Кон „Идис“ од Робер Бадентер

Неодамна, како специјално издание, излезе книгата „Идис“ од Робер Бадентер, во одличен превод од француски на македонски јазик на Гзиме Старова. Документаристичката проза е составен дел од издавачката дејност на ИЛИ-ИЛИ и досега може да се пофали со вистински бисери од овој жанр: доволно е да ги споменеме наградуваната „Кон езерото“ на Капка Касабова, или пак „Готленд“ на Мариуш Шчигел. Токму полската книжевност го негува овој израз благодарение на Ришард Капушќински и сите негови наследници кои продолжија ревносно да ја градат оваа литературна приказна. Секако, да не ја заборавиме и врвната белоруска авторка Светлана Алексиевич, чии значајни дела и’ донесоа Нобелова награда за литература.

Бадентер е презиме кое многумина на овие простори ќе го поврзат со неговиот политички ангажман околу осамостојувањето на Македонија по распадот на СФРЈ. Имено, тој беше претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991), која, под негово претседателствување, констатираше дека РМ ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа беше прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје во 1996 година. За негово најголемо достигнување во правната кариера се смета придонесот за укинувањето на смртната казна во Франција во 1981 година, во времето на Франсоа Митеран како претседател на Републиката. И во однос на делата кои ги издаде, претежно доминира правната литература и проблематика, со теми кои варираат од аболиција, преку случајот „Владимир Путин“ па се’ до антисемитизмот како вечна тема. На овие изданија во 2018 година Бадентер им придодаде и едно дело на кое е особено горд, романот „Идис“, семејните мемоари кои авторот ги пушта низ литерарни филтри погодувајќи во самата срж.

Фактот дека моќните фигури на бабите во семејството можат да бидат вистинска книжевна инспирација докажува и овој роман на Бадентер, кој ја напишал оваа книга од почит кон својата баба по мајка, Идис. Пишувајќи за нејзиниот живот и патешествието на семејството како еврејски емигранти на Руската Империја, авторот дава неверојатен приказ на животот на неколку генерации на семејството на неговата баба дојдени во Париз пред 1914 год. Поделен во осум поглавја, завршувајќи со краток епилог на крајот, „Идис“ е интимна приказна за премрежијата на едно еврејско семејство во турбулентната прва половина од 20 век, кога се случиле две светски војни и кога, за жал, антисемитизмот го доживеал својот врв.

Приказната започнува во последните децении од 19 век кога Идис се родила во геополитичкиот простор познат како „Јидишленд“, областа во централна Европа која се простира од балтичките земји до Црно море, од германската империја до Русија, територија на која живееле повеќе од 11 милиони Евреи. Идис со семејството живее во „Штетел“, назив за село на руската граница со поранешна Бесарабија, денешна Молдавија, каде се’ е неизвесно. Таа праќа интимни молитви до Севишниот да го зачува нејзиното сиромашно семејство, на кое уште од мали нозе му помага со вештината на везење убави нешта за имашливите луѓе. Големата љубов која ќе и’ се случи сепак е детерминирана од политичко-општествените околности, и нејзиниот сопруг заминува да војува за царска Русија. За да го прехрани семејството, таа ќе влезе во шверцерски води, и само добрината на крајот ќе ја спаси од можната казна. По пет години, нејзиниот љубен Шулим се враќа од фронтот, а Бадентер вели „за да се опише среќата на Идис, потребно е перото на Гогољ“. Токму во тие среќни околности се раѓа и мајката на авторот, Шифра. Така започнува една епопеја чија завршница ќе се случи во Париз.

Градот на светлината во почетокот на 20 век бил ветената земја на многу избеглици во потрага по својата среќа. Секако, и Америка, но крајната европска дестинација, покрај попатна Виена, сепак бил слободарскиот Париз. Покрај коцкарските долгови во кои заглавува Шулим, главната причина за бегство не само за семејството на Идис, туку и на илјадници Евреи од Источниот дел на Европа, е растечкиот антисемитизам кој не им дозволувал да одат чекор понатаму во своите животни определби. Погромите однеле многу невини животи, и на некој начин биле предвесник на она што нацистите подоцна ќе го реализираат како најмонструозен план во историјата на човештвото, реализирајќи го ѕверскиот Холокауст со шест милиони жртви. Трошка надеж им дава често споменуваната во книгата, „аферата Драјфус“, историски познатиот скандал за артилерискиот капетан Евреин кој бил осуден на доживотен затвор за предавство, иако немало докази за тоа. Откако по неколку години бил ослободен, тоа им дало ветар во крилјата на многу Евреи кои почувствувале дека токму Франција може да биде нивната ветена земја. На тој чекор се одлучува и Идис со нејзиното семејство.

Иако книгата на Бадентер е интимна приказна за падот и развојот на едно еврејско семејство, низ неа провејуваат безброј историски факти детерминирани од општествено-политичките случувања на стариот континент. Покрај споменатите антисемитски движења и Холокаустот, може да се прочита и за растечкиот ционизам како вечен стремеж на Евреите за своја сопствена држава. Бадентер, меѓу другото, потсетува дека таа идеја особено била провокативна за младите луѓе и дека основачкиот конгрес се одржал во Бал во 1897 година. Бадентер потсетува и на погромот во 1903 година во Кишињев, кога биле убиени и ранети многу луѓе, благодарение на омразата на локалната власт. Поради сето ова, митскиот, ветен град бил токму Париз, каде и покрај тоа што на градските ѕидови фигурирале пораки како „Смрт за Евреите“, сепак, Републиката била отворена за сите дојденци и колку-толку го штитела нивното право на живот.

Сепак, Бадентер е реален и не ја раскажува приказната низ верската припадност, туку отворено зборува за класните разлики во општеството кое го сочинувале високо позиционирани еврејски аристократи, и остатокот – работниците и ниската средна граѓанска класа, која преку својата работливост се обидувала да го најде своето место под сонцето. Меѓу нив и синовите и ќерката на Идис, кои поради нејзината строгост и чувство за праведно воспитување, го бираат патот на просветителството преку квалитетното образование кое го нудела француската држава. Успехот, според Идис, на крајот ќе биде неминовен. Оттаму и поговорката „Среќен како Евреин во Франција“.

Но и Париз, како нов Ерусалим, си има свои крвници. Тоа до израз ќе дојде во подоцнежните сцени, кога Градот на светлината ќе падне под окупација на нацистите. Дотогаш Идис и нејзините сакани ќе успеат да се прилагодат на новонастанатите животни околности, работејќи занаетски работи кои ја полнат семејната каса за некои идни, несигурни времиња, кои неминовно ќе дојдат. Преселбите се чести, но секоја од нив е за ново добро, а максимата „гостопримството е богатството на сиромасите“ секогаш ќе се покаже на дело кога треба да се згрижи некој нов дојденец кој се чувствува загубено во градот, или само транзитира кон ветената Америка.

Раскажувајќи безброј животни судбини, Бадентер во оваа книга го сецира и француското општество низ годините, и неговата толеранција во однос на новите жители. Нивното етаблирање оди споро, но сепак неговото семејство е задоволно од третманот, и со новиот закон во 1927 година, тие стануваат рамноправни граѓани на Републиката добивајќи државјанство. Истовремено, авторот ја потенцира и поделбата на мажи и жени, и нагласува дека неговата баба, а особено неговата мајка, која била талентирана, би постигнале многу повеќе доколку општеството не ги поттурнувало секогаш кога требало родово да се избира. Во тие моменти, девизата „Слобода, братство, еднаквост“ како намерно да се подзаборавала.

Еден пријатен, засебен дел од романот содржи и глорификација на новата, филмска уметност во колевката на подвижните слики, Париз. Имено, секој арондисман си имал сопствено кино, дури и по неколку од нив, и главната занимација на луѓето било токму тоа – со пријателите да се помине убава вечер пред платното каде, по фељтонот, ќе изгледате убави приказни во затемнетата сала, а често и на отворените плоштади каде се одвивале проекциите. Со тоа Бадентер го пренесува своето искуство со првите вљубувања, првите бакнежи на големиот екран, но и првите разочарувања. Накратко – животот со сите негови бои!

А токму тој, животот, со сите предизвици и премрежија, комплетно се менува по бомбардирањето на француската метропола и заземањето од страна на нацистите. Од ден на ден животот за Евреите станува се’ потежок, а Идис, таа моќна фигура која по смртта на сопругот од рак се’ уште успева да го држи семејството во заедништво, почнува да сфаќа дека нејзиното време одминува. „Луѓето се лоши“, нејзиниот светоглед од „Јидишленд“ повторно се враќа во игра, и тоа ја згаснува и нејзината последна желба за поправање на нештата кои одат во неповрат. Преселбите од оваа и онаа страна на „слободната зона“ за момент ги стишуваат работите, но крајот се чини неизбежен, особено кога во синхронизирана акција локалните квислинзи ги палат сите париски синагоги. Тоа го крши срцето и на најсилниот човек, каква што била Идис. За тоа како растело злото, Бадентер на крајот од книгата ни дава совршен преглед како се менувале законите во републиката под раководство на владата на Виши, подредувајќи ги во три целини: ксенофобни, антисемитски и германски мерки за Евреите.

Сепак, овој осврт кон книгата би сакал да го завршам со позитивната страна на приказната, а неа, меѓу другото, ја гледам и во прилогот од средината на книгата, кој изобилува со мноштво семејни фотографии. „Една слика – илјада зборови“, вели изреката, и токму во овој семеен албум како составен дел од книгата на Бадентер можат да се видат многу детали за луѓето, отсликувајќи го духот на времето, надополнето со фактографија со приложените оригинални документи како барање за вселување, декрет за државјанство, добиени награди во основно училиште, па се’ до личната карта на хероината Идис.

Ако се раководиме според тоа дека семејните приказни се онаа, вистинската животна инспирација, Робер Бадентер на најдобар можен начин успеал сеќавањата да ги артикулира во една прекрасна книжевна приказна, така објавувајќи ја веројатно книгата на својот живот. Дајте и’ шанса на „Идис“, бидејќи додека ја читате, ќе ја преиспитате и својата животна сторија и причините за постоење и егзистирање на овој свет и век, овде и сега.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *