Триумфот на Александра

По распаѓањето на Советскиот сојуз, дотогаш моќната кинематографија, како спротивност на западната во секоја смисла, почна да се губи од сцената, пред да се појават неколку квалитетни режисерски имиња кои на рускиот филм му дадоа нов, свеж здив. Предводник на новата генерација руско кино дефинитивно е Александар Сокуров, чии прекрасни остварувања имаме можност да ги видиме, пред се’, на домашните филмски фестивали (во Скопје и Битола), а во последниов случај со „Александра“ и на „Синедејс“.

Според многумина, Сокуров е легитимен наследник на богатото руско филмско наследство предводено од Андреј Тарковски. Сличностите се очигледни, особено кога станува збор за долгите, медитативни кадри, природноста во актерската игра, употребата на оригинална музика и звук, како и „поигрувањето“ со историјата, религијата и социјалното милје на рускиот народ. Иако кариерата ја започна со снимање на документарни филмови во далечната 1979 година, Сокуров својот опус успеа да го извлече од рамките на домашната кинематографија дури во минатата декада, добивајќи неколку престижни награди на светските фестивали. Вредни за споменување се неговите веќе легендарни наслови „Мајка и син“ (1997) и „Татко и син“ (2003), потоа, фантастичната политичка трилогија за Хитлер, Ленин и Хирохито, „Молох“ (1999), „Бик“ (2001) и „Сонце“ (2005), и неизбежната „Руска арка“ (2003), едноиполчасовниот спектакл во Ермитаж снимен без прекин на филмската камера, во една единствена голема сцена.

Филмографијата на рускиот режисер триумфално продолжува годинава со „Александра“, драма во која истоимениот главен лик заминува во посета на внукот кој го отслужува воениот рок во жешката Чеченија. Вдовицата Александра Николаевна, која како да е извлечена од некоја руска литерарна класика, се соочува со милитаристичкиот свет во кој владее бесчувствителна ентропија, и иако не го разбира она што се случува околу неа, таа на крајот сепак успева да остане автентична и своја. Заслужни за финалниот продукт се и кинематограферот Александер Буров, монтажерот Сергеј Иванов и композиторот Андреј Сигл.

Честа да го видат новото ремек-дело на Сокуров досега ја имаше фестивалската публика во Кан, Њујорк, Торонто и Скопје. Веќе со нетрпение го очекуваме неговиот следен проект, најавен за следната, 2008 година.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 11 декември 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *