Кон „Анатомија на еден пад“, европскиот филм на годината

Не е толку честа појава еден филм да ги собере наградите во речиси сите главни категории на доделувањето на европските филмски награди, но токму тоа се случи со француското остварување „Анатомија на еден пад“ на режисерката Жастин Трие, кој во мај ја доби и престижната „Златна палма“ во Кан. За многумина ваквата разрешница на крајот од европската филмска година е неочекувана, бидејќи дел од публиката и критичарите во филмот видоа „само уште едно остварување со судска парница“, но тоа, секако, воопшто не е точно. Можеби делумно би се сложил за режисерскиот дел од работата, каде школски решените сцени се наметнале сами по себе, но врвното сценарио на Трие во соработка со Артур Харари е оној бисер кој храбро се соочува со ѕверското современие во кое живееме, отворајќи безброј релевантни теми низ кои во центарот на вниманието е човекот. А кој друг!?

Чесно е да се спомене дека голема заслуга за успехот на филмот оди и на контото на главната актерка Сандра Хулер, која уште во 2006 година докажа дека е врвно талентирана со улогата во филмот „Реквием“ на Ханс-Кристијан Шмид, за која ја доби „Сребрената мечка“ за најдобра актерка на Берлиналето. Оваа година дефинитивно поминува во нејзин знак, бидејќи освен „Анатомија…“, таа е носителка во уште еден одличен филм, „Зона на интерес“ на Џонатан Глејзер, кој доби „Гран при“ во Кан. Но уште поважно, Сандра за обете улоги во актуелните филмови, овој викенд стана лауреатка на наградата на Асоцијацијата на филмски критичари од Лос Анџелес. И којзнае дали работата ќе застане тука, веројатно „Глобусот“ и „Оскарите“ се следниот предизвик!?

Насловот „Анатомија на еден пад“ можел слободно да биде и „Анатомија на една зима“. Имено, во една студена зима, која потоа ќе се развлече долго и долго низ душите на протагонистите, ја следиме приказната за еден (не)очекуван пад, после кој се отвора Пандорината кутија. Тој клучен зимски студен ден започнува со интервјуто на една студентка со познатата писателка во нејзиниот дом на брдото, каде се отвораат клучните прашања за комплетното понатамошно сценарио, поставувајќи ја основата на целата животна приказна која ќе се отплеткува во следните два ипол филмски часа. Разговорот се одвива на следниот начин: 

Студентката: Начинот на кој во книгата ја опишувате несреќата на синот… Тешко е да се чита за тоа бидејќи знаеме дека тоа е дел од вашето животно искуство.

Писателката: …тоа ме наведе на интересна сторија, и тоа е тоа. И ти си во книгата, а сепак не те познавам. Она што го знам е дека ти ме интересираше, а тоа е реално.

– Да, но сепак мораше прво да ме запознаете. Јас сум реална, седам пред вас во моментов…

– Да, така е.

– Но, за да почнете да измислувате, прво ви треба нешто стварно!? Велите дека во вашите книги се мешаат реалноста и фикцијата, и на читателите е да разграничат што е што.

– Молам? – вели на кратко изненадената писателка додека става вода во чашата. 

– Дали тоа е вашата цел?

Писателката сака да смени тема, разговорот да тече поопуштено, бидејќи, како што вели, тука е затворена и само пишува, сака да разменат вистински муабет… и тогаш… тогаш мажот пушта гласна музика од горниот кат, и ете добар изговор за крај на разговорот. Таа „иритантна“  музика всушност е весела тема која во друг контекст би измамила танц и насмевки, но служи како добар контрапункт на случувањата, првично на белилото и студенилото на снегот (додека ритамот повикува на плажа и сонце), и секако, на (само)убиството како врв на (не)очекуваниот суспенз на самиот влез од филмот.  

Но, да го оставиме значењето на музиката на страна. Впрочем, филмот не содржи саундтрак, туку сите музики кои се провлекуваат низ него се или пуштени на ЦД-плеер, или интерпретирани на клавирот во куќата, што е уште една специфика на овој филм. Да се вратиме на претходниот дијалог, каде се поставени оние „вечни“ прашања во однос на книжевноста: колку делата на писателите се (авто)биографски, колку тие содржат дел од животот (или комплетниот) на авторите, и колку е тоа нужно за книжевноста да биде ако не одлична, барем многу добра? Би рекол, секоја книга е (авто)биографска, но истовремено – и не е. И тоа мора да се знае. Токму тоа го докажа и Сандра во филмот. Да, Сандра – името на актерката е исто со името на нејзиниот лик во филмот, писателката Сандра, случајно или (повеќе) намерно преклопување во служба на книжевно-филмската теза, која на крајот добива и судска верификација.

