Кон „Опенхајмер“ на Кристофер Нолан

Во период кога на светот повторно му се заканува можна нуклеарна катастрофа само доколку нечии налудничави прсти (не)намерно го стиснат црвеното копче, режисерот Кристофер Нолан решава да не’ потсети на животната приказна на творецот на нуклеарната бомба, Роберт Опенхајмер, чиј изум беше употребен за дефинитивен крај на Втората светска војна, откако Јапонија капитулираше. Обидувајќи се да „избоксира“ со аргументите „за“ и „против“, филмот снимен според биографскиот роман „Американски Прометеј“ на Каи Б’рд и Мартин Шервин, кои го потпишуваат и сценариото заедно со режисерот, не’ води на тричасовно патување преполно со незаборавни реплики и успешни визуелни решенија.

Како и секоја приказна од слична провиниенција, и оваа започнува со студентските денови на научникот вљубен во квантната физика, кој во младешките денови бил груб, потценет, своеглав и трапав. Но неговиот талент бил несомнен, и запознавањето со најнапредните умови на неговото време како Нилс Бор, Макс Бон, Алберт Ајнштајн… значеле чекор плус за него кон развивање во посакуваната научна насока. Првиот дел од филмот е интересен затоа што го отсликува духот на времето, 20-те и 30-те години од 20 век, кои биле луцидни, експериментални, авангардни, преку генијалците како Пикасо, Фројд, Јунг, Маркс, Шпанската граѓанска војна… Уште тука се наметнува главната теза во филмот: дали доколку човек е симпатизер на револуцијата и гo поддржува левото крило, тој по автоматизам е непријател на сопствената земја? Подоцна, во последниот дел од филмот, ова ќе биде разработено на долго и на широко преку судскиот процес низ кој поминал славниот научник, за време на Макартиевиот „лов на вештерки“ во 50-те години.

Но главен лајт-мотив на филмот е дали Опенхајмер е „носител на слободата“ или „уништувач на светови“? Таа подвоеност кај него се потенцира во текот на целото дејствие, а аргументите „за“ и „против“ и за двете опции оставаат отворен простор за дискусија и размислување. Сепак, несомнен е фактот дека американската држава за три години потрошила две милијарди долари и вработила четири илјади луѓе во новосоздадениот Лос Аламос, за на крајот да биде создадена атомската бомба која ќе биде фрлена врз Хирошима и Нагасаки во август 1945 година. Опенхајмер храбро го прифатил предизвикот и со тимот научници посветено работел на крајната цел. Со тоа тој од научник -физичар се претворил во политичар. Човечкото преиспитување доаѓа на крајот, кога се прашува дали генијалноста значи и мудрост, бидејќи Пандорината кутија се отворила, и немало враќање назад. Поразително е сознанието дека земјиштето во Лос Аламос, кој научникот сака да им биде вратено на Индијанците, и понатаму ќе се користи за експерименти во воената индустрија, а атомското оружје како закана светот да се држи под контрола. Трите века развој на физиката, со кулминација во 20 век, сепак на крајот се искористени не за доброто на човештвото, туку за производство на оружје за масовно уништување.

И покрај должината на филмот која треба да се издржи, со динамичната филмска музика која постојано ита напред, вниманието е во постојана спрега со случувањата на екранот. Опенхајмер бил познат женкар, и неколкуте еротски моменти се добар баланс наспроти напнатото дејствие. Исто така сцената со тестирањето на атомската бомба во пустината, и покрај невремето, предизвикува морници по ‘рбетот. Играта со тишината, и веднаш потоа со масивниот звук како контрапункт, е прилично ефектна. Да не го заборавиме разговорот со претседателот Хари Труман (брилијантниот Гери Олдман) во Белата куќа. „Овој плачко веќе да не стапне тука“, им вели тој на помошниците додека научникот резигнирано си заминува од кабинетот, откако му е одбиен предлогот атомската енергија да се контролира во меѓународни рамки. И секако, две-три сцени со „забеганиот“ Алберт Ајнштајн (Том Конти), кој и покрај тоа што изгледа како да левитира на овој свет, сепак на крајот му дава многу мудри совети на помладиот колега, кој е нетрпелив кон него, но сепак го почитува. „На крајот сите ќе те тапкаат по рамото, но тоа ќе биде за нивна сатисфакција, а не од почит кон тебе“, му вели на заминување.

Да не ги заборавиме и одличните актерски креации, кои веројатно на следните Оскари ќе влезат меѓу номинираните пет. Килијан Марфи е генијален. Неговата ладнокрвност надополнета со цигарчето во раката се полн погодок при интерпретирањето на научникот со голема самодоверба. Мет Дејмон како претставник на американската војска е одличен, дијалозите на Опенхајмер со него се навистина возбудливи. И вистинскиот бисер во кастингот, господинот Роберт Дауни Џуниор, кој го игра Луис Штрос, човекот кој му ги подотворил академските врати на младиот Опенхајмер, но по „понижувањето“ на една јавна расправа, се буди егото во него, и на крајот не може да се помири се’ додека и пријателот не биде понижен, и покрај успехот со атомската бомба и ставањето крај на војната.

И така, последниот дел од филмот се претвора во голема судница типична за американските остварувања, во која ја гледаме битката на Салиери и Моцарт. Да, да, филмот на Нолан е пресликување на добро познатите односи помеѓу уметникот и љубоморниот (не)пријател, тема која од памтивек постои во уметноста. За некого ваквата разрешница е вистински триумф, а за некого пекол. Сепак, ова е нова територија на која загазил режисерот, бидејќи во претходните остварувања е прилично смел во решенијата, особено на почетокот од кариерата (се сеќаваме на шашавиот „Мементо“, нели). Сепак, како одминуваат годините, острицата затапува, а машинеријата сака филмови кои неколкукратно ќе го надминат потрошениот буџет. Можеби очекувањата на фановите на Нолан биле големи, но овој филм е сепак само уште еден класичен биографски филм на големото платно.

Во секој случај, гледајте го „Опенхајмер“, макар и поради храбрата суптилна назнака при крајот од филмот насочена кон можното непријателство кон младиот сенатор Кенеди, кој потоа знаеме како завршува. „Аматерите бараат сонце, а моќта останува во сенка“, поентира Штрос.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *