Кон „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на Срѓан Јаниќијевиќ

Долгоочекуваниот филм на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ синоќа ја доживеа премиерата и во домашните кина. „Нема да ви се верува што се случи претходно“ најпрво ja доживеа светската премиера во септември на филмскиот фестивал во германскиот Олденбург (таканаречениот „европски Санденс“), а потоа и македонската на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. На тој начин, по учеството во омнибусите „Светло сиво“ (1993) и „Скопје ремикс“ (2012), режисерот конечно и’ го „подари“ и својот самостоен првенец на публиката.

Потпишан и од ко-сценаристите Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски, на ова напнато филмско патување веројатно би му прилегал жанрот „политички трилер“, но би сакал да направам отстапка и да го сместам во фолдерот „филм ноар“, затоа што освен што нема детектив и „voice over“, тој ги содржи сите останати елементи на овој популарен жанр од 40-те и 50-те години на минатиот век. Мрачната визуелна естетика, песимистичната атмосфера и моралната двосмисленост истекуваат од платното од секој кадар, надополнети со (анти)херојот, „femme fatale“ и останатата криминална багра, кои го сочинуваат токму „филм ноар“ фолклорот, овој пат спакуван на македонски начин.

Филмот го разголува системот во кој владее корупцијата и беззаконието, систем кој со својата контрола во која никој не одговара за своите постапки, навлегол во секоја пора од општеството пред распад. Сижето го отвора сцената во која страда велосипедист гонет од камионот во осамениот планински предел, убиство кое потоа се расплетува низ целото понатамошно дејствие, кое се случува за помалку од едно деноноќие. За време на тие помалку од 24 часа, чиниш, се’ е можно. Но христијански е да се простува, и затоа дејствието е сместено токму на „Прочка“, кога и најлутите противници за момент може да ви се причини дека имаат хармонични односи. Сепак, на крајот, се’ си има своја цена која треба да се наплати.

Веднаш потоа следи најавната шпица во која метрополата, додека камерата лебди над неа, е претставена низ пораките испишани на екранот, всушност, комуникацијата што на социјалните мрежи меѓу себе ја разменуваат жителите, секој со својата тежина врз грбот. Јаничијевиќ во својата работа е познат по тоа што милува да ги испреплетува медиумите, па така, наместо онаа пловечка камера во спотот за темата „Protection“ на „Масив атак“, режисерот ги ажурира нештата со постапка која е релевантна за денешнината. Истиот сензибилитет се провлекува низ целиот филм, како збогатување на контекстот во кој живееме, паралелно – и во реалноста и во виртуелното лимбо, само да не пропуштиме нешто… освен животот кој минува крај нас после секој „лајк“. 

Речиси целиот филм се случува „on the road“, за време на кој протагонистите ги делат мигови меѓу животот и смртта. Клучот на приказната лежи во контраверзниот видео-клип поврзан со премиерот кој стигнува во рацете на познатиот анти-естаблишмент новинар Бодан (Никола Ристановски). Во тие моменти тој згазнува на гомно, и буквално и фигуративно, и веќе нема враќање назад. Во првата третина ја следиме приказната во која новинарот комуницира со своето трансродово дете Ангел (Лео Долорес Поповиќ), разголувајќи ја состојбата со хомофобијата, со својата поранешна сопруга (Тања Кочовска), со својата актуелна сопруга (Тамара Ристовска), прикажувајќи го хаосот во здравството, и секако, со Шуте (Сашко Коцев), претставникот на власта.

Приказната за Бодан е сторија за „крајот на новинарството“ и неговите предизвици, која завршува бескомпромисно, со еден голем фалус нацртан на кафеанската салфета. Неговата колешка Софија (Дарја Ризова), пак, е дел од вртоглавото дејствие од друга појдовна точка. Таа има лични, а не политички причини поради кои сака да делува против безвластието во сопствената држава. „Што е јавен, а што личен интерес во целата оваа калакурница“, прашува таа во еден момент. Токму затоа реченицата на нејзиниот брат „Виновен си ако умреш тука, а не ако си роден“, која и таа ја повторува во клучните моменти, може да се смета за лајт-мотив на целото филмско остварување.

Кога нивните патишта ќе се сретнат, почнува да се составува целиот „пазл“ во главата на гледачот. И сите имаат своја улога во безредието: и ситниот дилер Деки (Оливер Митковски), и тинејџерката Ева (Сара Сандева), и полицајците (Атанас Атанасовски и Мирјана Трпковска)… а народот, олицетворен во работникот на бензиската пумпа (Горазд Цветковски), и онака се’ бргу ќе заборави, затоа што следниот ден ќе му се сервира нов скандал што ќе го покрие претходниот.

Во една „Дејвид-Линчовска“ завршна сцена со „тајната вечера“, со тавче-гравче и салата зачинета со оперска певица, на која кичот доживува крешендо, балот под маски продолжува се’ до следната жртва. Но во тоа емотивно лудило нема невини, дури и меѓу тие кои мислат дека достојно се спротиставуваат на лудилото. 

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е темен филм кој се следи интензивно, и во кој и покрај согледувањето на мракот со очи широко затворени, сепак остава надеж дека секогаш ќе постојат луѓе што не сакаат да и’ се препуштат на струјата и ќе пливаат спроти брановите, макар и по цена на својот живот и безбедноста на своите најблиски.