Кон „Fiume o morte“ на Иван Безиновиќ

„Фиуме“ е италијанското име на денешна Риека. Малкумина знаат дека во 1919 година се случила најбизарната окупација на овој град во модерната европска историја. Хрватскиот режисер Игор Безиновиќ во креативниот документарец каков не сме виделе досега си поигрува со овој историски факт на многу луциден начин, истовремено потсетувајќи не’ на едни времиња кои и денес се наѕираат зад аголот. Или се веќе тука, меѓу нас, а се правиме дека не ги гледаме!? М?

„Риека или смрт“ е документарниот филм кој каде и да беше прикажан, ги собираше фестивалските награди. И сосема беше извесно дека синоќа во Берлин ќе се закити и со „Европската награда“ за најдобар документарен филм. Се разбира, и повеќе од заслужено. Одамна не сме виделе ваква разиграност во еден документарен филм, ваков пристап на авторот кон една, всушност, многу сериозна тема, окупацијата на неговиот град во првите декади од 20 век.

Риека ја посетив за прв пат пред неколку години и ми остави добар впечаток. Комбинација од австро-унгарската оставштина и соц-реалиситчките згради, сето тоа распослано меѓу високата планина угоре и велелепното море низводно. Панкот кој во поранешната држава доаѓаше од овој град преку бендовите како „Параф“ и „Термити“ ни праќаше порака дека ова е слободарска територија, на влезот во Истра, која, пак, отсекогаш била партизанска. Риека постојано ја владееле де Италијаните, де Словените, а билингвалноста била нејзин заштитен знак. По Првата светска војна следи Версајскиот договор, кој налага градот да му припадне на Кралството СХС. Но со таа одлука не е задоволен Габриеле Д’Анунцио, кој со чета од 300 војници во 15 камиони влегува во градот, го присвојува и 16 месеци владее со него.

А кој е Д’Анунцио? Никад чуо! Така реагираа и половина од анкетираните на почетокот од филмот, родени Риечани. Дел ов втората половина начула, а дел знаеше за овој поет, манипулант, фашист! И самиот Безиновиќ неколку пати го споменува терминот „фашизам“ на почетокот од својот филм, за потоа да каже дека, предупреден од неговите италијански соработници, до крајот, како наратор, тој нема да го спомнува. И го одржа зборот.

Не треба да одиме многу далеку во историјата за да си припомнеме дека еден од крвниците во босанската војна беше поетот Караџиќ, кој на Пале во посета го прими рускиот писател и поет Едуар Лимонов, кој потоа пукаше врз Сараево. Изгледа, каде е поезијата, таму се и ексцентричноста и војната. Да не заборавиме дека и Хитлер бил нереализиран сликар. И Д’Анунцио бил посебна приказна. Фашист по убедување, предвесник на Мусолини. Со својата герила-акција, успеал еден град да држи под опсада дури 16 месеци, нешто за кое на крајот е награден со статуа во недалечниот Трст. „Ние сигурно нема да му кренеме споменик во Риека“, вели еден Риечанин при крајот од филмот.

Безиновиќ го почнува делото со фотографии од срушените риечки мостови во 1920 година. Следи една од најлудите приказна во современата историја раскажана до детаљ благодарение на десетте илјади архивирани фотографии од тој период. Очигледно Д’Анунцио знаел дека ПР-от е моќна алатка, и на големо ги користел придобивките на современото доба. Според приказната што ја раскажуваат фотографиите, тристоте Риечани избрани по случаен избор повторно ја креираат историјата доближувајќи ни ги случувањата од тој период, во кој секојдневно се случувале бизарни нешта. Филмот одлично го доловува духот на времето во кое бандата на италијанскиот поет се дрогирала и оргијашела на големо, додека градот полека се распаѓал, пристаништето престанало да работи, а студентите подготвувале бунт. Но диктаторскиот режим не оставал ништо на случајот, и поради тоа морало да се состанат владите на Италија и СХС за да го решат случајот: Риека да не биде ниту ваму, ниту таму, туку да биде независна и своја. Град-република!

За тоа време Д’Анунцио ги подготвува своите младичи кои му се приклучуваат во се’ поголем број. На Кантрида се одвиваат игри во кои ја насетуваме Хитлеровата младина со своите згодни и возвишени тела само една декада подоцна, овој пат снимени од предвесникот на Лени фон Рифенштал. Градот го посетуваат Нобеловецот Гиљермо Маркони, диригентот Тосканини, и Риека, благодарение на лудиот поет, станува европски центар во моментот. Но не за долго. Во петдневниот „крвав Божиќ“ во 1920 година, се руши сонот на Д’Анунцио, кој се повлекува во родното место, каде Мусолини го одликува за храброста и го прогласува за принц, но потоа го држи настрана од политичките случувања. Не дочекува да ја види Втората светска војна, починува од удар на 74 години, а последните зборови му биле: „Здодевно ми е, здодевно ми е…“

Безиновиќ сето ова ни го подарува на тацна, една минуциозно истражена историска приказна за која малкумина знаат, поентирајќи во многу наврати во однос на употребата на јазикот, мултикултурата на еден град, лудилото на еден поет, и сервилноста на народот кој дозволил нивниот сопствен град да биде окупиран од еден лунатик, истовремено создавајќи еден зачуден „feelgood“ филм кој не ве остава мирни 111 минути, измамувајќи и смеа и прашалници над главата.

И да биде јасно, авторот можел најздодевно да го сними овој филм, со користење на архивски материјали и со многу „talkin heads“. Но не! Кај него проработува филмската креативност надополнета со далматинскиот хумор, и кога на тоа ќе се додаде и панкерскиот пристап, успехот е загарантиран. „Fiume o morte“ е еден од најшашавите креативни документарци во последнава декада, и се радувам што истиот доаѓа токму од Балканот.