МКЦ, кино „Фросина“, 17.05.2019, 21 часот
Во предвечерјето на евровизиската халуцинација на која ќе биде подложена речиси целата македонска нација, сметајќи дека ги достигнала врвните дострели во поновата музичка историја, во МКЦ се случи долгонајавуваната концертна промоција на вториот албум „Devotion“ на мултиинструменталистот Мухамед Ибрахими. Во опуштена и пријателска атмосфера, музичката сцена која жилаво се бори да опстане уште еднаш докажа дека знае да изнедри ликови кои животот на ова тло, во овој град, го прават поднослив, па дури и на моменти хедонистички пријатен. Големата непознаница за поголемиот дел од публиката конечно на прекрасниот концерт го покажа своето вистински талентирано лице и ни приреди задоволство на сите нас, присутни таа петочна вечер во култниот дом на култура крај Вардар.
Во „Македонската рок енциклопедија 1963-2018“ на Тошо Филиповски, името на Мухамед Ибрахими е споменато во три наврати – на 71, 221 и 222 страница. Во првиот случај како дел од групата Blla Blla Blla на Идриз Амети, која на 14 септември 1990 година ќе настапи на словенечкиот фестивал за млади бендови „Novi Rock 9000“ и во која, покрај Ибрахими на гитара, во бендот ќе бидат и Димитар Петров на тапани и Тефик Ибрахими на бас. Таа ѓорче-петровска рокенрол линија Ибрахими ќе ја продолжи и со учество на неколку албуми и свирки во бендот Mooger Fooger на Сеад Хаџиќ Сецко: најпрво како гостин на гитара и сас на концертната промоција на албумот „Luckiest woman“ на 26 април 2008 година на летната сцена во МНТ, а потоа и како инструменталист на албумите „4th July“ (2010, мандолина), „La Kana“ (2012).
Две години подоцна, поточно на 27 јануари 2014 година, под капата на PMG recordings, излегува деби албумот на Мухамед Ибрахими насловен „Fly“. Ваквите временски дискрепанци помеѓу еден и друг проект веројатно не го поколебаа музичарот да истражува длабоко во себе и конечно на виделина да ни го подари неговиот личен музички светоглед, она што тој навистина го поима како музика која доаѓа директно од неговите прсти и секако, од срцето. „Fly“ содржи осум теми меѓу кои насловната и „Македонска девојка“ ја навестува неговата елегична нота, „Invasioni Turk“ е скица која ја доразвива во неговиот следен проект, а „Елена“ е вистинскиот бисер на албумот.
Пет години по првенецот, Ибрахими, на радост на фановите кои во меѓувреме го гледаа во разно-разни поводи и прилики со кратки гостувања на различни културни настани низ градот, ни го подарува и вториот албум „Devotion“ (снимен во студиото Blla Blla Blla на Амети и повторно издаден за PMG), на чија концертна промоција всушност присуствувавме, секако, надополнета и со материјалите од „Лет“. Интересно, цената на билетот за влез на таа магична вечер во преполната сала на киното „Фросина“ беше симболични 250 денари, десет пати поевтина од онаа за влез во „фан питот“ на концертот на Лени Кравиц во арената „Борис Трајковски“ пар седмици претходно. Можеби споредбата е неумесна, но во случајов, откако се уверивме во живо во виртуозноста на г-нот Ибрахими, баш ми е ќеиф да ги ставам овие два музичара на ист кантар, барем од овој аспект.
„Посветеност“ е вистинскиот збор кој ја опишува работата на Ибрахими на својата нова музичка визија. Албумот содржи девет теми кои маестрото, потпомогнат од Ратко Даутовски на перкусии, Благојче Пенов на тапани, Јаков Наумоски на гитара, Кренар Исмаили на виолина, Никола Стојмановиќ на мандолина и Златко Димитријоски на бас, ги изведе со посветеност и страст, на задоволство на публиката која после секоја тема френетично аплаудираше.
Концертот започна во полн состав, со сите музичари на сцената, кога посведочивме дека возбудливиот материјал од албумот е добро извежбан и не’ очекува одлична концертна вечер. Во следната тема Ибрахими почнува жесток ритам на акустичната гитара, како да е излезена од филмот „Валтер го брани Сараево“, добро одржувајќи ја тензијата во воздухот пред да го поддржат останатите инструменталисти на сцената. И следните теми носат „опасно“ возбудливи звуци, создаваат пријатна тензија, имаат свој развој, врв, крешендо, соодветно финале и заслужени стоечки овации на крајот. Авторот и композитор Ибрахими собрал одлична екипа која совршено се надоврзува на неговите музички погледи. Но, се чини дека Ибрахими во оние соло парчиња, кога само тој го милува својот омилен инструмент, како да е најсвој, најдив, најжесток. Иако навидум се’ звучи како да е отсвирено по ноти, како на студиските албуми, сепак во тој некој меѓупростор сигурен сум дека музичарот импровизира ноти за сопствена душа, кои исто така звучат вонвременски. Верен следбеник на таа музичка слика е Ратко Перкашн Даутовски, кој во своето опкружување има разни алхемиски помагала, од „дубакот“ на кој седи, преку разни метлички, „маталки за тесто за палачинки“, „дупнати“ чинели и една впечатлива „тапан-тепсија“, кои создаваат совршен ритам кој те тера да играш и да играш, иако вечерта бевме ограничени во седиштата во киното „Фросина“ (препорака следниот концерт да биде стоечки за да можеме да ѕенѕаме).
Интересно, и покрај громогласните аплаузи после секоја отсвирена тема, атмосферата во салата набргу се стишува, и сите нетрпеливо го очекуваат следното музичко парче. Ибрахими суптилно го бара совршениот звук на акустичните гитари кои ги менува, додека штима повремено се јавува фонија, но таа не пречи на остатокот од концертната вечер. Иако самиот концерт има акустичен шмек, музичарот на моменти, вешто движејќи ги прстите по вратот на гитарата, повремено потчукнувајќи ја за да создаде минимален психоделичен ефект, создава многу богата звучна слика, како на сцената да е пристуен цел симфониски оркестар. Звукот е полн, а задоволството на квадрат. Момците музички не’ пренесоа низ сите меридијани, од Дивиот запад, преку секогаш жешката Андалузија до самото срце на Африка, и кога на тоа ќе се додаде суптилниот хумор на артистот кога го соблекува сакото, па добива заводливи свирежи од публиката, и тој повторно го облекува, за на крајот сепак да се раскомоти, логично е по завршувањето на концертот, на цигара надвор пред МКЦ, да имате 200-300 супер задоволни и насмеани луѓе.
„Имате ли вие дома?“, прашува Ибрахими по вториот бис, па ја зема гитарата и го заокружува настапот во најдобро можно светло. Со тоа покажа дека за квалитетен концерт нема потреба од видео материјал на платното, разни светла и не-знам-што на сцената, туку музиката е таа која доволно зборува самата за себе. Доколку истата ја изведува маестрален музичар, тогаш се’ си е на место и потаман. Влатко? Пако? Хм…
(Текстот е објвен и на kritika.mk)