Еј Џули, брат!

Минатиот месец „Кроација рекордс“, наследникот на славниот „Југотон“, го реиздаде албумот „Био сам наиван“ на Даниел Поповиќ. Поводот е четири децении од објавувањето на колекцијата од 10 песни, која во Југославија се продаде во тираж од 725 илјади примероци на разни носачи на звук, со што албумот го направи еден од најуспешните поп производи во поранешната држава. Wow, 725 илјади примероци не се заебанција!

Луксузното реиздание не е скапо, чини само 19 евра, но не ми се купуваше нешто што е ново и исполирано, туку сакав да го почувствувам мирисот на сеќавањата и времињата кои никогаш нема да се вратат. Затоа наминав кај препродавачите крај Вардар, а еден од познаниците се потруди да ми најде сосема солидна копија од албумот. Нејзиниот мирис ме телепортираше не во иднината, туку во минатото, онаму каде што чучат сеќавањата на едно време кое никогаш нема да се врати, сеќавањата кои се единствените параметри кои не’ разликуваат од неминовната роботизација во иднината, нешто што Филип К. Дик одамна го навести во новелата „И андроидите сонуваат електрични овци“, која потоа доби феноменална филмска верзија во „Блејдранер“.

Како клинец заинтересиран за музиката уште од мали нозе, и мене не ме одмина лудилото наречено „Даниел“. Неговиот албум на касета во тој период го излижав(ме) од вртење. Масло на оганот долеаја новинарите од неделникот „Екран“, кои речиси во секој број имаа прилози за популарната југословенска музичка ѕвезда. А кога Даниел го посети и Скопје, во специјален фото едиторијал направен во нашиот Градски парк, тој возеше едно штосно Баги опколен со најпривлечните манекенки во моментот. Па што може повеќе да посака едно момче кое се наоѓа пред вратите на пубертетот? Работите тогаш беа „поедноставни“, момците беа среќни, и девојките беа среќни. Којзнае колку Даниел се препотувал во кожниот костим со кој фигурира на насловната на албумот, но ефектот беше максимален. Денес веројатно многумина би го осудувале овој „мачо“ фазон, и поради фактот што мораме да бидеме политички коректни, песната можеби би доживеала и ремикс насловен „Еј Џули, брат!“.

„Евровизија“ на овие простори отсекогаш се сфаќала многу сериозно. Тоа беше момент за собирање на семејството пред телевизискиот екран, соочување со европските (не само музички) тенденции во моментот, и на некој начин прикажување пред светот на најдоброто од својата, домашна кујна. Не знам зошто од 1975 до 1980 година Југославија немала претставник на овој музички хепенинг, но по заминувањето на „стариот“, решија да се вратат во игра, бидејќи поранешната држава имаше фестивалско-шлагерска традиција која мораше да се одржува, а и народот мораше да влезе во една пост-фаза во која лека-полека ќе почне да заборава на човекот кој висеше на ѕидот во секоја училница во државата.

Со појавата на „Новиот бран“ во Белград и Загреб, во моментот се случуваше алтернативната историја во југословенската музика, според многумина, една од најсилните и најзначајните сцени во Европа во 80-те, но во случајов зборуваме за нешто сосема друго, нешто што ги засегаше сите слоеви во општеството, кои преку настапот на „Евровизија“ се чувствуваа релевантни, како да се се дел од „глобалното село“, поим кој се’ уште се немаше одомаќинето во поранешната Југа, иако многумина би контрирале со фактот дека со тој пасош можеле да патуваат било каде низ светот, и притоа да бидат почитувани како цареви.

Во 1981 и 1982 година на натпреварот ги испраќаат „несреќниот“ Сеид Мемиќ Вајта со „Лејла“ и all-girl групата „Аски“, кои, барем во поширокиот круг на моето семејство, беа критикувани како тотално промашување. Но, 1983 година, конечно, беше вистински погодок. Иако албумот „Био сам наиван“ го издаде во 1982 година, со ултимативниот хит „Џули“ кој победи на југословенската „Евровизија“, а потоа го зазеде и чевтрото место на европската манифестација, црногорскиот гитарист, композитор и пејач Милан Поповиќ, попознат како „Даниел“, ги освои срцата на сите, и беше најпосакуваниот ерген за кој се зборуваше и пишуваше на Балканот. Албумот беше реиздаден со хитот „Џули“ и доживеа не-знам-какво-дијамантно-и-платинесто-издание. На мојата плоча има налепница дека е „3 x dijamantna“, што и да значи тоа. Во секој случај, голем тираж во тоа време.

И со право! Албумот е вистински дијамант, колекција од десет песни спакувани во вистинската традиција на поп параметрите, каде фигурираат неколку бисери, а останатите на најдобар можен начин го надополнуваат feeling-от на целиот материјал. „Џули“ доаѓа како врв на шлагот од тортата, тоа е песната која влезе во ушите на најпрогресивните урбани младинци и младинки во тоа време, па се’ до најзафрлените катчиња на поранешната заедничка држава. Таа го отвора реизданието на албумот, тоа е песната поради која албумот почна масовно да се купува.

Stigla je sama sa ljetom

Prišla i rekla: “Hello”

Pogledi su nam govorili

Više od riječi.

ЈБТ, колку едноставно, а истовремено сугестивно и моќно! Ќе да е љубов во прашање!?

Но „кваката“ лежи во оригиналниот материјал, во останатите девет песни кои „Даниел“ претходно ги издава како авторски материјал, и во кои ја вложува сета своја надеж дека можеби ќе се пробие на пазарот. И, како и секогаш, успехот е инцидент, а цената на славата се плаќа подоцна во животот.

Накитен со диско букви кои го испишуваат неговото уметничко име на обвивката на ЛП-то, на кое во специјално крукче десно горе е потенцирано „Евровизија Џули“, албумот „Био сам наиван“ е многу повеќе од потенцирање на само една хит песна поради која нацијата мора да падне на колена пред новиот музички цар. Текстовите на песните се пишувани од угледните имиња Ѓорѓе Новковиќ и Жељко Павичиќ, а Даниел, освен одличните гитарски и вокални способности, на овој албум ги покажува и своите композиторски афинитети.

Насловната „Био сам наиван“ е одлично надоврзување на „Џули“, откако оваа заминува од сцената заедно со летото. Но хормоните работат и се појавува „Џени“. На Даниел му треба уште еден хит покрај „Џули“, но Џени сака постари дечки и тој повторно завршува неславно. А-страната од ЛП-то завршува со искрени исповеди од уметникот преку темите „Узми од мене све“ (само љубав не!) и „Неки други јој се свиѓа“, така цементирајќи го чувството кое секогаш „пали“ кај широките народни маси – несреќната љубов и тагата која неминовно следи потоа. Шемса изгради цел култ на таквата музичка филозофија, кој провејува и меѓу „интелектуалците“ кога ќе се најдат наролани на замастената кафеанска маса.

Б-страната на ЛП-то на Даниел започнува со една прекрасна преработка на класик-темата на Leo Seyer, „I love you more than I can say“. Југословенската музичка сцена беше позната по „крадењето“ на странските хитови, впрочем, доволно е да го споменеме само името на рециклаторот Горан Бреговиќ . Потоа следуваат варијации на тема. Малку возбуда во „Ти ме узбуџујеш“, или што би рекле нашите поп ѕвезди, малку „побрза“ песна (нивните критериуми се „побрза“ и „побавна“ песна, таканаречен „сентиш“). „Ти си моја сретна ѕвезда“ е токму еден таков прекрасен сентиш, полн со љубов, а за да се врати во ситуацијата „статус кво“, Даниел пее за добиен „Нокаут“ секогаш кога ќе покаже барем малку љубов кон субјектот. И на крајот – логична завршница, прифаќање на животната мудрост која вели „Срце је лажов лош“.

Како растев, секако дека вниманието ми го окупираа музиките на ЕКВ, Оргазам, Азра, Филм, Партибрејкерс, Хаустор и останатите бисери на рокенрол сцената, но впечатокот за албумот на Даниел и ден-денес зазема специјално место во мојата меморија затоа што беше вистински поп дијамант, нешто што многу лесно навлегува во умот на реципиентот и потоа никогаш не исчезнува.

Одвреме-навреме го здогледував Даниел како настапува на некоја попладневна програма на ТВ каналите од екс-ју просторите, и секогаш ме зачудуваше моментот кога се обидуваше да биде повторно млад и згоден како во времето на „Џули“. Зошто, брат!? Остави го тоа зад себе, ова се нови времиња, прилагоди се на нив. „Бев наивен“ нека ти остане младешки портрет, што е сосема нормално, а сега дај порасни и созреј! „Заглавил со коцка, живее на улица“, ми вели препродавачот на плочи на кејот на Вардар. „Исто и Владо Калембер, и многу други ѕвезди“, сигурен е во себе. Не знам колку е тоа веродостојно, и кога се враќам дома, ја ставам плочата на грамофонот и го проверувам чичко „Гугл“.

Милан Поповиќ, попознат како „Даниел“, е роден на 29 октомври 1955 година во Подгорица, Црна Гора. Деца: Себастијан, Изабела Ким, Доминик и Анамарија Поповиќ. Брачни другарки: Александра Поповиќ и Сања Бједов. Вклучувајќи го тука и албумот „Био сам наиван“ продаден во 725 илјади примероци, би рекле, сосема доволно за еден живот на планетата Земја.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *