Кон претставата „Ова е само крајот на светот“ во Драмски театар

По поставувањето на „Фамилијата Адамс“ на репертоарот на Драмскиот театар, претстава со која режисерката Теа Беговска ни покажа колку во меѓувреме светот се изменил и ненормалното станало нормално, а нормалното – ненормално, сето тоа доловено и низ одличните визуелизации на Никола Пијанманов на сцената, таа со новата премиера го истражува нуклеусот на семејството, местото од каде што потекнуваат сите болки и насмевки на светот.

На денот на пролетта, 21 март, имав можност да ја погледнам на театарската сцена во Скопје, две седмици по нејзината премиера. Овој драмски текст на францускиот автор Жан-Лик Лагарс, во превод и адаптација на Беговска, функционира совршено во времиња како денешниве, кога зад аголот како навистина да се наѕира крајот на светот, а распнатоста од сите страни од нас создава ѕверови кои не гледаат подалеку од сопственото „јас“, се’ потешко искажувајќи ја вистината која гори во градите.

Пред неполна деценија во скопскиот „Синеплекс“ бевме во можност да ја гледаме филмската адаптација на овој текст, кој сценаристички го потпишуваат авторот Лагарс и режисерот Долан. Филмот во кој една од своите незаборавни улоги остварува Венсан Касел, во периодот по долгогодишниот брак со Моника Белучи, не ми оставил голем впечаток на крајот, судејќи по она што тогаш сум го напишал тогаш. Повелете линк од текстот од 2017 година: 

Гледањето на претставата девет години подоцна се разбира дека бара поинаков пристап, што поради годините кои навјасале на грбот на реципиентот, што поради фактот дека оригиналниот текст бил наменет за на сцена, а не за филмското платно, и на крајот, младоста на Теа Беговска, која се нафатила да реализира ваков сериозен и специфичен текст. Интересно, првичниот впечаток ми беше како оној по гледањето на филмот, меѓутоа, како одминуваше драмското дејствие, претставата отвораше нови и нови прозорци за кои вреди да се размислува и дискутира.

Писателот Луис се враќа дома по 12-годишно отсуство, за време на кое тој преку писма му соопштува на семејството до каде стигнал, колку успеал и генерално, како му е во животот. Ова е текст во кој сите овие нешта ги дознаваме посредно, преку разговорите со неговите сестра, мајка, брат и неговата сопруга. Ова е една од оние драми во кои главниот лик околу кого се врти се’ всушност е најмалку вербално активен на сцената, бидејќи неговиот лик го оформуваат впечатоците на другите. За таа цел, играта на Стефан Вујисиќ е минималистичка и внимателно дозирана, но и мора да биде таква, затоа што некои работи едноставно е тешко да се кажат на глас.

Но затоа неговото семејство го нема тој проблем. Тие се гласни, зборуваат отворено, иако, кога Луис треба да ја соопшти главната вест за која е дојден, тие како да не сакаат да ја чујат, постојано прекинувајќи го во таа негова намера. Имаше еден краток момент во претставата, кога по разговорот со сестра му (Сара Климоска) тој останува во нејзината соба, а таа им се придружува во дневната на останатите членови на семејството, и додека Луис „медитира“ не знаејќи како да постапи понатаму, тие ослободени од неговото неприсуство, барем во тие моменти, се среќни и полетни.

Но Луис е свесен дека неговото доаѓање создава немир во семејството, и не му е сеедно, особено кога неговиот брат (Александар Степанулески) без „влакна на јазикот“ му кажува дека не се блиски и никогаш не биле тоа, и дека не треба околу тоа да имаат никакви илузии. Балансот го прави неговата сервилна сопруга (Ања Митиќ), која всушност е најсвесна за ситуацијата во која се наоѓа Луис, прашувајќи го уште колку време му останува… не прецизирајќи што.

Токму овие недоречености се вистинското злато во оваа напната претстава, која се движи во кругови, за на крајот повторно да дојдете на почетокот – ништо да не е решено и се’ да биде како и дотогаш. За тоа најсвесна е мајката (Билјана Драгичевиќ) која се обидува да биде на ниво, да не потклекне на искушенијата повторно да го изгуби синот, но тоа не е толку лесно да се стори како што изгледа.

„Ова е само крајот на светот“ нуди и додатно визуелно доживување на целата драма што се одвива пред очите на публиката, како да сме му влегле во дневната соба на семејството кое се бори да остане здраво, гледајќи им на предизвиците директно в очи. На сцената доминираат двата екрани на кои неколкуте поставени камери наоколу зумираат директно во центарот на дејствието, доловувајќи ни ги и пикселно емоциите на актерите, комлептирајќи го повеќедимензионалниот впечаток на претставата. Исто така, режисерката неколку пати прави театарски рез во текот на дејствието, суптилно успорувајќи го ритамот на времето, влегувајќи директно во умот на главниот протагонист, чиј внатрешен часовник отчукува не знаејќи уште колку. Отсекогаш сум сметал дека таквите мали интервенции се многу посуштински во едно дело, било тоа да е филмско, театарско, музичко или книжевно, отколку грандиозно-претенциозната потрага по вистината.

„Ова е само крајот на светот“ е „мала“ претстава на голема тема во која сите се препознаваме. Би сакал да има што повеќе вакви претстави во нашите театри, дел заради шаренилото во понудата, дел поради можноста да се видиме себеси преку постапките на Другиот, оној на сцената, кој не може да се доискаже до крај.

„Следниот пат ќе се подготвиме подобро“, вели мајката на крајот, но прашањето што се поставува е дали ќе има следен пат? Затоа, Луис, ти тоа го можеш, само собери храброст, брат! Тоа сепак е твоето семејство, твојот нуклеус кој ќе ги поддржи сите твои успеси и падови, какви и да се тие. И не е доволен само поглед во камерата на крајот од шоуто, ти можеш многу подобро од тој цинизам 😉