55 години од постоењето на Кинотеката „Златна врата“ во Сплит

Деновиве во Сплит е актуелен 12. Фестивал на медитерански филм (ФМФС), кој освен проекциите од официјалната конкуренција во ударниот термин од 21.30 во летното кино „Бачвице“, филмовите ги прикажува и во прекрасната сплитска Кинотека во воведниот термин од 19 часот. Сместена на почетокот од централната улица на римската летна резиденција, Диоклецијановата палата, веднаш штом влезете од северната порта низ „Златната врата“, овој филмски храм годинава слави јубилеј 55 години од постоењето, кој пристојно ќе биде одбележан во текот на претстојната есен.

Кинотеката е дел од Центарот за култура и животно образование, формиран во далечната 1925 година од градот Сплит, кој има поширок опсег на делување, усовршување и школување на нови кадри од областа на културата низ разни курсеви, работилници, трибини, дискусии, концерти, промоции и изложби. Кинотеката е столбот на овој концепт и култно место за посета на поновата културна историја на Сплит. Кинотечната кино сала во рамките на „Златна врата“, пак, е отворена во 1964 година, и набргу ја зацртала својата програмска политика благодарение на неколку локални филмски дејци, низ филмските класици и уметничките филмови да се прошири љубовта кон Седмата уметност кај генерациите што доаѓаат. Во последнава декада Кинотеката својата дејност ја проширува и со шарен тип на програма во соработка со амбасадите и разните културни центри низ Европа, но и со дистрибутерите кои го промовираат европскиот филм и останатите помалку застапени кинематографии во неколкуте мол-кина во градот.

Влезот во Кинотеката води низ една уличка-тунел, по што десно се качувате по скалите на старата зграда, по чии ѕидови има изложено фотографии од еден куп познати наслови од филмската историја. На најгорниот, трет кат се наоѓа кино салата која изгледа прекрасно (Кинотеката на први јануари 2013 година станала дел од асоцијацијата Europa cinemas). Највпечатливи се столчињата на кои се испишани стотина значајни филмски имиња, па така при секоја посета на киното, во зависност од бројот на вашиот билет, имате можност да седнете на столче со различно име, па и така да се почувствувате: еднаш сте Клинт Иствуд, следниот пат Дејвид Линч, а потоа Ава Гарднер. Интересна е и комбинацијата на имиња едно до друго, па така имате комбинации од столче до столче со имињата на фраерите Рудолф Валентино и Џон Малкович, легендите Роберт Бресон и Лукино Висконти, Чарли Чаплин и Фриц Ланг, или лудата комбинација со Никол Кидмен и Сем Пекинпо. Едноставно, не можев да престанам да фотографирам, толку беше интересно. Веројатно и како тема за разговор пред секоја проекција: „На кое столче седиш?“ „Чекај да видам“. „Аааа“, и така натаму, можностите се бескрајни. А по проекцијата на филмот, вистинско уживање следи во дворот на објектот, во кој функцинира прекрасен ресторан со име, секако, „Кинотека“, чии ѕидови исто така изобилуваат со филмски постери од минатото.

Овие денови, како што напоменав на почетокот од текстот, на програмата на Кинотеката се актуелните филмови од 12. ФМФС, потоа следи мала пауза, а од 26 јуни до 3 јули организаторите ја најавуваат програмата насловена „Нешто се готви“, посеветена на драмите и документарните филмови кои раскажуваат за кафето, познатите ресторани, професионалните готвачи и воопшто, се’ што е поврзано со светската прехранбена индустрија. Кинотеката ќе работи до 13 јули, а потоа следи летна пауза. Но, пред тоа, на 29 јуни, вистински спектакл за сите љубители на Седмата уметност! На програмата е Кјубриковата „2001: Одисеја во вселената“, педесет (и нешто ситно) години подоцна, со сите технички салтанати. Никогаш не сум го гледал на големото платно. Едвај чекам!

(Текстот е објавен на kinoteka.mk)