Имено, обвинителот, сакајќи да биде што поубедлив, почнува да ја меша стварноста и фикцијата, и на судската парница почнува да чита дел од последниот роман на Сандра, во кој пронаоѓа реченици во кои таа, односно, ликот за кој пишува, го најавува падот на сопругот, притоа отворено поставувајќи го прашањето: што е стварност, а што фикција? „Тогаш, Стивен Кинг е убиец“, цинична е одбраната. „Не, но жена му почина под неразјаснети околности“, возвраќа адвокатот, кој сепак нема реплика на следната забелешка дека во судот не треба да се мешаат правдата и книжевноста.

Другата важна тема од многуте која ја отвора филмот е онаа за емотивната и интелектуалната моќ на жената во контекст на современото западно општество. Сандра и нејзиниот сопруг се писатели, но тој има блок од кој со години не може да излезе. Таа е многу попрагматична, и нејзините книги наидуваат на добар прием кај читателите. Дури и „позајмува“ една идеја од неговата книга во процес и од неа создава бестселер на триста страници. Една таква интелектуална брачна врска поминува низ сите човечки премрежија, вклучувајќи и несреќа, обвинувања, грижа на совест, антидепресиви… „Паровите поминуваат низ тешки периоди. Некогаш се бориме заедно, некогаш сами, некогаш еден против друг. И тоа е така со сите“, вели Сандра, и со своето гледање на нештата во текот на филмот сосема го потврдува тоа.

По прашањето дали го обвинува мажот за несреќата на нивниот син, таа вели „само неколку дена“, за потоа да брилјира во исказот, покажувајќи ја емотивната родителска грижа кон малиот: „Сакав да го заштитам Даниел да не гледа на губењето на видот како хендикеп, туку да му овозможам да го живее животот кој го има како најдобра опција за него. Тој прави се’ што прават другите деца, тој е многу живо дете. Затоа му замерив на сопругот што ја проектира неговата болка врз него за грешката што ја направи, не земајќи го навреме од училиште“. Затоа, Сандра е олицетворение на храброста, чие огледало е емотивниот Самјуел, чија самодоверба е разнишана секогаш кога таа не го забележува неговото присуство, бидејќи животот е еден и единствен, при што мора да се прават вистинските избори. Со оваа замена на улогите, режисерката Трие како да сака да ја потенцираа онаа вечната дека „жените се тие кои ќе го спасат светот“.

И третата, не помалку важна нишка во филмот на Трие, а всушност НАЈбитната, е третирањето на детето во однос на светот на возрасните. Специфичната ситуација во која се наоѓа Даниел, маестрално одигран од Мило Мачадо Гранер, со сета онаа медитативна тишина која треба да ја „одигра“ во филмот, тргнува од неговиот хендикеп по една сообраќајна несреќа во која тој речиси наполно го губи видот. Малиот е катализатор на сета турбуленција во животот на неговото семејство, тој е чест сведок на расправиите на неговите родители кои мудро ги избегнува шетајќи со неговиот верен придружник, кучето, низ прекрасната природа во околината. Неговата нема задлабоченост во сето она што го прима како информација за време на судењето, од него создава зрел учесник во целиот процес, наметнувајќи му улога во која треба да направи неминовен избор после кој нема враќање назад. Иако судските органи на почетокот се обидуваат да го збунат со смешната реконструкција со гласовите, сепак, односот кон него е сосема коректен, како кон возрасен, и токму неговото финално сведочење ќе ја ослободи мајката од обвинението, преку приказната за таткото кој зборувајќи за можната загуба на неговото куче во перспектива, всушност зборува за себе. „Очекував олеснување, но не е така“, му вели Сандра на адвокатот пред крајот од филмот. „Можеби ќе дојде подоцна“, возвраќа тој.

Враќајќи се на онаа недоумица „што е стварност, а што книжевност“, на крајот од овој осврт тоа претопување на нештата би можело да се примени и во медиумска смисла. Односно, може слободно да констатираме дека „Анатомија на еден пад“ е густ филм со многу текст, и тој истовремено може да се доживее и како она автентично патување додека се чита едно незаборавно книжевно дело. Како и да ја свртите работата, важно е на крајот чувството да биде повеќе од задоволително.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *