- IДеновиве во Музејот на современа уметност во Скопје може да се проследи изложбата насловена „Соба за паника“ со поднаслов „Скок во мислењето“. Во неколку изложбени простори, вклучувајќи ја и кино салата, уметниците со своите дела, под кураторство на Љиљана Неделковска, се осврнуваат на последиците од климатските промени, на чии процеси во голема мера влијае нaчинот на кој човекот се однесува, ја искористува и уништува природата, забрзано менувајќи ги животните услови, истовремено тематизирајќи ја состојбата на глобалната опасност што му се заканува на светот.
Пред влезот од музејот на скопското Кале вообичаено ме пречекуваат кучињата скитници, фино залегнати на есенското сонце. Чувствувајќи го мирисот на ќебапчиња кој доаѓа некаде од близу, влегувам во средишниот галериски хол каде и започнува изложбата отворена на 02 октомври.
Првото дело, акрилик на платно насловено „Консумеризам“, му припаѓа на Матеј Богдановски. „Консумеризмот е игра која денес ја играат многу луѓе. Некои свесно, но поголемиот дел потполно несвесно. Играта е многу примамлива и лесно се игра, а на крај изгледа како сите да добиваат“, не’ воведува уметникот во своето дело, кое се осврнува на современиот начин на живеење, каде буквално се’ е на продажба. „Купујем-продајем-купујем-продајем, новац у рукама“, пееја на времето белградските ЕКВ.
Следи инсталацијата на Нада Прља насловена „Дневник на катастрофи“. На ѕидот низ офсет печат во црна боја се претставени информации за најголемите глобални катастрофи во последнава деценија, како реакција на комерцијализацијата на весниците при продавање на „страв“ на конзументите, користејќи ги токму катастрофите како дневна доза на вести.
Секогаш луцидниот Ѓорѓе Јовановиќ користи простор кој прв пат го гледам отворен за изложби. Делото „Nocturnal Landscapes“ во, за мене, новооткриената соба содржи објект и видео кое оди во луп.
На едно големо пано се проектира приказната анимацијата во која уметникот не’ воведува низ приказна „позајмена“ од култниот филм „Жртвување“ на Андреј Тарковски, приказна за уништените пејзажи на современиот свет на кои единствен сведок е бувот, кој гледа што се случува и во – темница!
Јане Чаловски и Христина Ивановска се одлучуваат за десет графики во дигитален печат на архивна хартија за да го претстават „Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен“, во кој боите имаат главна улога, означувајќи различни апсекти од општественото и природното опкружување на човекот.
Во музејското кино се прикажува кусото видео на Искра Димитрова насловено „Жед за боја“, за кое таа наведува дека е „снимено за време на полициски час во пандемиски услови, и дека поривот за боја која ја гледаме на екранот е спротиставен на секојдневата шокирачка терминологија на сувите статистички податоци, која пак е спротставена на телесноста“. Позитивни, тестирани, заболени, оздравени, сомнителни, дезинфицирани, смртни… се исписите врз различните бои кои блеснуваат во вашето лице додека седите во затемнетата просторија на киното и го следите уметничкото видео на платното.
Верица Ковачевска, пак, не’ води на виртуелна тура низ швајцарскиот град Винтертур, обидувајќи се да ја развие нашата имагинација за тоа како би требало да изгледа еден модерен европски град на средината од 21 век, односно, за 20 години отсега.
Велимир Жерновски е претставен со инсталацијата „Отаде“ ЦРНО 2016-2020, низ серија од сито печат графики, објекти и интервенции врз постоечки објекти, како алузија на рециклирањето на нештата во овие (пост)модерни времиња.
Колективниот уметнички настап под името ОПА (Опсесивно посесивна агресија) со проектот „Се грижам затоа што се грижиш“ бара ангажман од посетителите, кои треба да потпишаш изјава обесена на ѕидот, да земат торба и да се придржуваат до дадените насоки. Авторите сакаат да посочат на еколошката катастрофа која се предизвикува со производството на пластика, која што побргу треба да се исфрли од употреба, или ако не може, барем повикуваат да го намалиме нејзиното користење во секојдневието.
Видео инсталацијата проследена со текст на Филип Јовановски може да се види во просторијата зад музејското кино. Фрагментот од „Оваа зграда зборува (на)вистина“ се осврнува на заедничкиот живот во Железничката зграда во Скопје, можеби единствената од ваков вид која сведочи за некои минати солидарни времиња, кога заедништвото и делењето на нештата во еден заеднички простор создавале и можност за постојана дружба и интеракција меѓу жителите.
„Моето сонце“ на Никола Узуновски „узурпира“ најголем простор на изложбата, користејќи го токму отворениот агол од големиот галериски простор каде, погодувате, има највеќе сончева светлина. Утопискиот проект кој комбинира уметност и наука „фантазира“ за создавање на летечки објект кој би рефлектирал сончева светлина, истовремено изгледајќи како самото Сонце.
И на крајот од оваа прошетка низ МСУ, вистински доказ за тоа кога уметноста ќе се претопи во животот. Инсталацијата на Нехат Беќири насловена “Син леб“, поставена во коцката под отворено небо, поради дождот претходната вечер, мораше предвреме да биде симната од ѕидот, па симболиката на „синиот леб“ на крајот заврши во црната вреќа за ѓубре.
„Изложбата можеби треба повеќе да се чита како еден вид експеримент, вежба во мислењето, поттик и обид од мислењето да се направи настан, сила со потенцијал за трансформација и промени, оттколку само како постановка на дела коишто можат, преку понудените уметнички и естетски концепти, длабоко да не допрат и за миг да ја разбудат во нас свеста за опасноста во којашто се доведовме, и себе си и светот. Зошто, за да мислиме, не треба само да станеме свесни, туку треба да направиме и пресврт. Пресврт во мислењето“ се вели во текстот по повод „Панична соба“, кој наведува дека делата кои се претставени се само почетен стадиум во понатамошна размисла за понуденото. Затоа, посетете го МСУ до 05 ноември и видете ги делата во живо, можеби навистина ќе се случи промена во вашиот ум!?