Кон музиката за филмот „Hannibal“ на Hans Zimmer

Ова парче 54-минутна музика за филмот „Ханибал“ на Ридли Скот го потпиша еден од најпочитуваните композитори во филмската индустрија, Германецот Ханс Цимер. Неговата епопеја започна во средината на 80-те, кога заедно со Дејвид Брн и Ричи Сакамото ја направи музиката за култниот филм „Последниот кинески цар“ на Бернардо Бертолучи, која им донесе и неколку награди, но се чини дека почетоците на компонирање на музика за филм истовремено беа и достигнување на врвот на креативноста за Цимер, па останатите саундтраци беа само повторување на добро познатата формула (Црн дожд, Дождливиот човек, Возејќи ја г-ца Дејзи…).

Но музиката за „Ханибал„ сепак отскокнува од тоа правило, бидејќи самата филмска приказна го дозволува тоа. За разлика од музиката на Хауард Шор за првиот дел од серијалот „Кога јагнињата ќе стивнат“ во режија на Џонатан Дем, која успешно го доловува ехото на клаустрофобијата која преовладува низ филмот, изборот за музика во вториот дел е игра на сигурна карта – италијанската опера. Ханибал Лектор живее и работи во градската библиотека во Фиренца, кадешто ги впива делата на Данте, па логично било музичката подлога да содржи влијанија од класиката, надополнети со перкашн со брзо темпо и нежни синтетизирани жичени звуци, така доловувајќи ја напнатата атмосфера во филмот.

Работата на Цимер на саундтракот е проткаена со неколку класични и псевдокласични дела, како: „Ana Da Capo“ на Глен Голд според Бах, „Gourmet Valse Tartare“ на Клаус Баделт според Штраус, „Firenze di Notte“ на Мартин Тилман и Мел Весон итн. На саундтракот отскокнува темата „Let my home be my gallows“ која вокално го содржи судирот на д-р Лектор со италијанскиот полицаец, како и неколкуте останати теми, во кои исто така гласот на сер Ентони Хопкинс фигурира како движечка сила.

Сепак, музиката на Ханс Цимер како засебно спакуван продукт не функционира баш сјајно, а во филмот само на моменти го доловува суспенсот во експлицитните сцени, што значи дека слушањето на овој албум е по-НЕ-вознемирувачко искуство од самото гледање на филмот.

@Текстот е објавен во двобројот јули-август на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *