Спортско ретро интермецо (Шибенка, Дражен Петровиќ)

При денешната посета на прекрасниот Шибеник, неизбежно беше да тркнам и до Дражен. Овој месец, на 07 јуни, се навршија 26 години од неговата прерана смрт, и многумина во медиумите и на социјалните мрежи го поздравија великанот со вообичаеното „Времето лета, капетане“.

Спортот многу го одбележа моето детство, особено кошарката. Уличниот баскет претставуваше начин на созревање и влегување во светот на возрасните. Во 80-те години Југославија освои се’ што можеше да се освои како на репрезентативно, така и на клупско ниво. Навивав за Партизан (генерацијата на Савовиќ, Грбовиќ, Дивац, Паспаљ, Обрадовиќ, Ѓорѓевиќ, Даниловиќ…), но омилен играч ми беше Дражен Петровиќ, имав и пуцвал фризура како него, и дриблав и играв на неговата позиција. Се’ уште сметам дека тој е најдобар бек шутер на сите времиња!

         

Имав девет години кога во 1983 година Шибенка предводена од супер младиот и талентиран Петровиќ им го зема скалпот на сите. Прво падна Црвена ѕвезда, па потоа и големата Босна во едно контроверзно финале, кога по фаулот над Дражен тој ги реализираше двете слободни фрлања, но потоа на зелена маса следеа казни за многумина вклучени во тој меч. Многумина велат дека тоа бил и почеток на крајот на поранешната држава. По малиот Петровиќ се тепаа сите, но тој замина кај големиот батко, Ацо, кој играше во Цибона. Следеа две европски титули за клубот и две титули најдобар европски играч. Дражен потоа го препороди и Реал Мадрид, па замина во НБА, каде во Портланд имаше епизодна улога, но во Њу Џерси се пронајде себеси. Медалите со Ју-репрезентацијата не ги споменувам, многу се.

Одам по сончевиот тротоар, и од другата страна го здогледувам прекрасното кошаркарско игралиште со поглед кон морето во позадина, а пред него, на клупата, седи фигурата на Дражен со погледот надолу, кон баскетот кој го држи меѓу двете нозе. Го сликнувам, и низ подземниот премин сакам да преминам од другата страна, а таму, секако, неизбежните навивачки графити посветени на неговиот матичен клуб Шибенка. Поминувам од другата страна, седнувам до маестрото и се обидувам да направам селфи, а една локална госпоѓа ме прашува дали можеби сакам таа да ми помогне и да ме слика. Се заблагодарувам и и’ го подавам апаратот, и таа ме штракна за спомен. Скулптурата е одлична, го гушнувам Дражен, и тој како да е тука, до мене. Прилично реалистично искуство. Го фотографирам и теренот, на кој има две огромни фотографии од дечкото, една од помладите денови, а другата во полна играчка зрелост. Се симнувам и до легендарната сала „Балдекин“ која е веднаш тука, долу, и во која денеска игра актуелниот клуб „Шибеник“, член на втората АБА лига. На околните ѕидови повторно наидувам на навивачки графити, а веднаш до салата е и основното училиште во кое веројатно се школувала легендата. Се’ на купче и во кругче. Кош!

Потоа повторно се упатувам од другата страна на улицата, каде недалеку, пред неколку години, неговата мајка со помош на локалната власт, станот во кој живеел кошаркарот го претвори во спомен соба и музеј за инспирација на новите генерации талентирани момци. По десетина скали се качувам во еден фино среден станбен комплекс, но бидејќи не знам кон каде да се упатам, ги прашувам двете момчиња седнати на скалите и загледани во своите мобилни телефони каде е спомен собата на Дражен? Едното од нив ја крена главата, ми кажа кон каде да се упатам и повторно ја спушти врз екранот.

        

Недалеку е гаражата на која има еден огромен графит со спомен плоча и порака, на ѕидот од гаражата, секако, е кошот на кој вежбал Дражен, а под него е голфот кој го возел во млади денови (во моментот беше покриен, па во прилог на фотките ставив фотка од Интернет). За жал, истото морав да го сторам и со фотките од внатрешноста на музејот, „зато што је ваш рипортер Шиме пољубиа врата“. Станот беше затворен и немаше никаква информација кога работи, кого да се контактира за да може да се посети, и слично.

Но тоа не ме онерасположи, бидејќи многу побитен ми беше контекстот и опкружувањето кое го видов и лично го доживеав. Имено, Дражен тргнал баш од маалска околина за потоа да го достигне светскиот кошаркарски врв. Многумина велат дека бил исклучително дисциплиниран и постојано дремел на околните кошеви, а потоа и на тренинг, усовршувајќи го својот дриблинг и шут. Отворањето на велелепниот музеј во Загреб во чест на Дражен е одличен потег, но многу подраги ми се скулптурата и спомен собата во Шибеник, бидејќи тука е основата, базата, која се надевам дека секојдневно ќе влијае врз новите, млади Шибенчани како инспирација, но и за посетителите од целиот свет.

 

Се враќам назад, а момците се се’ уште на скалите. Им се заблагодарувам уште еднаш што ми помогнаа, а тие рекоа „нема проблема“, но овој пат не кревајќи ја главата од телефоните. Баскет? Улица? Хм.