура Благоја Стефановски на отворањето на спомен музејската поставка во Ресен.  

„Десет години пред овој чин, Кераца Висулчева со помош на бројни интелектуалци, писатели, историчари на уметност, амбасадори, новинари и со сесрдно разбирање на првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, успеа да го преобликува личниот сон во реална вистина. На 85­годишна возраст трајно се насели во Скопје за да ги помине последните години од својот, истовремено, скромен и извонредно богат живот во Република Македонија, а таа со нејзината широкоградост умееше да ја цени и да и’ овозможи животни услови, нега и грижа прифаќајќи ја целосно и овозможувајќи и’ да се чувствува како дома. Кераца Висулчева  веднаш го привлече вниманието меѓу уметничките кругови. Кон неа се гледаше со симпатии, воодушевување и почит, но таа живееше повлечено и неуморно беше посветена на творештвото“, пишуваше тогашен „Утрински весник“. „По првото нејзино претставување во Музејот на Македонија во 2002 година и големата ретроспективна монографска изложба во МАНУ во 2003, ова е круна  во остварувањето на нејзиниот сон“.

Автопортрет (1956), цртеж со јаглен

Кераца Висулчева (с. Нестрам, Костурско, 7 април 1910 – Скопје, 13 јануари 2004) набргу по нејзиното раѓање, нејзиното семејство го напушта родниот крај и се сели во Бугарија. Најголемиот дел од животот Кераца Висулчева го минала во Пловдив. Во 1930 година, Висулчева се запишува на „Художествената академија“ во Софија. Студиите ги завршила во 1935 година. Поради јавното искажување дека е Македонка, Висулчева била исклучена од Сојузот на ликовните уметници на Бугарија. На нејзиното инсистирање, во 1941 година доаѓа во Македонија и се вработува во „Женската гимназија“ во Скопје, а во меѓувреме учествува и на неколку групни изложби. Заради одредени семејни обврски се враќа во Бугарија во 1944 година и предава цртање во неколку гимназии во Пловдив, каде останува да живее се’ до своето преселување во Скопје во 1996 година.

Портрет на Марија Допсевска (1969), масло на платно
Ентериер на Хисарската бања во Пловдив (1973), масло на платно
Сон (1989), масло на платно

Стручните текстови за нејзиното сликарство велат дека стилското дефинирање на целокупниот опус на Висулчева се задржува на реализмот и постимпресионизмот, со мали отклонувања кон национал-романтизмот. „Нејзиното сликарство накусо се означува како сликарство на импресијата, на чувствата и душата. Позначајно од стилската определба е бескомпромисната оддаденост на уметноста и нејзините феномени: бојата, формата, светлината, цртежот“.

Мадам Терез (1965), масло на платно
Пролет (Портрет на Буни) (1947), масло на платно

„Страста кон сликањето не и’ дозволила на оваа борбена сликарка да стане заложник на тематски, идеолошки или содржински диктати. Напротив, поетиката на пејзажите, спокојните визури на урбаните сцени од Париз, Антиб или Авињон, сензибилитетот на балерините, дамите и капачките, наспоредни на благородните физиономии на редица значајни личности од нејзиното опкружување, укажуваат на доследност кон естетскиот принцип. Во духот на сопствената кауза и интима се реализирани и нејзините автопортрети, мајката на Никола Вапцаров, училиштето во Пиринска Македонија“.

Мајката на Никола Вапцаров (1961), масло на платно
Родната куќа на Вапцаров, Банско (1961), масло на платно

„Психолошкиот третман на портретираните личности го имаат својот пандан во емотивниот пристап кон раскошната архитектура на Монмартр или Мулен Руж и кон, не помалку возбудливата ерупција на, морските бранови. Повеќето актови соопштуваат длабоко почувствувана сензуалност на женските тела. Во делата Несрам, моето родно село – 1980 и Мојот роден крај – 1980, работени на седумдесетгодишна возраст (кога за прв пат по неколку децении го посетува родното место), очигледно е присуството на болката, носталгијата или меланхолијата згуснати во времето, собирани со децении во една емотивна жена“, поентира Соња Абаџиева во нејзиниот текст посветен на 100-годишнината од раѓањето на сликарката.

Театар Мулен, Париз (1965), масло на платно
Куќата Друо, Париз (1980), масло на платно

„Недоверлива сум, зашто луѓето погрешно ги сфаќаат зборовите. Особено кога се од устата на уметник. Културниот деец треба да има космополитски поглед на нештата, ама да е свесен за коренот и родот! Уметникот се расправа со космосот, но ретко кој има филозофски пристап на нештата, ретко кој сака да влезе во душата на еден творец, да го поддржи и разбере!“ – и’ вели сликарката на Бранка Најдовска во интервјуто во „Старт“ од 2000 година, четири години пред нејзиното заминување од овој свет. „Разговорот со оваа строга интелектуалка нема крај. Нејзе, се чини, ништо не може да ја замори. Толку многу спомени, толку многу настани, немир и достоинство… Таа е современик на еден Бакуњин, Јаворов, го памети убиството на Тодор Александров… Рецитира стихови од Едгар Алан По, восхитено ги опишува сликите на Рембрант, на Да Винчи…“ пишува новинарката во текстот насловен „За Македонија, со љубов!“

Според кажувањата, Кераца живеела аскетски живот, со последните пари купувајќи бои, платна, рамки и четки, цртајќи по европските метрополи и плоштади. Таа живеела боемски живот, комплетно предадена на своето дело. За жал, последното остана недовршено, но тоа гордо ја краси поставката во Сарајот во Ресен, како заокружување на приказната за нејзината посветена работа се’ до крајните моменти од животот, додека имала сила да ги држи четките со прстите.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *