Ми се допаѓа кога ќе наидам на текст од добар познавач на материјата, напишан со срце. Во случајов се работеше за ФБ пост на страницата „Странски сликари во Македонија во периодот од 1850 до 1950“ на Влатко Милошевски, кој пролетта во Музејот на град Скопје ни приреди вистинско задоволство со неговата истоимена изложба за која, за жал, не стигнав да напишам ниту збор. Но, сигурен сум, ќе има други прилики во иднина.
Влатко шетајќи летово низ Охрид, наишол на одлична изложба, а импресиите несебично ги сподели со сите нас. Најавата велеше дека изложбата на Аница Китаноска насловена „Скаменети потези“ набргу ќе гостува и во Скопје, па кога го видов датумот, 8 октомври, со возбуда го чекав денот кога ќе ја посетам поставката на Старата железничка станица. Се разбира, го скокнав отворањето бидејќи не сакам формалности и говоранции, и рано наутро следниот ден се нацртав уште во 9 часот во музејот, каде чуварот чудно ме погледна, но љубезно ме однесе до изложбениот салон, и откако прашав, вети дека ако останал некој примерок од каталогот, ќе ми го донесе. Се заблагодарив и во следниот час се нурнав во убавините изложени на ѕидовите.

Мозаикот е едно од врвните достигнувања во уметноста. Кога ги посетуваме Хераклеја, Стоби, Плаошник… уживаме во зачуваните примероци на мозаичната уметност од минатото. Пред дваесет години, за време на посетата на Тунис, имав привилегија да го посетам еден од најголемите и најбогатите музеи во светот со мозаици, „Бардо“. Неверојатно беше чувството да се застане пред огромните мозаици обесени на ѕидовите, преполни со бои и виртуозно мајсторство. Впечатоците ги пренесов во текстот кој покрај „Бардо“, е посветен и на легендарната Картагена.
Враќајќи се на скопската изложба на Китаноска, академскиот сликар Васко Ташковски во воведниот текст на каталогот раскажува за неговото искуство кога босоног чекорел по плиткото крајбрежје крај езерото, гледајќи во сите тие камчиња во различни бои кои светкале на сонцето, размислувајќи колку милиони години тие се тука, чекајќи да бидат вградени во некој мозаик. Тој многу прецизно ја опишува техниката со која уметничката ги изработува своите дела – „како да сте зеле масло на платно од Ван Гог или Клод Моне и сте го ставиле во крио-комора за длабоко замрзнување, па пигментите од бојата и потезите на сликарската четка се скамениле/замрзнале во илјадници микро-кристали“. Токму тоа и ме очекуваше на дваесетината слики поставени во музејот, квантитативно не многу, но квалитативно и повеќе од тоа, бидејќи секое дело претставува приказна за себе.

Аница Китаноска е Вевчанка родена во 2000 година. Во 2018 година завршува средно образование во ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ во Скопје, а дипломирала и магистрирала на Академијата за ликовни уметности во Равена во 2021/2024 година. Иако млада, нејзините дела зрачи со зрелост и самодоверба. Црпејќи искуства од срцето на богатата традиција на италијанската уметност, таа им дава и свој, автентичен печат, вметнувајќи ја во нив силината на вевчанските извори, тишината на околната природа, бојата на Охридското езеро во далечината… создавајќи комплексен свет пред чија сугестивност можете само да молчите и да уживате. А што повеќе и би посакале!?

Почитувам кога изложбата има своја приказна, кога делата се наредени со замисла која потоа кај посетителот предизвикува илјадници зборови кои создаваат нови светови. Една од нештата на уметностите е да се испреплетуваат меѓу себе и да се инспирираат едни од други. Китаноска со „Скаменети потези“ го направила токму тоа, заробила фрејм од стварноста, и со својата техника на изработка тој момент го претворила во вечност. За нејзината уметност таа раскажува во интервјуто поместено на крајот од каталогот, кое, интересно, што и не е баш честа практика, е изложено и на почетокот од изложбата како еден вид исповед на уметничката, во замена за сезнајниот куратор кој во последниве пар децении е оној што треба да ве насочи што и како треба да размислувате.
– Семејното наследство на вевчанските неимари ја обликува мојата уметничка определба, но и свесноста дека Равена е единственото место во светот каде мозаикот може да се изучува на академско ниво, што ја прави таа можност навистина ретка. Мозаикот отсекогаш сум го доживувала како исклучителна техника, денес речиси заборавена, во споредба со сликарството. Кога заминав таму, не знаев дека постои современ мозаик, но токму тоа откритие ме обликуваше, да гледам на традицијата не како на минато време, туку како жива основа за експеримент и развој на мојот личен пристап, во кој секое камче станува „скаменет потег“ – објаснува Китаноска.

Првата слика е насловена „Ветре“ и датира од 2019 година. Значи, ова се дела додека Китаноска се’ уште била на факс во Италија. Супер, може да се следи нејзиниот развој во последниве неколку години, заклучувам. Класиката „масло на платно“ ни нуди еден вртоглав свет со влез во шумата, влез во непрегледната убавина на природата, слика која е толку уверлива што навистина можете да го почувствувате ветрето како ве гали по лицето.
Интересно, веднаш до големата се наоѓа помалата истоимена слика, но изработена една година подоцна, на која мотивот е изработен со стаклена паста. На минијатурата е видлива поголемата посветеност врз деталите, па така шумскиот пат долу изобилува со уверлива игра на светла и сенки, а лево горе лисјата и гранките создаваат едно моќно зелено сонце кое го нема кај „поголемиот брат“. Всушност, овој принцип на мотиви во мал и голем формат продолжува и кај поголемиот број од следните изложени дела, како прашање-одговор, како монолог кој се претвора во дијалог, како сијамски близнаци кои се во постојана игра меѓу себе, но и со немиот посматрач пред нив. Впрочем, и самиот поднаслов на изложбата гласи „Синергијата помеѓу мозаикот и сликарството”. Заводливо!


Следи диптихот „Меморија“ повторно со комбинација на техниките „масло на платно“ и „стаклена паста и мермер“. Сеќавањето на минатото, на времињата кога на светот и векот можеби се’ уште не постоеле луѓето, туку само природните убавини, сето тоа е вградено во водите и камчињата во нив, тие паметници кои не дозволуваат лесно да бидат скршени, туку решително ја чуваат мудроста на планетата Земја. Маестрална изработка на делата кои ја раскажуваат и историјата на богатствата во нашата татковина. Време, води… сеќавања…

Двојната „Душа“ е премин кон вселената, кон „Сублунарното“ искуство на човекот со погледот свртен угоре, кон небото. Комбинацијата на боите и во обете дела е речиси совршена, при што претопувањето од една во друга нијанса функционира како просветлување, како искуствена катарза. Се прашувам како сето ова би изгледало на ЛСД? Не знам, Тимоти Лири одамна се претопи со/во боите 🙂



Шегата на страна, затоа што веќе пристигнавме на нова планета. Уметничката го контролира патувањето со поигрувањето со формата, овој пат менувајќи ја правоаголната со кружната траекторија на чувствата. „Архе“ 1 и 2 ни вбризгуваат нов кислород во белите дробови, пуштајќи ни ветар во крилјата за да продолжиме понатаму, бидејќи лека-полека се движиме кон централниот дел на поставката.

Маестралната „Дабова шума“ само не’ потсетува дека ние се’ уште сме во непрегледните предели на магичната гора, онаа крај Вевчани, на Јабланица. Шумата е оној митски простор во кој се појавуваат Дријадите со фенери в рацете, таа е околината во која се’ е можно, па дури и атмосферата од предното платно да се преслика отстрана, по рабовите на рамката, на тој начин добивајќи повеќедимензионално искуство.


По ова отрезнувачко сознание, следи напливот од емоции, преточени во сликите едноставно насловени „Искра“, „Сознавање“, „Ритам“, „Емпатија“ и „Звук“, совршени референци за еден прекрасен расказ исполнет со бои и звуци.




И да, без никакво сомнение, сето ова е дело на потсвеста. На онаа на Китаноска, на нашата потсвест, на индивидуалната, на колективната потсвест… како што милувате. Истоименото дело гордо ја раздвојува изложбата на дела поставени на левиот и десниот ѕид од музјскиот салон, на левата и десната хемисфера во човековиот ум. Диптихот изработен во 2022 (стаклена паста и мермер) и 2025 година (масло на платно) може да функционира и како финализација на една убава замисла која ја гледаме во Музејот на град Скопје, а се’ уште сме само на половина од патувањето. „Planet Earth is blue and there’s nothing I can do“, пееше Боуви на времето.


Изложбата продолжува од десната страна со најголемото изложено дело во рамките на „скаменетите потези“, на кое доминира кафеавата боја, небаре не’ повикува богот Марс во неговите пазуви. Густината на изработката истовремено ве притеснува во тој мал простор во рамките на делото, а потоа, по неговото восприемање, ве катапултира кон надворешноста на обвивката. Чудно чувство на двојност предизвикано од ефектот на боите, небаре сте се загледале во оние нафтени флеки од автомобилите врз патот што како деца не’ мамеа да се ѕвериме во нив.

„Look, but don’t touch!“. „Допир“ 1 и 2 е мајсторски изработен диптих во кој зелената боја ја разбива претходната кафена, повторно носејќи свеж здив во воздухот. Она ветре од почетокот на изложбата се’ уште упорно не’ следи и не се предава. Задоволството од виденото е уште повеќе засилено, емоциите се речиси на врвот. Следи крешендото.

Но… во еден момент се слушаат чекори во далечината. Излегувам од „приказната“ и се вртам кон влезот од галеријата. Чуварот се појавува зад аголот со голема насмевка и ми вели: „Господине, најдов примерок од каталогот, сепак не се разземале сите на отворањето. Повелете“. Ме стопи човеков. „Ти благодарам од срце, јас имам уште малку…“, промрморев, ко човеков да ме брка, а тој љубезно ми возвраќа: „Не се секирајте, само уживајте. Момето е од Вевчани, колку што разбрав, и убави слики направила“. Тушеееее!!!

Не да направила, туку сериозно се доближила до врвните мајстори. По посетата на „Орси“ во Париз, бев задоволен што конечно ја почувствував ликовната уметност во сиот нејзин сјај. Сликата „Ѕвездената ноќ над Рона“ ми докажа дека сликите се жива материја, и дека доколку ви се наклонети ѕвездите, тие можат пред вас и да оживеат. Сликата на Ван Гог од 1888 година си поигра со мене и многу сум и’ благодарен за тоа.
Китаноска во следното свое изложено дело насловено „Цибрина“ го дофатила токму тој вангоговски момент, и ме воодушеви. За време на јасник-ден, кога времето е многу студено, а небото чисто, ведро и јасно, таа меланхолична цибрина се доловува токму со употреба на вангоговски бои, доловувајќи го чувството на небесната супериорност. За разлика од „Рона“, овде ѕвездите се изоставени, но затоа доминираат дрвјата наспроти небото, со сета нивна моќ и продуховеност. Поради референцата, сеќавањата, но и поради чистината на изразот, ова беше делото кое највеќе го задржа моето внимание.

„Кругот не е тркалезен“, гласи слоганот во еден наш филм, а во случајов тој и тоа како е тркалезен, и вреска ли вреска! Како контрапункт на доживеаното, Китаноска ни шприцнува доза од силни сончеви илуминации, небаре го слушаме вресокот на Мунк. Онаму кадешто владее хармонијата, таму Сонцето е Бог. Иако не се диптих, со самото тоа што се едно до друго, овие дела се надополнуваат како спротивности што се привлекуваат.


По силните емоции, следи серијалот од 6 дела насловен „Сознавање“. Пред самиот крај на изложбата чувството на сознавање на нештата е веќе присутно, и се’ што ни преостанува е да ја заокружиме приказната со последните две изложени дела.




„Непознато место“ и „Попадина“, и покрај сеприсутното сознание дека ова е феноменална изложба каква одамна не сум гледал низ скопските музеи, сепак ја задржуваат онаа доза на мистериозност, толку потребна на крајот од секоја приказна. Затоа што некој умен рекол: „Не смееш да покажеш се’, бидејќи тоа веќе не е уметност“.


И сосема на крајот, пред да заминам преполн со впечатоци, се случи убав момент – изложбата ја посети една Афро-Американка која љубопитно ги разгледуваше изложените дела. Ова како да беше знак дека Китаноска ја чека убава иднина и на интернационален план, само да продолжи да создава, притоа останувајќи бескомпромисно своја.

До следната нејзина изложба, која се надевам дека ќе ја видиме набргу… време беше да седнам, да ги сублимирам впечатоците и да го напишам овој текст.
