Кон мултимедијалната изложба „Фрагментирани реалности“ на Страхил М. Петровски во КИЦ

По просторната инсталација и перформанс насловен(и) „Гласови“ во синагогата во Братислава, и фотографската и видео инсталација со наслов „Мементо мори“ во Уметничката галерија во Куманово, Страхил М. Петровски го заокружува креативниот период во тековната 2023 година со мултимедијалната изложба „Фрагментирани реалности“ во салоните „Империјал“ 1 и 2 во Културно информативниот центар во Скопје. Ова е негово јубилејно, дваесетто самостојно претставување пред публиката, овој пат под кураторство на Маја Чанкуловска Михајловска.

Уште на почетокот на изложбата, Петровски дава јасно до знаење со што (ќе) се занимава и што да очекуваме од презентираното: загубените вредности и идеали, и конфликтите кои произлегуваат од нив. За таа цел, тој користи индустриска хартија, реди-мејд објекти, фотографии и видеа кои имаат повеќеслојни значења, со цел што покомплексно поставување на прашањата поврзани со темата, што е и целта на уметноста: да провоцира можни решенија, насоки и одговори.

Не знам каков е редоследот на поимање на изложбата, но јас се одлучив прво да влезам во „двојката“, каде на белите галериски ѕидови се проектираа четири видеа проследени со соодветен тон, едноставно насловени „Сега“. Одамна не сум присуствувал на изложба каде видео-артот е еден од главните носечки медиуми на уметничката идеја. Во деведесеттите години на минатиот век, пак, не поминуваше изложба во Скопје без ова изразно средство. Зборови, звуци, слоеви, значења… Во најдобриот манир на авангардното видео, овие четири авторски дела на уметникот прекрасно се сопоставени едно на друго, и нудат мултидимензионално искуство во просторот.

Успеав со едно кратко видео да го доловам лудилото во кое сте сведок на фреквентните информации реализирани со брза монтажа, како одраз на светот во кој живееме и егзистираме. Ништо не е вечно, се’ е брзо, минливо и и безначајно. Истовремено, на само чекор од нас, се наоѓаат депониите на времето, ѓубриштата на сеќавањата, кои се многу поважни за човекот отколку инстантната информација која не’ опива во моментот. Токму од таму Петровски на површина ги вади секвенците од реалноста, но и од соништата, оние значења кои го прават човекот човек, а не загубена единка во мноштвото слики кои го заспиваат умот.

При подготовката за пишување на книгата „Поуката на планината сен Виктоар“, каде Нобеловецот Петер Хандке дава една прекрасна слободна интерпретација на сликите на Пол Сезан на кои во позадината фигурира токму оваа француска планина, авторот по долгите прошетки и истражувања на нејзините скриени патеки и значења, во истоимената книга вели: „Некое време имав намера да ги опишам поединечните случувања, планината и себе, сликите и себе, и да ги подредам во неповрзани фрагменти. Но тогаш фрагментарното го видов како нешто евтино, бидејќи тоа како да не беше резултат на единственото на посакуваниот, а потоа неуспешен напор, туку однапред сигурна метода“.

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е 14-1024x1024.jpg

И ако видео-артот ми ја долови моќта на замислата на Петровски, посетата на другата галерија, каде посетителот се соочува со „статичните“ поставки, го намалува интензитетот на дотогаш доживеаното. Но „сегашноста“ мора да има контратежа. Инсталациите „Искушенија“, „Гласови“ и „Архиви“ реализирани од различни материјали повикуваат на разум во хаосот, на свест наспроти нетолерантноста, на храброст во светот преполн со стравови, во кои доминира ладното оружје.

Време е тежината која на грбот ја носиме колективно како човештво да ја претвориме во нешто продуктивно, затоа што ова е време на црни застави, живееме во време на војни и безредија, ова е време за повторно раѓање на човекот. Љубов, верба, надеж.

Петровски во пресрет на изложбата изјавува дека го претставува своето наталожено искуство и став за импактот на колективната, и особено лична одговорност кон егзистенцијалното, „во време на конфликти, од секаков тип, политички превирања и разлики – време на изместени вредности… време на кризи и војни што влијаат врз виталноста на целата планета“. Тоа се тие искушенија пред кои човекот секогаш стои како пред нов предизвик, надевајќи се дека на крајот секогаш ќе излезе како победник, дека трансформацијата, по посетата на оваа изложба, ќе биде успешна.

И се’ ќе беше в ред доколку на звучниците не беше пуштена актуелната програма на радиото „Антена 5“. Најпрво си помислив дека тоа спаѓа во концептот на уметникот, но потоа сфатив дека нема шанси да е така, Петровски покрај ваков сложен и одлично реализиран концепт, не би си го дозволил тоа. Ова е премногу повеќезначно за, додека поминуваме низ неговите длабоки слоеви, да слушаме хитчиња на звучниците.

Како и да е, изложбата, која беше отворена на 24 ноември, ќе трае уште три дена, до 04 декември. Побрзајте да ја видите и доживеете врз својата кожа 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *